ИНТЕРВЈУ со Дита Старова Ќерими: Располагаме со драгоцена колекција, со која би требало сите да се гордееме - Слободен печат

ИНТЕРВЈУ со Дита Старова Ќерими: Располагаме со драгоцена колекција, со која би требало сите да се гордееме

Сосема нов и свеж дух во работата на НУ Национална галерија на Северна Македонија внесе Дита Старова Ќерими, која е директорка на установата од октомври 2015 година, а минатиот месец почна нејзиниот втор мандат.

Крајот на 2019 година за Дита Старова Ќерими значеше почеток на вториот мандат на функцијата директор на Националната галерија. Професионална, посветена, комуникативна, со отворени видици кон современите текови, но и со мајчинска грижа кон ликовното богатство што е сместено во депоата на галеријата – тоа се неколку битни карактеристики на личноста на Дита Старова Ќерими. Националната галерија, како и повеќе други установи од областа на културата, се соочува со низа објективни тешкотии, но визиите и амбициите на директорката и на колективот ја прават оваа установа една од најактивните и најпрепознатливите во културниот живот во државата.

Веќе внесовте видливи промени во работата на установата. Каков предизвик си поставивте во вториот мандат?

– Националната галерија е една од најзначајните институции од областа на уметноста во државата. Предизвик во првиот мандат ми беше да се врати публиката во галерискиот простор. Тоа се случи со богатата програма и повеќе од 100 реализирани активности. Обезбедивме и дополнителни финансиски средства за успешно одвивање на програмските активности. Сето тоа го постигнавме заедно со тимот со кој секојдневно соработувам. Предизвик во вториот мандат ми е конечно да ја отвориме куќата на Лазар Личеноски, а потоа и реализацијата на проектот „Мала станица“. Имајќи предвид дека реализацијата на нашите изложби се одвива во објекти што не се градени за галерија, туку се адаптирани простори, нивното секојдневно одржување е макотрпно. Сепак, изнаоѓаме решенија за да го претставиме сето она што сме го замислиле.

Поголемите изложбени проекти бараат подготвителна работа и продукциска ангажираност, а со тоа и поголема финансиска ставка, која ни недостасува за да се реализираат проекти од светски размери. Реализацијата на барем еден солидно поддржан проект од светски рамки ќе нè постави на првата позиција не само во национални рамки, туку високо ќе нè позиционира и на меѓународната сцена.

Поддршката што ја добиваме од година во година е мала, но се надевам дека оваа година нема да го следи тој тек. Ако државата не застане силно зад своите национални институции во кои е згрижено националното богатство, тогаш ќе ја изгубиме можноста за препознавање на вредностите од минатото. А во областа на уметноста располагаме со драгоцена колекција, која ни е оставена во наследство и со која би требало да се гордееме.

Во текот на претходниот мандат одбележавте 70 години од основањето на Националната галерија и обезбедивте реновирање на објектот Чифте амам со средства од Амбасадорскиот фонд на САД. Што следно е на ред?

– Денес Чифте амам е налик на современа галерија, во која своите дела ги изложуваат познати уметници од земјата и од странство. Речиси во секое време на ѕидовите на амамот стојат изложени дела на уметници од домашната сцена или на гости од странство. Домашната јавност, како и посетителите, со нетрпение ја очекуваат секоја нова изложба, а секоја од нив претставува настан за кој, се чини, се радува целата Чаршија и градот. Всушност, Чифте амам е еден од амбиентите што активно и најмногу придонесуваат во оживувањето на Чаршијата од утро па до доцните вечерни часови.

Слична функција има и Даут-пашиниот амам. Со двата објекта ние моќно делуваме како препознатливи објекти во самата Чаршија. Токму и поради овој факт со голема благодарност се осврнувам кон странските амбасади и нивните екселенции, кои се посетители на речиси сите наши активности и имаат посебен однос кон активностите на установата. Тоа, секако, се должи на континуитетот со кој го презентираме тоа што најдобро го креираат нашите ликовни дејци, но и на добрата комуникација.

Имавме голем број активности поддржани од амбасадите, како во однос на едукативните проекти, изложбите, многубројните концерти и други настани. Но посебно сум горда на грантот што го обезбедивме преку Амбасадорскиот фонд на САД, кој ни овозможи да ги надминеме основните проблеми при презентирање на изложбите, а кои верувајте се многубројни. Доделувањето на грантот од Програмата „Амбасадорски фонд на Соединетите Американски Држави за заштита на културата“ за 2018 година (The U.S. Ambassadors Fund for Cultural Preservation 2018) претставува најголемо достигнување во менаџерската практика на Националната галерија на РС Македонија и обезбедување небуџетски извор на средства.

За периодот откога раководам со институцијата посебна благодарност сакам да изразам до Борка Танеска (од американската амбасада), која многу ни помогна, која има големо познавање на состојбите и несебично се залага за сите значајни проекти во РСМ да бидат соодветно поддржани од американската амбасада. Ќе ја посочам и Амбасадата на Кралството Холандија, со која преку ангажманот на Верица Андреевска Спасовиќ и Елизабета Баковска го креиравме проектот „Уметност за сите“, многу значаен за сите нас, бидејќи отворивме нови можности за лицата со посебни потреби.

Една од проблематичните точки на установата е депото за чување на делата. Што планирате во тој правец?

– Двата простора во кои се наоѓаат најголем број од делата се депоата во Даут-пашиниот амам и во Чифте амам. Тоа се објекти од втората половина на 15 век, кои се адаптирани во галериски/музејски простори. Бидејќи првичната намена на овие објекти била бањи, проблемот со чување дела е особено важен. Ние постојано го истакнуваме тој момент во однос на барањата на апаратура за постигнување оптимални и основни услови за чување на делата (одвлажнувачи и мерачи на влага, прочистувачи на воздух), но останувавме без конкретен одговор од надлежните. Затоа веќе сме принудени да бараме други решенија за да ги заштитиме делата, а едно од тие е дислоцирање на депоата во Мала станица.

Нашиот план е креирање нов лик на Мала станица, бидејќи во моментов само тој објект ги исполнува минималните услови за грижа на делата. Објавивме конкурс за основен проект за Мала станица и сега следува реализацијата, ако Министерството за култура го поддржи тој проект. Преку проектот сметаме дека ќе се најде ефикасно решение за ентериерна организација и опременост на просторот, а исто така до израз ќе дојде и дизајнерската иновативност, која на најдобар начин ќе го артикулира барањето на Националната галерија, односно Мала станица да се претвори во современ музејско-галериски објект, практичен за функционирање, ефикасен за работа, комфорен за користење, внесувајќи нов дух и амбиент на културната сцена во Скопје и Македонија. И најважно од сè е згрижувањето на огромното национално богатство што го поседуваме.

Дита Старова Ќерими (Фотографија: Роберт Атанасовски)

Од друга страна, максимално го користите националното богатство на галеријата и само во текот на 2019 година имаше повеќе изложби (Надреализам и фантастика, Мустаќлии, За неа) конципирани со дела од сопствената колекција. Дали тој тренд ќе продолжи и во иднина?

– Националната галерија на РС Македонија има богата колекција дела, која брои повеќе од 3.000 одлични примери. Сепак, уметноста и културното наследство е жива материја, која постојано треба се негува, да се доистражува, да се афирмира и презентира, бидејќи само тогаш го доживува својот полн сјај и продолжува да говори за времето, за значајните личности и настани. Оттука, Националната галерија отсекогаш го негувала овој тренд на работа со делата од својата колекција преку ретроспективи на значајни национални уметници, или пак преку тематски изложби што опфаќаат периоди, географски групирања, концепти и теми итн. Секако дека овој тренд, на работа со дела од колекцијата, со различен интензитет ќе продолжи и во иднина и ќе го следи интересот на публиката.

Покрај класичните изложби, институцијата се отвори и за новите трендови. Која е разликата во пристапот при реализацијата на овие изложби?

– Сериозна подготовка на изложба, без оглед дали станува збор за тематска изложба која вклучува дела од колекцијата или современа и комплексна изложба на современа македонска уметност која може да вклучи и многубројни нови техники и медиуми, е еднакво длабок, темелен и сложен процес, за кој малкумина од „консументите“ на изложбите се свесни. Станува збор за темелно истражување, продуцирање, менаџирање (внатре во самиот процес), а потоа и подготовка, комуникација и реализација, пишување на концепти, изработки на каталози, на цели бренирања на проекти, за што е важно да имате одлични куратори пред сè – како иницијатори и менаџери на самите проекти, а потоа и одличен тим што ќе ги следи фазите предодредени од кураторот.

Генерално, ние како институција што се занимава со чување, негување, документирање, афирмирање и презентирање на националното богатство, не смееме да не продолжуваме да бидеме отскочна штица за новите и свежи идеи и дела, кои во некоја блиска иднина ќе бидат третирани, исто така, за национално богатство.

Во галеријата работи фантастичен тим од куратори и кустоси. Како се одвива комуникацијата со тимот на дневна основа?

– Морам да се пофалам дека комуникацијата со вработените во галеријата се реализира на високо ниво. Тоа е секако поради професионалниот тим што е вработен и со кој менаџирам, но пред сè и поради човечкиот пристап во односот со нив, преполн со разбирање и колегијалност. Но, кога се работи, се работи сериозно. Комуникацијата на дневно ниво зависи од фреквентноста на проектите, а најинтензивна е онаа со кураторите и со нивните тимови чии изложби треба да се реализираат најскоро. Некои куратори се повредни и покреативни, други помалку инвентивни, но сите имаат свои работни обврски и задачи што се однесуваат на различни аспекти од негувањето и документацијата на делата од колекцијата. Редовно се одржуваат и работни состаноци на неделно и на месечно ниво, на кои се поставува структурата за тековните и претстојните обврски, проблеми и солуции.

Никогаш не е сè совршено, но тие слатки маки ја зајакнуваат сложноста и тимската работа. Среќна сум што имам добар тим на професионалци и солиден административен кадар, со кои можам да соработувам и сум им благодарна, бидејќи во почетокот на првиот мандат сите ми велеа дека е тешко со нив да се работи, но со заедничкиот успех го докажавме спротивното.

Установата го смени својот пристап во комуникацијата со јавноста, а веќе има и потврда на тој факт со добивањето на наградата Сајт на годината за 2019 година во категоријата владини/државни институции. Колку за една културна установа е важна комуникацијата со новинарите и со јавноста?

– Пред да ја донесам секоја одлука, се преиспитувам како уметник. На кој начин би сакала и како би сакала да ги гледам најавите за изложбата? Дали ќе ме привлечат? Редовно ги следиме меѓународните практики за информирање, тие се лесно достапни и разбирливи, а на тој начин и ние комуницираме. Можеби на тоа се должи и признанието што го добивме – препознатливост.

Анализата на присуството покажува дека Националната галерија во изминатиот четиригодишен период е една од најзастапените музејски институции во медиумите, во голем процент со позитивни критики. Тоа секако се должи на одличната комуникација со новинарите, која е неопходна за да ги подобриме нашите слаби страни. Новинарите од културата се клучните фактори за функционирањето на уметничката сцена на кое било ниво. Следбениците на уметноста, особено потенцијалните посетители на уметноста, живеат зафатен и разновиден живот. Новинарите посветени на пишувањето за уметниците и нивните дела ја даваат најголемата поддршка за поврзување на уметниците и институциите со публиката.

На личен план, успешното раководење со Националната галерија, но и професорската работа на Факултетот за архитектура и дизајн, ви ја обезбедија наградата „13 Ноември“ на Град Скопје во 2019 година. Колку признанијата даваат поттик за уште поголема посветеност на работата?

– На личен план не сакам да заостанувам, бидејќи личната исполнетост се одразува и во другите сегменти на дејствување. Оваа година имав неколку самостојни изложби, бидејќи по вокација сум ликовен уметник и тоа е моето суштинско профилирање. Една изложба беше во Амбасадата во Париз, а друга во Турскиот културен центар.

Секако, искуството како професор на Факултетот за архитектура и дизајн во однос на функционирањето, не само педагошки туку и колегијалноста што се развива, ми даде поттик да се зафатам за не така лесната задача што си ја наложив. Да создадам институција со европска политика, која ќе се базира на универзални практики за да ја доближи квалитетната уметност до сите.

Се радувам на признанијата и посебно на ова признание, кое има голема традиција и доделена е на исклучителни личности од повеќе области со години наназад. Тоа ми даде поттик да конкурирам и за вториот мандат, преку кој ќе треба и дополнително да се вложам за да го оправдам големото признание.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 13, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 11/12 јануари 2020)

Прочитај повеќе

Вучиќ: Кои права ги имаат Србите во Црна Гора, а кои Албанците во Северна Македонија?

Слободен печат

Заев го повика Мицкоски да изнајдат заедничко решение за Законот за јавно обвинителство

Слободен печат

30 ПРАШАЊА СО СТУДЕНТ ВО „КУЗМАН“: Името на мојот студентски живот како филм би бил САМОУНИШТУВАЊЕ (ВИДЕО)

Слободен печат

Димов: Албанците добија многу права, бидејќи се бореа за тоа, ние Ромите не се бориме и затоа сме дискриминирани

ШТО СЕ СЛУЧУВАЛО ВО РУСИЈА: Путин во тајност ја држел својата одлука, на министрите во последен час им било речено да поднесат оставка

Слободен печат

ЕКСКЛУЗИВНО Бујар Османи за разговорот со Вархељ: Новата методологија ќе биде подобрена што и Србија и Црна Гора ќе бараат да преговараат според неа!

Слободен печат

Остави Коментар

four × 1 =

Прочитај повеќе

Царовска: Доколку имаме целосен мандат од четири години ќе постигнеме минимална плата од 16.000 денари

Слободен печат

Милошоски: Вилма Рускоска очигледно е замена за Катица Јанева која ќе го вдоми тимот на СЈО

Слободен печат

ПОНИЖУВАЧКИ: Откриен прекарот кој кралската фамилија го користела за Меган

Слободен печат

Хамнеи: Трамп е кловн кој се преправа дека ги подржува Иранците

Слободен печат

Царовска: Преку програмата за самовработување одобрени се вкупно 1.484 грантови

Слободен печат

УБИСТВО ЈА ПОТРЕСЕ ИРСКА: Му ги отсекле главата и екстремитетите на малолетник, па му го предале телото на нарко бос

Слободен печат