Интервју со дизајнерот Драган Христов: „Лудус“: Современа безродова мода наспроти очекувањата

Фото: Приватна архива

По пауза од речиси две години, изложбата на македонска мода и дизајн „Slowscapes“ се одржува деновиве во културно социјалниот простор „Центар –  Јадро“.

Со идејна поставеност да даде приказ на работата на група современи македонски дизајнери („Лудус“, Марта Пејоска, „Волатајл“, „Армма“, Котев Ксенија, Нина Нине и „Кактус“) кои се залагаат за заштита на средината и подобра иднина, изложбата има за цел да ја едуцира и да ја поттикне публиката да започне да консумира свесно и одговорно. Стремеж што идејниот иницијатор и учесник Драган Христов, кој стои зад етикетата „Лудус“, успешно го турка веќе единаесетта година по ред.

Фото: Експо30

На изложбата Лудус ја претставува актуелната колекција есен-зима 2021/22, со наслов „Пост-родовост IV“, четвртиот дел од серијата колекции што ја разработуваат футуристичката визија за општество без родови улоги.

По пауза од речиси две години, изложбата на македонска мода и дизајн „Slowscapes“ се одржа во културно социјалниот простор „Центар – Јадро“. Десетина дена пред тоа ја имавте ревијата на Експо.30 со колекцијата што само неколку денови пред тоа беше прикажана во Грац. Резултат на континуирана работа, па дури и во вонредни услови, или земање залет за продолжување на напорите за создавање мода?

Фото: Приватна архива

– Овие модни ревии и шоурумот „Slowscapes“ беа потребни да се излезе барем малку од пандемиското работење на „Лудус“. Не само за мене лично, тие беа извонреден пресврт, а се надевам и за целиот моден сектор. Бевме спремни со подготвени колекции да скокнеме во каков било вид презентација и тоа што има три презентации во еден месец, ме прави повеќе од среќен.

Фото: Експо30

Изложбата е тематска и иако е глобално тенденција што сѐ повеќе зема замав, тоа е Ваша определба од самиот почеток. Колку се придвижени работите нанапред? За што поточно станува збор?

– Сметам дека одржливото производство, бавната мода како спротивставување на „брзата мода“ не е само тенденција, туку генератор на еден поинаков консумент – одговорен, свесен за последиците врз средината и иднината што ги прави неодговорното и несовесното потрошување. „Slowscapes“ започна во 2018 година повеќе како едукативно и алтернативно шопинг искуство, но сега веќе е сѐ поприфатен од публика што постојано расте и нѐ поддржува.

Од самиот почеток сте пионер по поставување на нештата. Специфични безродови дизајни, првата концепт продавница, поп арт шоурумовите, видеопрезентации по светски терк, но се чини напорите се многу повеќе препознаени надвор. Иако е тоа одлична верификација зошто е тоа така?

Фото: Експо30

– Мојата цел од самиот почеток е поставување македонски бренд што е наменет за меѓународниот пазар. Иако ова на почетокот беше апсурдно и недостижно за многумина, јас успеав да го истрасирам патот и да ги пронајдам клиентите на „Лудус“, а тоа беше незамисливо пред 15 години без интернетот и социјалните медиуми.

Со Вашата современа (не)естетика создавате футуристички дизајни со традиционални техники за правење шаблони. Каде ја гледате иднината на модата и може ли воопшто нешто да се предвиди кога секој нов ден е неизвесност?

Фото: Приватна архива

– На мое задоволство, постојаните потврди дека рачната работа и занаетчиството ќе останат како столбови на креативните индустрии, ме тера да мислам дека основата на „Лудус“ е цврста и од оваа точка може да се надоградува и да расте. Не мислам дека квалитетниот производ со уникатна карактеристика би бил загрозен во каква било неизвесна иднина, особено ако стратегијата на еден бренд е солидна и адаптабилна.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот