Интервју со д-р Васка Дамјановска Митова, психијатар: Ништо не трае вечно, па ни страдањето

Актуелните околности со пандемијата претставуваат значаен предизвик за адаптација на секоја индивидуа. Впрочем, истото е и знак за интелигенција – моќ за адаптација кон новонастаната ситуација, вели д-р Митова во интервјуто за „Женски печат“/„Слободен печат“

Со д-р Васка Дамјановска Митова, психијатар на Клиниката за психијатрија во Скопје, разговараме за општата психолошка состојба во услови на ковид, но и за тоа како пациентите емотивно ја минуваат оваа непредвидлива битка. Сама се пријавила да работи на Инфективната клиника и да помага на хоспитализираните пациенти, каде што помина месец и половина. Интелигентна, образована личност, која покрај професијата, ја сака и поезијата и книжевноста воопшто, а љубовта кон детската литературата грижливо ја пренесува на нејзините две деца. Смета дека психијатрите не се обидуваат да им стават розови очила на луѓето, туку се обидуваат да ги оттргнат темните очила од нив. А тоа најмногу ни треба во овие чудни времиња. Нејзините пријатели пак, велат дека ретки се позитивните луѓе како Васка.

Дали човечката заедница ќе излезе помудра и посилна после оваа психоза со коронавирусот? Изгледа дека тешко ќе биде да го избришеме ова колективно искуство.

– Посттрауматско растење е термин што означува позитивна психолошка промена по тешко искуство или животен предизвик, кој придонесува за ново и подобро ниво на функционирање во иднина. Актуелните околности со пандемијата претставуваат значаен предизвик за адаптација на секоја индивидуа. Впрочем, истото е и знак за интелигенција – моќ за адаптација кон новонастаната ситуација. Можеби и не би требало да се враќаме назад, што е и невозможно. Сериозно да го сфатиме овој период на застанување, на вознемирување, на будење, како период за откривање нови видици, нови цели. Преку неповолни ситуации најчесто растеме. Но, истото тоа нè прави и посилни.

Сè уште се стигматизира барањето помош кај стручно лице. Пластично им објаснувам на пациентите дека со никаква терапија не се менува нешто суштинско во личноста, туку се помага да се оттргнат темните очила што ја менуваат перцепцијата на актуелното живеење. Разбиструвањето на светогледот често открива нови видици.

Со пореметеното секојдневие се соочуваме со нови емоции, особено со стравот и неизвесноста, колку анксиозноста ја создаваме сами и како да ја надминеме?

– Секогаш нè плаши непознатото. Нè плаши чувството дека немаме контрола врз случувањата, особено врз неповолните ситуации, кои ги антиципираме во иднината. И така се раѓа вознемиреност, страв, кој неретко прогресира во паника. Стравот може да биде конструктивен, има улога да нè заштити од одредени неповолни ситуации. Впрочем, кога го нема, не се браниме од потенцијално опасна ситуација. Но, да не дозволиме да прерасне во деструктивна паника. Да ги користиме своите индивидуални механизми на справување и да се грижиме за сопственото ментално здравје.

Сама се пријавивте да работите на Инфективната клиника и да им помагате на хоспитализираните пациенти, кои ви беа најголемите предизвици како психијатар?

– Лично најтешко ми беше да давам надеж онаму каде што се сомневав дека ја има. Животозагрозувачките ситуации, за жал, се секојдневие, а надежта за многумина e луксуз. Не е тешко справувањето со органската симптоматологија, односно со оние невропсихијaтриски симптоми што се резултат на ковид-енцефалопатија. Предизвик е соочувањето со егзистенцијалниот страв што се појавува.

Како пациентите емотивно ја минуваат оваа непредвидлива битка?

– Животот нè гради како личности од најраното детство. Имаме индивидуални карактеристики, а со тоа и лични капацитети на справување. Но, несекојдневни се овие витално загрозувачки ситуации и неминовно е појавувањето на страв, вознемиреност, загриженост, чиј интензитет зависи од личноста која се справува. А токму тоа е и нашата цел, да сме поддршка за пронаоѓање зрак светлина во моменти кога сè изгледа темно.

Дали малограѓанскиот молк – криење на луѓе кои имаат симптоми на корона со цел да се избегне социјалната стигма, по цена да инфицираат други луѓе, е огледало на неразвиеноста на нашето општество?

– Неодговорното однесување делумно е знак на недоволно разбирање, односно на неадекватна едукација за тоа што всушност значи оваа закана. Истото е под влијание и на верувањето или неверувањето во постоењето на вирусот, односно со гласната појава на теории на заговор дека сè ова е план за масовна контрола врз луѓето. Но, да не ја заборавиме и економската ситуација, односно борбата за финансиска егзистенција, која е еден од главните двигатели на секојдневието. Многу често лица со симптоми се под притисок од работодавците да дојдат на работното место. Не е за оправдување, но не е ниту за осудување. Секако, секогаш се залагам за адекватно информирање, а со тоа и солидна здравствена едукација, бидејќи секој проблем, па и решение, започнува со основното познавање.

Кажавте една интересна мисла, дека психијатрите и психолозите не се обидуваат да им стават розови очила на луѓето, туку дека се обидуваат да ги отстранат темните очила од нив. На кој начин?

– Кај одредени депресивни состојби постои тенденција кон негативистичко размислување, кое често е условено од невротрансмитерски дисбаланс. Истовремено, сè уште се стигматизира барањето помош кај стручно лице. Пластично им објаснувам на пациентите дека со никаква терапија не се менува нешто суштинско во личноста, туку се помага да се оттргнат темните очила што ја менуваат перцепцијата на актуелното живеење. Разбиструвањето на светогледот често открива нови видици, зраци светлина во обидот за осмислување на животот, дури и на страдањето.

Најтешко ми беше да давам надеж онаму каде што се сомневав дека ја има. Животозагрозувачките ситуации се секојдневие, а надежта за многумина e луксуз. Не е тешко справувањето со органската симптоматологија, предизвик е соочувањето со егзистенцијалниот страв што се појавува.

Денес најмногу ни треба да ја сочуваме позитивноста, но како?

– Со реалистичен поглед кон светот. Ништо не трае вечно, со тоа ни страдањето. Гледано наназад, минатото ни е доказ за цикличноста на светот, а тоа ни нуди оптимизам. Како што доаѓа пролет по зима, така по тешкотиите доаѓаат и убави моменти за славење на живеењето. Истовремено, да ги забележиме малите убави мигови во денот, бидејќи тие се суштински и значајни. Прегратки со блиските, кафе со саканата личност, филм со пуканки, фризби во природа… Во малите мигови е среќата.

Што би им порачале на оние кои силно стравуваат од смрт, иако тоа не го признаваат?

– Секако ќе дојде и тоа, но не зависи од нас, ниту пак знаеме кога. Дотогаш да живееме, со полни гради.

Како вие лично се носите со коронакризата, како се однесувате?

– Динамично. Со многу работа, но и многу радост по дома. Динамични ми се и децата, па малку време имам за тоа што духовно ме храни – книга и разговор. Секој ден ритуално завршува, со време за мене и сопругот и некоја добра серија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот