ИНТЕРВЈУ со доцент Ана Блажева, психотерапевт: Предизвиците пред кои сме исправени поради коронавирусот се колективни 

Oд капацитетот и одговорот на здравствените системи, како и сите други политики што ќе го организираат животот и ќе ги креираат условите за справување зависи успехот. Во овие моменти, разлика ќе направи дали политиките ќе бидат насочени кон зачувување на здравјето и животот, наместо на економските текови, кои ја засегаат светската елита, вели Блажева.

Наш соговорник е доцент Ана Блажева, научен соработник при Институтот за општествени и хуманистички науки и психотерапевт во Здружението за психологија и психотерапија – „Психотерапика“ во Скопје. Разговорот го водиме на актуелната тема – како ненадејната ситуација со коронавирусот, самоизолацијата, стеснувањето на нашиот простор, животот во поинакви услови за кои претходно не сме биле подготвени влијае на нашето психичко здравје. Како да се справиме со надворешниот непријател – коронавирусот, но и можеби уште потешко, со своите внатрешни непријатели при вакви ситуации. Најпосле, што ќе научиме од сè ова, дали „тоа што нема да нè убие, ќе нè направи посилни“ и како.

Како да се справиме со една ситуација од ваков тип, а притоа да останеме, како што слушаме од медиумите, смирени?

– Станува збор за исклучително комплексна ситуација во која сите сме засегнати, доведени се во прашање и најгломазните општествени структури и процеси. Засегнато е здравјето и одржувањето на животот на дел од популацијата и тоа радикално ги менува општествата и фокусот го става на репродукцијата, одржувањето на животот, пренасочување на ресурсите и капацитетите во насока на одржливост. Вакви промени со толкави пропорции, интензитет и опфат имаат потенцијал да преплават, бидејќи ги надминуваат постоечките капацитети за справување. Кризната ситуација со која се соочуваме дојде ненадејно и многу брзо. Немаме многу време за процес на адаптација и во таква ситуација на затекнатост и ургентност сите, помалку или повеќе, реагираме на најразлични начини. Предизвиците пред кои сме исправени се колективни, но секако се прекршуваат преку индивидуалните капацитети, реакции и манифестации. Сите реакции во оваа ситуација се одговор на тоа што го доживуваме и резултат на асортиманот на механизми за справување што ги поседуваме како колективи и индивидуи.

Смиреноста за која се апелира е единствено можна преку воспоставување на базична сигурност и извесност што е исклучително тешко да се постигне во овие моменти токму заради постојаните промени што бараат нов и поинаков начин на организација и адаптација. Политиките за здравствена заштита преку воведување на мерките имаат таква цел, да обезбедат одредена рамка во која треба да се воспостави поинаков систем на организација, но и тие бараат големи и брзи промени и адаптации. При тоа треба да се внимава да не се надминат овластувањата, да не се пречекорат воспоставените слободи и да се злоупотреби ранливоста на луѓето и системите.

Индивидуално пак, за да можеме да се справуваме потребно ни е вложување во постојано свесно следење на тоа што ни се случува нам, но и околу нас. Тоа е, впрочем, едно адекватно пулсирање на животот во кој свесноста е динамична и го поддржува контактот кон внатре и надвор. Токму предизвикот во ситуации на криза е да направиме сѐ што можеме за да го одржиме ваквиот динамичен контакт со себе и средината. Бидејќи во ситуација на криза свеста е фиксирана, прекината и преплавена најчесто преку интензивните емоции што се појавуваат. Пред сѐ, стравот кој зазема многу облици и манифестации.

Фотографии – Иван Блажев

Дали во целата оваа ситуација не правиме едно масовно заплашување за сите, кое е реално, но кај нас е сепак, потенцирано познавајќи го нашиот биолошки склоп и менталитет?

– Стравот доаѓа од заканата со која се соочуваме, а овој пат тоа е закана за здравјето и животот, нешто што најдлабоко не засега и мобилизира сите. Во таа смисла нема потреба, а можеби ни простор да се засилува стравот. Од друга страна, постојат одредени културолошки и контекстуални разлики во смисла на тоа како општеството ќе одговори на предизвикот. Би рекла дека системските разлики повеќе влијаат отколку некој замислен ментален колективитет. Едноставно од капацитетот и одговорот на здравствените системи, како и сите други политики што ќе го организираат животот и ќе ги креираат условите за справување зависи успехот. Во овие моменти разлика ќе направи дали политиките ќе бидат насочени кон зачувување на здравјето и животот, наместо на економските текови кои ја засегаат светската елита. Тоа не значи дека треба да се запрат економските процеси, туку нивната цел треба радикално да се преиспита. Наместо индивидуални интереси кон грижа за заедницата и средината. Од друга страна, важно е на каков начин ќе бидат спроведувани политиките, дали ќе се спроведуваат преку злоупотреба на моќта и исклучиво преку механизми на забрана или преку овозможување на услови за безбедно функционирање. Дополнително, иако заканата е иста за сите, немаме сите еднакви можности да одговориме, и повторно политиките треба да ги земат предвид разликите и да овозможат ранливите и маргинализираните да добијат адекватна поддршка и заштита. Во ситуацијата возрасната популација и сите оние со дополнителни здравствени нарушувања се најизложени на ризикот по здравјето и животот, но не помалку се ранливи сиромашните, бездомните, здравствените работници или другите кои се во постојан и директен конткат со луѓе, многумина од нив во прекарни, односно несигурни, услови што се директно врзани со нивниот економски опстанок.

Kако да се справиме со стравот да не се разболеме?

– Стравот во било која форма може да се пројави преку вознемиреност, иритабилност, фобични, анксиозно-депресивни, панични, опсесивно-компулсивни, параноични и други однесувања и искуства, кои не ги спомнувам како патолошки состојби, туку како реакции кои се резултат на механизмите што ги имаме да се заштитиме и адаптираме. Но стравот не е единствената емоција што доминира. Заедно со стравот се лутината и бесот, особено доколку се лоцира одреден избор на заканата. Преку механизмот на проекција стравот бара да лоцира од каде извира проблемот – тоа на стравот му помага да може да се мобилизира во напад, а за тоа треба да мобилизира лутина и омраза. Тука спаѓаат и сите идеи за теории на заговор, но и редовните изливи на морална паника и напаѓање што се излеваат на социјалните мрежи кон сите што ќе бидат лоцирани како потенцијална закана. Расистичките и дискриминаторски изливи кон азијатите, кон младите што покажуваат поинаква реакција во ситуацијата, кон странците кои се „носители“ на заразата и слично. Стравот исто така доаѓа во форма на анксиозност – нелоцирано и преплавувачко чувство што го мобилизира телото на специфичен начин преку изразена вознемиреност, иритабилност, постојана несигурност. Дополнително, сите други дразби се доживуваат со зголемен интензитет.  Потоа доаѓаат манифестации на стравот преку воспоставување обрасци на однесување што треба да овозможат привидна контрола – тука спаѓаат сите обиди да се санитизира телото и просторот наоколу, да се обезбеди доволно основни намирници. Меѓутоа постојаната неизвесност стравот го модификува на начин што сѐ станува закана. Рацете и домот не се никогаш доволно чисти, или секогаш недостасува уште нешто за да се наполни „за секој случај“.  Понатаму, може да дојдат чувствата на тага, очај, безизлезност. Најдобар начин за справување со емоциите е преку нивно освестување, легитимирање, прифаќање и дозвола тие да се менуваат преку контакт со стварноста наместо со претпоставените катастрофични очекувања.

Меѓутоа емоционалната регулација не е исклучиво субјективна одговорност туку дел од сложениот систем на неразделна поврзаност што го создаваме. Во таа смисла надминувањето на заканата не зависи од индивидуалното справување со стравот туку дали политиките ќе го поддржат стравот или ќе создаваат услови за негово надминување. Тоа во голема мерка зависи на кој начин ќе одговорат кон најранливите, оние кои дриректно им зависи опстанокот од политиките што ќе бидат спроведени. Едно е кога зборуваме за страв и имаме услови и привилегија да се заштититме, а друго е кога зборуваме за страв во услови кога ги немаме можност да се заштитиме – на пример, тие што се изложени на секојдневна работа со луѓе или дополннително опстанокот им е загрозен, како на пример на сите оние што им се заканува губење на работата или губење на домот, заради економските загуби и несигурност. Во таа смисла во основите на справувањето со кризата и надминувањето на стравот лежи и справувањето со нееднаквоста, економската одржливост и односот кон средиината.

Иако заканата е иста за сите, немаме сите еднакви можности да одговориме, и политиките треба да ги земат предвид разликите и да овозможат ранливите и маргинализираните да добијат адекватна поддршка и заштита.

Како да им ја објасниме на нашите деца реалноста на ситуацијата во која се наоѓаме?

– Со децата може и треба да се разговара отворено и на јазик што тие го разбираат. Децата прашуваат ако се охрабрени и поддржани во тоа. Ги ловат и процесираат информациите од околината и свесно и несвесно. Во таа смисла зависи од возрасните на кој начин децата ќе бидат во контакт со ситуацијата и дали ќе ја доживеат како закана и вознемирување.

Предизвик за децата и родителите во оваа ситуација е да се адаптираат на затворањето на градинките и училиштата. Бидејќи родителите сега треба да имаат и едукативна улога, а тоа е дополнителен товар. Родителите е важно и самите да бидат поддржани и да можат да останат во добар контакт со своите деца. Добриот контакт и играта може многу да придонесат кон подобро справување во ситуацијата. Овие нешта е едноставно да се кажат но многу потешко да се направат, особено доколку контактот не бил адекватен и претходно. Сосема друг предизвик се младите. Тие имаат свои начини на кои реагираат, најмногу во однос на ограничувањата што им се наметнати. Согласно нивната развојна позиција, лишувањето од слобода на движење и забава може да предизвика отпор и на поинаков начин да го предизвика нивното ментално здравје, како и динамиката и релациите со блиските.

Се предвидуваат многу рестриктивни мерки кои влијаат на приватниот и социјалниот живот, на управувањето со нечие време и простор, наметнуваат неопходна промена во навиките: какви чувства и емоции можат да предизвикаат овој вид – иако правилно донесени – ограничувања, и како можеме да управуваме ние со нив?

– Ограничувањата што ги носат мерките се огромни и дефинитивно го обликуваат и приватниот и социјалниот живот. Социјалното дистанцирање го засилува чувството на изолација и осаменост, а комуникацијата се „сели“ на социјалните мрежи и се одвива без физичко присуство и контакт. Местата на среќавање исто така сега се преселени во виртуелниот простор, а тоа значи дека многу навики и динамики се прекинати и фрустрирани. Физичкиот простор е многу ограничен и стеснет, а тој е една од димензиите во кои ние секојдневно функцинираме, па така бара радикално редефинирање на секојдневието. Ваквата ситуација создава чувство на притеснетост и лишување, што се одразува на менталното здравје преку нагласување на чувството на осаменост, изолација, вознемиреност, паника, недоверба, импулсивност и збунетост и во одредени случаи губење на врската со околината и стварноста. Исто така нефункционалната динамика во системите под притисок на огрничувањата може да произведе дополнително насилство. Така, на пример, може да биде засилен мобингот и семејното насилство како и злоупотребата на алкохол и други зависности.

Во справувањето со овие наметнати ограничувања важно е да се создаваат услови за овозможување и на движење и на контакт, бидејќи и движењето како и контактите се базични за нашето ментално здравје. Во таа смисла клучно е исто така да се развиваат системите на поддршка и професионална помош и интервенција.

Од друга страна во ситуација на ограничувањата на физичкиот простор и движење, се отвора една друга можност за свртување кон „внатре“ и истражување на менталниот простор. Развивањето на свесноста за сопствените доживувања, чувства, контактот со себе, како што го нарекуваат психолозите, може да биде придобивка во условите на лишување во кои сме поставени. Во однос на „населувањето на менталниот/внатрешниот простор“, ни стојат на располагање сите креативни и медитативни техники, како и стручната помош од психолозите и психотерапевтите.

Дали изгледа чудно или малку парадоксално да зборуваме за среќата и радоста во времето на коронавирусот?

Перспективата, сметам, дека е најважниот предизвик што го имаме. Во психотераписката пракса често зборуваме дека е потребно успорување, застанување за да можеме да ги следиме, истражуваме и означуваме искуствата. Тоа застанување ја обезбедува нужната ментална дистанца преку која можеме ситуацијата, релациите и доживувањата да ги погледнеме од различни агли. Погледот од различни агли ја овозможува перспективата, а таа пак, ни ги отвора можностите за преиспитување, поинакво позиционирање, поинакво движење, динамика, насока и цели.

Искуството ни покажало дека среќата и радоста не се состојат единствено во исполнувањето на потребите и желбите туку и во задвоволството на осознавање и означување на искуствата, на збогатување на погледот и продлабочување на контактот. Во таа смисла доколку овозможиме услови наместо привилегија – да не живееме постојано во страв и директна закана – и направиме исчекор кон освојување на овој ментален простор можно е и во услови на застој и криза да има моменти на среќа и радост, но и на нови можности и задоволство.

Мислите ли дека ќе се промени начинот на гледање на реалноста во различни сфери од секојдневниот живот по добиената битка?

– Уверена сум дека општествата нема да бидат исти по ова искуство. Промените во сите сфери ќе бидат евидентни. Но не можам да знам во која насока ќе се развиваат. Веројатно ќе има различни влијанија и насоки на промени. За мене, посакувана насока е кон преиспитување на темелите на нашето заедничко функцинирање, односно редефинирање на политиката од сферата на доминација и интереси, кон сферата на грижа за животот и неговата одржливост.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот