Интервју со д-р Ана Стојаноска: Пишувањето ми е лична борба и задоволство

Како авторка на поетскиот ракопис „Потпис: Трепетлика“ Ана Стојаноска овие денови ја доби наградата „Антево перо“, а како театролог на Саемот на книга го промовираше изданието „Избрани драми“ од Горан Стефановски, објавено од „Полица“.

Рекорден број од 96 поетски ракописи пристигнале на конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2020 година. По темелно разгледување, анализа и дискусија за секое од пристигнатите авторски дела, комисијата во состав проф. д-р Венко Андоновски, д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски донела едногласна финална одлука наградата да ја додели на поетскиот ракопис „Потпис: Трепетлика“ на Ана Стојаноска.

Информацијата за наградата некако се совпадна со сосема друг настан – промоцијата на книгата „Избрани драми“ од Горан Стефановски на неодамна завршениот Саем на книга, каде што како промотор се појави д-р Ана Стојаноска.

Тоа се два големи поводи за средба со Ана Стојаноска, писателка, поетеса, театролог и професорка на ФДУ. Разговорот го водиме во два правци, за личното творештво, но и за нејзината животна определба – театрологијата.

Тргнувајќи од личното, на конкурсот „Антево перо“ годинава победи Вашиот ракопис „Потпис: Трепетлика“. Барем мене малку ме изненади што се појавувате со поезија, но како самите ја откривте поетската инспирација?

– Сакам да ги изненадувам луѓето, затоа што сите некако сме научени да ги подразбираме и луѓето и околностите. Меѓутоа, истовремено, сите ние сме комплекс од разни светови. Природно, не сакам ниту да се етикетирам ниту да етикетирам, ниту да се вкалапувам, ниту да се изразувам само на еден начин. Примарно моја најголема љубов се книгите и театарот. Пишувањето ми е насушна потреба, животен импулс. И не го двојам ниту еден род, ниту еден жанр. Пишувањето ми е предизвик. Создавам приказни откако свесно паметам. Тие игри со зборови, како што растев, така се менуваа. Сакам да верувам дека оној што пишува може да напише сè, зависи само од талентот, работата и подготвеноста да се отвори себеси пред светот. И најмногу сам пред себе. Поезија пишувам секогаш кога прозата ми дава пауза. Во таа потрага по стихови влетав и во уште едно патување низ уметностите (со музиката која ми е уште една од љубовите што ги живеам), создавајќи ги стиховите за песните на последниот албум на Сашко Костов – „Крик и прашина“.

„Потпис: Трепетлика“ е создавана од песни пишувани во различни периоди, меѓутоа, може да се каже, театрологот во мене (со познавање на добрата драматургија) и писателката во мене (со познавање на приказните) помогнаа збирката да ја составам како една целина во четири циклуси: Млада месечина, Месечина во најава, Тричетвртинска месечина и Полна месечина и да ја затворам со последниот дел „Потпис: Трепетлика“ со само една песна – писмо. Сакам овде да се заблагодарам на организацијата на „Антево перо“ и на жири-комисијата затоа што ја препознаа мојата поезија. Во една од песните во збирката се следните стихови „сите тие во мене/ се собрале и пеат“, така можеби метафорично може да се опишам – сите тие во мене, писателка, професорка, театролог… пишуваат.

Претходно познато, и веќе наградувано, е Вашето прозно творештво. Со романот „Јас и Лин, отпосле“ ја добивте наградата „Рациново признание“. За некој што се занимава со проучување на театарската уметност некако порационално е да се очекува да пишува драмски текстови, а не романи. Како ја толкувате Вашата потреба за пишување прозни дела?

– Како основната моја животна потреба, е најкраткиот одговор. Меѓутоа, како што реков, пишувам разни жанрови, пишувам и драми (една моја монодрама беше реализирана, останатите драми чекаат свое време). Сакам да пишувам и пишувам секогаш кога можам. Прозата можеби најмногу ме привлекува, затоа што ми ја дава слободата да си играм со приказните што ги носам. Пишувањето ми е лична борба и задоволство. Соочување со себе, со сето тоа што се носи внатре. Си играм со пишувањето (истражувам, експериментирам, сакам да направам нешто лесно читливо, а истовремено, длабоко проткаено) и сакам секое ново дело да ми е различно од претходното, но да го има мојот потпис. Истовремено со пишувањето се соголувам себеси. Затоа што ако не „прокрвариш“ додека твориш, не можеш да се сметаш за уметник. Не може да се биде комфорен и површен во пишувањето. Во ниту една уметност. Уметноста треба да боли, да предизвика емоција, да радува, да поставува прашања, да има став, да биде силна и моќна. Тоа го учев долго, до некаде и тешко.

Уметноста треба да боли, да предизвика емоција, да радува, да поставува прашања, да има став, да биде силна и моќна

Првиот роман „Јас и Лин, отпосле“ не беше објавен 12 години (иако уредно конкурирав со разни издавачки куќи, сè додека Игор Исаковски, не го препозна како таков и не го објави за „Блесок“). Оваа година не ми помина романот „Лебед“, за кој добив одлични рецензии. Напишав и уште еден роман „Ние“. Тоа не ме прави незадоволна. Само ми кажува дека за некои работи треба вистинско време. Пишувањето е интимно тешка работа. Меѓутоа, леснотијата на пишувањето се учи. Затоа сум благодарна што имав одлични учители по пишување: мојот професор Влада Урошевиќ и мојот втор татко, како што си го имав, писателот Коле Чашуле, се најзаслужни за тоа.

Сепак, најголем број од Вашите досега објавени книги се од областа на театрологијата. Како се случи Вашиот влез во театрологијата? Кој или што Ве повлече/внесе во оваа област?

– Љубовта кон театарот, пред сè. И потребата да го изучам од другата страна. Однатре. Откако дипломирав Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје (2001), се запишав на постдипломските студии по театрологија на ФДУ (каде што работам и денес). Професорката Јелена Лужина беше првиот мој водич низ светот на театарската наука. Ме внесе во тој свет преку одличната програма, каде што имав можност да учам од неа и од повеќе еминентни професори и театролози. Нејзините часови и часовите на професорот Владимир Милчин, се директните виновници да се откријам и како театролог и како професор. Театрологијата е млада наука кај нас и имав среќа да влезам во тој свет кога сериозно се профилираше и го отвори патот за сите млади луѓе што го сакаат театарот.

Театрологијата е млада наука кај нас и имав среќа да влезам во тој свет кога сериозно се профилираше и го отвори патот за сите млади луѓе што го сакаат театарот

Неодамна на Саемот на книгата ја промовиравте книгата „Избрани драми“ од Горан Стефановски, издание на „Полица“. Зошто е важно да се објавуваат драмите од Горан Стефановски и по неговата прерана смрт?

– Горан Стефановски е еден од најважните македонски драмски автори. Модерната македонска драматургија не може да се замисли без неговите драми. Тие драми се актуелни и денес, исто колку и во времето кога се напишани, ако не и повеќе. Неговите прецизни реплики, содржински профилираните монолози, стегнатиот говор, се толку моќни што и да не сакате драма или театар, кога ќе ги слушнете, сепак ќе ве испровоцираат и ќе ги запомнете. Кога тие се слушаат од сцена се уште помоќни. Горан Стефановски е еден од главните автори на модерната драма кај нас. Секоја култура треба да ја почитува својата традиција и наследство. Логичната линија на наследување треба да ја имаме пред нас, постојано. Ако уметникот, авторот, писателот, не си ги познава претходниците, не може да создава долго и плодно. Тоа се препознава во делата на добрите автори. Тоа го знаеше и самиот Горан Стефановски. Затоа во неговите драми има посвети на своите предци, и духовни и реални. Само ќе напоменам „Лет во место“ е посветена на предците, „Чернодрински се враќа дома“, јасно ни е од самиот наслов, во „Тетовирани души“ ја имаме директната референца кон „Вејка на ветрот“ на Коле Чашуле. Првата, „Јане Задрогаз“ е своевиден омаж на Марко Цепенков. Тука се гледа неговата вредност. И не само во тоа. Исто колку што неговите драми имаат однос кон минатото, имаат и кон сегашноста, но и кон иднината. Неговите драми се одличен патоказ, одлична можност да се изучува нашиот театар и драма.

За време на промоцијата предложив да се постават неговите дела на театарските сцени кај нас, како своевидна „година на Горан Стефановски“

Што изгуби македонската драматургија со прераното заминување на Стефановски?

– Загуби многу. Загуби писател, драматург, автор, професор, човек со мислење и став. Загуби една комплетна авторска фигура, која воспитуваше и учеше редица генерации драмски автори, драматурзи, актери, режисери… Нашата културна историја е побогата од неговото творештво, а нашата сегашност, осиромашена од неговото отсуство. Затоа е многу важно да се објавуваат неговите драми, да се играат на театарските сцени, да се слушнат/прочитаат уште еднаш неговите интервјуа, предавања, записи. Македонската и светската култура загубија одличен ерудит, човек – уметник, затоа треба да му се навраќаме. Предложив за време на промоцијата, да се постават неговите дела на театарските сцени кај нас, своевидна „година на Горан Стефановски“, барем на еден начин да му се одолжиме за тоа што го направил за нас.

„Избрани драми“ од Горан Стефановски – Нашата културна историја е побогата од неговото творештво, а нашата сегашност, осиромашена од неговото отсуство

Како театролог и професорка на ФДУ ја следите современата драмска продукција, и на текстови и на претстави. Пред десетина години приредивте книги со драми од Дејан Дуковски и Современа македонска драма. Што друго би можеле да издвоите?

– Македонските драмски автори, посебно од најмладите генерации, за жал, малку имаат простор за покажување и докажување. На театарот му фали стратегија. Секој да ја работи својата работа како што треба. Ние како да сме заборавиле што значи функцијата драматург во театар. Нема да генерализирам. Има театри што тоа добро го работат. Меѓутоа, не може во една сезона да има пет различни изведби на една драма од Шекспир (не дека не треба да го има Шекспир на театарските сцени, да не ме разберете погрешно), а ниту еден млад македонски автор. Треба некој добро да ја осмисли сезоната (по линијата – комисии во Министерство за култура до театарски менаџмент), потоа да можат драматурзите да откриваат нови текстови и да се даде можност на драмските автори да ги постават своите дела. Има автори чии драми и тоа како треба да се поставуваат. Некои се поставувани, некои уште чекаат. Меѓутоа, од она што го имам читајќи ги, знам дека не им е оставен доволен простор и не им е пружена шанса.

Според Вас, колкав е расчекорот помеѓу напишаните драми од македонски современи автори и нивното поставување на сцената на некој од македонските, или други, театри?

– Одличен збор за илустрација на ситуацијава е „расчекор“. Како што кажав и претходно, театарот треба да се преорганизира, поточно, да се постави на други темели. Не може да се поставува текст затоа што режисерот е другар на директорот на театарот. Не може да се поставуваат текстови без да се води сметка за профилот на театарот. Иако кај нас се докажува дека може. И таа фамозна година кога ја имавме „Сон на летната ноќ“ во повеќе театри. Или минатата година два пати ист текст. Има многу нови автори, не само кај нас, во регионот, во светот, кои пишуваат во контекст на времето, чии драми се вредни за гледање и за поставување. Треба да се тргнат личните интереси, во корист на уметноста.

Што се случи со Институтот за театрологија, кој своевремено постави стабилна база на македонската театарска продукција?

– Му се случи типичната негрижа за традицијата и културното наследство, онаа за која претходно зборував. Институтот за театрологија при ФДУ беше формиран од професорката Јелена Лужина да го чува театарското наследство. Од повеќето проекти што ги работевме, најзначајна е Театролошката дата база, прва од таков тип на Балканот за дигитализација на театарската практика (она што е денес нормално во светски рамки). Ние, неколкумина вљубеници во театарот, тоа го правевме од желба и љубов. И одеднаш бирократијата и негрижата го затворија проектот. Еве веќе неколку години се обидуваме да го регенерираме и да го вратиме во живот. Се надевам ќе успееме во тоа. Така ќе докажеме дека, сепак, може да се грижиме за својата театарска култура.

Со оглед на состојбата во театрите во изминативе неколку месеци поради пандемијата на ковид-19, можно ли е да постои театар без сцена, како гледате на појавата на виртуелниот театар, каков што досега и кај нас имаше три појави/претстави?

– Театарот е, како што нѐ учеше Питер Брук, „еден човек што игра и еден што го гледа“. И во нивната интеракција се раѓа една од најубавите уметности што човештвото ја изнедрило. Енергијата на размена од живата изведба е она што го прави театарот да ми е најсаканата уметност. И не само мене. Пандемијата тоа ни го одзеде, онака како што најголемите трагедии и се случуваат – одеднаш и без предупредување. И сега треба да научиме да живееме со тоа. И да се прилагодиме. Уште една од примарните човечки карактеристики. Јас верувам во силата на театарот, сум го кажала тоа во неколку пригоди откако почна ова. Верувам во неговата пирејска природа. Му се случувале и војни и чуми и природни непогоди и, пак, опстоил. Му се случувале и забрани и цензури и урнати театарски згради, но и нови медиуми што ја посвојувале неговата публика (радио, телевизија, филм, интернет), а, пак, преживувал. Затоа што е моќен. Виртуелниот театар, театарот на интернет, на дигиталните платформи е едно од лицата на театарот. Ја поздравувам идејата на нашите режисери, актери, драмски автори, театарски уметници, воопшто, да влезат во откривањето на непознатото. Сакам да верувам дека и покрај сето ова театарот ќе си ја најде новата форма. А знам дека ќе продолжи да живее.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 49, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот