Интервју со Драгољуб Апостоловски, претседател на Македонската квиз-асоцијација: Најдобрите ќе ја однесат победата, меѓутоа победници ќе бидат сите

Фото: Приватна Архива

Во минатото кај нас се снимаа квизови каде што имаше пријавено по илјада кандидати само за тестирање и за селекција. Нема да ми верувате, но последниве пет години во Македонија се емитувани само два квиза, што е навистина премалку, ако се земе предвид дека кај нашите соседи Србија и Хрватска во секој момент има актуелни најмалку пет квизови, вели Апостоловски.

Македонската квиз-асоцијација (МКА) е создадена од деветмина вљубеници и редовни учесници на квизови. Љубовта спрема квизовите знае да биде „заразна“, а тоа најдобро го знаат членовите на семејствата на квизаџиите.

Во разговор со претседателот на МКА, Драгољуб Апостолски ве запознаваме со овој „спорт“ што го тренира умот. Кондицијата и подготовите се основата за успех, но желбата за споделување на знаењето проследено со добра забава и дружење се дополнителна мотивацијата да се зачлените во оваа асоцијација.

Фото: Приватна Архива

МКА на 25. септември во 11 часот во амфитеатарот на Природно-математичкиот факултет ќе го одржи првиот Мастерс за сезоната 2022/23 на кој учесниците ќе имаат можност да го проверат своето знаење од разни области.

Од кога постои македонската квиз-асоцијација? Од каде дојде идејата за оваа асоцијација?

– Македонската квиз-асоцијација како идеја и иницијатива постои од февруари 2020 година, меѓутоа со својство на полноправен правен субјект се стекна летото 2022 година. Идејата потекна од деветмина вљубеници и редовни учесници на квизовите: Александар Тодоровски, Оливер Таневски (секретар на МКА), Горан Алексоски, Горан Стојчески, сите од Скопје, Небојша Ангелов од Свети Николе, Драгољуб Апостолски (Претседател на МКА) и Сашо Перовски од Тетово, Тони Стефанов и Панче Поцев (заменик Претседател на МКА) од Неготино. Морав да ги споменам сите затоа што сите се еднакво заслужни за основањето и функционирањето на асоцијацијата. Ова се впрочем деветтемина нејзини основачи, кои воедно се членови на Управниот одбор. Годинава УО се збогати со уште двајца членови: Даниела Брашнарска и Бари Исени. Идејата произлезе од недостигот на квизови во нашата држава и од простор каде што би можело да се покаже знаењето и да се научи нешто ново. Поради тоа бевме принудени да учествуваме на квизовите организирани од страна на Српската и на Хрватската квиз-асоцијација. Беше предложено и ние да се обидеме по примерот на нашите соседи да ја зајакнеме квиз-културата кај нас преку организирање на слични натпревари. Предлогот беше едногласно прифатен и чекор по чекор успеавме да ја основаме асоцијацијата и да ја донесеме на некое приближно ниво со соседните асоцијации.

Фото: Приватна Архива

Колку членови брои вашата асоцијација?

– Во моментов асоцијацијата има околу 30 членови со тенденција за постојано зголемување на бројот.

 Дали има интерес за ваков тип натпревари кај нас?

– Ова се малку специфични натпревари што се разликуваат од ТВ-квизовите. Станува збор за пишани тестови со по 200 прашања од осум различни области (спорт, наука, историја, свет, медиуми, животен стил, култура и забава) на кои секој учесник за два часа треба да одговори на што поголем број. Интерес секако дека има, меѓутоа според мене, не е баш на задоволително ниво и на ниво на кое ние би сакале да биде. Вината за ова најмногу ја гледам кај медиумите што во последно време немаат слух за организација и за продукција на квизови. Со самото тоа кај младите не може да се стекне навика да гледаат квиз, а камоли да посакаат да учествуваат на некој. Во минатото кај нас се снимаа квизови каде што имаше пријавено по илјада кандидати само за тестирање и за селекција. Нема да ми верувате, но во последниве пет години во Македонија се емитувани само два квиза, што е навистина премалку, ако се земе предвид дека кај нашите соседи Србија и Хрватска во секој момент има актуелни најмалку пет квиза. Сметам дека ова е поразувачки за нас и би сакал да упатам еден апел до сите медиуми, некои од своите средства да ги вложат во продукција на одреден квиз. Тоа би претставувало еден вид вложување во едукацијата на млади личности и секако битен предуслов за градење здраво општество.

Фото: Приватна Архива

 Кои услови треба да ги исполнуваат натпреварувачите?

– Единствени услови што е потребно да ги исполнувааат натпреварувачите на нашите квизови е да сакаат добра забава и дружење, пред сè, да сакаат да го покажат своето знаење и најбитно, сите нешто да научиме. Би ја искористил оваа пригода да ги поканам и да ги охрабрам сите што имаат желба да учествуваат на вакви настани да ни се придружат. Постојат скептици од типот „Јас не знам доволно“ и не се пријавуваат на нашите натпревари. Уште еднаш ќе напоменам дека поентата на овие натпревари не е да знаеш сè и да освоиш максимален број на поени. Реално, навистина станува збор за малку потешки прашања, меѓутоа на крајот на краиштата, сите учествуваме на натпреварите за да станеме побогати со некој податок и информација.

Каде и кога ќе се одржи настанот?

-Првиот мастерс натпревар со кој ќе ја отвориме натпреварувачката сезона 2022/2023 ќе се одржи во недела 25.9.2022 година во физичкиот амфитеатар при Природо-математичкиот факултет, со почеток во 11 часот. Автор на прашањата е Небојша Ангелов, победникот на првата сезона на квизот „20 секунди“. Во оваа пригода сакам да му се заблагодарам на Деканот на ПМФ, кој наиде на разбирање и по вторпат ни овозможи натпреварите да ги организираме во нивните простории.

Фото: Приватна Архива

Како сте задоволни од претходниот мастерс натпревар?

– Мината сезона организиравме два мастерс натпревари и три тематски квиза. На сите натпревари имаше голема посетеност и поминаа во пријатна атмосфера со многу забава, дружење и фер натпреварување. На некои од нив ни гостуваа и натпреварувачи од Србија, кои решаваа онлајн истовремено со нас. Интересно е што на секој нареден натпревар се појавува по некое ново лице, кое  досега не учествувало на ТВ-квизовите, а навистина изненадуваат со своето знаење. Сето тоа придонесува да се почувствуваме повеќе од задоволни и ни дава ветар во грб да продолжиме со нашата мисија и цел.

Кои се вашите очекувања од претстојниот мастерс?

– Очекувањата за в недела е да имаме најмалку 40 учесници од повеќе градови низ Републиката, како и гости од соседството. Секако дека најдобрите ќе ја однесат победата, меѓутоа победници ќе бидат сите, затоа што сите ќе научиме многу нови работи.

Фото: Приватна Архива

Кои се идните планови на македонската квиз-асоцијација?

– Планови за претстојнава сезона ни се организација на уште три мастерс натпревари кои ќе се одржат во три различни градови и девет тематски квизови, кои ќе се одржат во сите градови каде што ќе има интерес. Сезоната завршува во мај наредната година, а во јуни ќе учествуваме и на Светското првенство во квизинг. Минатата сезона на Светското првенство учествувавме со десет претставници, кои покажаа одлични резултати. Исто така, за оваа сезона во план ни е и организација на паб-квизови, кои што се вистински хит на Балканот, како и организација на квизови по основните и средните училишта низ Републикава, како би ја пренеле магијата на квизот и меѓу најмладите. Паб-квизовите и квизовите ни училиштата ги планираме за почетокот на следната година, секако доколку постои интерес и во зависност од финансиите. Затоа би упатил апел до сите општествено одговорни компании и поединци, во рамките на своите можност да ја помогнат асоцијацијата, како би успеале да ги реализираме овие наши планови и цели.

Фото: Приватна Архива

Се вели дека квизовите знаат да бидат вистинска „зараза“. Колку има вистина во ова тврдење?

– Ако ви кажам дека секој од нас со нетрпение очекува некој нов квиз или нова сезона на некој од постојните на кој би можеле да се појавиме и да го покажеме знаењето, тогаш ќе ви стане јасно за каква „зараза“ станува збор. Надополнето со тоа дека на нашата вибер-група која има околу 20 активни членови дневно минуваат стотина прашања и одговори од секакви теми, па преку колективно следење на ТВ-квизовите од соседството ќе дојдеме до заклучок дека заразата е и лесно пренослива. Јавно извинување до членовите на нашите семејства, кои мораат да нè трпат во оваа наша пасија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот