Интервју со Бојан Јовановски: Скопје ќе стане еден од четирите европски центри за зелени иновации

Бизнисите можат истовремено да бидат успешни и штетни за животната средина и за општеството, онолку колку што засегнатите страни (купувачи, месно население, регулатори, и.т.н.) ќе им дозволат, вели Бојан Јовановски, професор на Институтот за меѓународен менаџмент при Универзитетот за применети науки „Јоанеум“ во Грац.

Проектот „Гриновет“ е нова европска иницијатива за развој на центри за извонредност во стручното образование и обука (ЦИСОО), кои ќе се фокусираат на вештини потребни за „зелени“ иновации. Притоа, ќе се основаат четири регионални центри, а еден од нив е во Скопје. Другите се во: Штаерска – Австрија, Васа – Финска и во Лерија – Португалија.  Целта на проектот е во секој регион, да се вкучат најзначајните чинители од средното стручно и високото образование, заедно со стопанството, и заедно да работат на специфичните предизвици. Но, идејата е и  четирите центри да соработуваат за да разменуваат знаења и искуства, што се покажува како клучен предуслов за развој на вештини насочени кон иднината. Токму ваквиот двоен фокус на регионално и паневропско ниво го прави проектот особено значаен.

Вака, раководителот на проектот „Гриновет“, Бојан Јовановски накусо го пртстави новиот четиригодишниот проект „Гриновет“– Европска платформа за извонредност во стручното образование и обука за зелени иновации кој официјално почна да се спроведува.

Со проектот е предвидено да се формираат центри за стручно образование и обука во областа на зелените иновации, овозможувајќи развој на иновативна, инклузивна и одржлива економија. Како ќе се формираат овие центри и како ќе функционираат?

– Како што напоменав, овие центри ќе бидат фокусирани на регионалните потреби, поради што веќе беа анализирани соодветните регионални стратегии за паметна специјализација, и за идентификуваните приоритетни области беше направена анализа на јазот помеѓу вештините кои ги развиваме и вештините кои ќе бидат потребни за создавање и користење на почисти технологии. Во секој регион беа спроведени интервјуа со експерти и беше направена анкета со клучните чинители. Согласно резултатите, секој од регионалните тимови ќе одлучи како нивниот центар ќе биде формиран. Но покрај формата, центрите ќе се разликуваат и по дејностите на кои ќе се фокусираат, како и по типовите на услуги кои ќе ги нудат.

Здружението Национален центар за развој на иновации и претприемничко учење – Скопје е водечка организација за истражувањето за сите четири региони, додека пак Машинскиот факултет при УКИМ во Скопје е водечка организација за формирањето на центрите. Преку ова Скопскиот регион е во извесна предност во оваа почетна фаза, имајќи можност да го води процесот во сите региони, но и да биде во центарот на размената на знаење и идеи. Во периодот кој следи, овие две организации, заедно со Сојузот на стопански комори, АСУЦ „Боро Петрушевски“, и Раде Кончар-ТЕП, но и во соработка со останатите чинители ќе се определат за идните насоки на ЦИСОО во областа на зелените иновации – Скопје.

Да биде појасно, без разлика на конкретниот фокус, центарот ќе негува соработка меѓу високото и средното образование, стопанството, јавните институции и невладиниот сектор. Во таа насока ќе бидат организирани разни обуки за наставниот кадар од средното стручно и високото образование, но и работилници, проекти со стопанството, како и натпревари за ученици и студенти. Сѐ со цел, подготвени да ги дочекаме новите индустриски и пазарни трендови.

Како што рековте проектот треба да обезбеди Платформа за меѓусебно поврзување на училиштата за стручно образование и обука и универзитетите, на регионално, национално и европско ниво, со вклучување на клучните партнери во локалните и регионалните екосистеми за иновации и вештини. Со кои механизми ќе се воспостави и одржи оваа платформа? 

– Ова е многу интересно прашање. Проектот е напишан пред помалку од година и половина, но сепак во друго време кога станува збор за дигитализацијата, особено во далечинското учење и работењето во оддалечени тимови. Во тој момент, очекувањето беше дека главниот предизвик ќе биде развојот на техничка алатка која ќе овозможи размена на идеи, знаења, искуства, но и можност за далечинска работа на нови иницијативи, како и присуствување на наставата кај колеги од другите земји. Верувам дека сѐ ова, во овој момент звучи многу едноставано. За среќа, се надеваме и дека така ќе биде. Она што останува предизвик е начинот на кој оваа платформа за меѓународна соработка ќе ги одржува членовите активни, како ќе направиме механизми за континуирана дообука на наставниот и истражувачкиот кадар и заедничка работа на проекти за потребите на индустријата низ цела Европа. За ова да функционира, неопходно е сите споменати чинители (образовните институции, стопанството и институциите) да најдат свој интерес во оваа соработка, поради што претставници од сите нив ќе бидат вклучени во телото кое ќе ја развива платформата.

Во оваа насока, би сакал јавно да ги повикам сите оние кои сметаат дека на некој начин влијаат или се под влијаение на идните потреби за вештини поврзани со почисти процеси или производи, да ме контактираат мене или колегите доц. д-р Трајче Велковски и мојот имењак вонр. проф. д-р Бојан Јованоски, и да се вклучат во идните активности на центарот во Скопје и паневропската платформа. Неопходна ни е подобра економија и почиста животна средина, а секоја позитивна промена почнува во училницата.

Европските држави се во многу понапредната фаза во процесите поврзани со заштита и унапредување на животната средина, а кај нас реалниот сектор, особено средните и мали претпријатија, многу малку размислуваат на овој аспект. Дали според вас ќе може да се води успешен бизнис и да се делува претприемачки ако не се размислува зелено? 

– Според мене, постојат неколку фактора кои влијаат на развојот на еколошката свест кај компаниите во Западна Европа. Тука личните убедувања на сопствениците играат важна улога, но сепак бидејќи основната одговорност на бизнисот е економската, предничи притисокот од купувачите и поттикот од регулативата (преку негативни и позитивни механизми). Според ова, имајќи предвид дека сите овие чинители се дел од општеството, општествените норми и очекувања се веројатно најзначаен фактор. Во нашата држава, реалниот недостаток на средства, но и општествената клима создаваат добро алиби за компаниите, а и поединците да го оставаат овој проблем на некој друг и да продолжат со вообичаените практики со кои ги направивме и правиме еколошките проблеми, меѓу кои и негативните рекорди за загадувањето на воздухот.

Да одговорам директно на Вашето прашање, бизнисите можат истовремено да бидат успешни и штетни за животната средина и за општеството, онолку колку што засегнатите страни (купувачи, месно население, регулатори, и.т.н.) ќе им дозволат.

Сметам дека за позитивна промена неопходно е општеството (секој од нас), да ги повика на одговорност сите компании и политички фактори преку единствената реална моќ која ја имаме над нив – да ги избереме конкурентите.

Бевте дел од наставниот кадар на Машинскиот факултет при УКИМ, а сега активно работите во образовна институција во Грац, Австрија. Може ли да ни направите една кратка паралела меѓу образовните системи тука и таму, во однос на стручното образование и присутноста на зелените иновации ?

– Што се однесува до фокусот кон зелените иновации, односно еколошкиот аспект во развојот на производите и процесите, во високото образование, не гледам разлика. Моите први познавања во областа ги стекнав токму на Машинскиот факултет при УКИМ во Скопје, каде што имав можност и неколку години да бидам асистент по предметот Еколошки менаџмент кој постоеше уште од минатиот милениум, од 1990-ите, во време во кое тимот на факултетот ги создаде Интердисциплинарните студии за заштита на животната средина. Студиска програма на додипломски студии по Енергетика и екологија на факултетот постои и денес, иако тоа не е случај на некои од техничките универзитети во Западна Европа.

Сепак би внимавал оваа опсервација да не ја проектирам на целокупниот образовен систем, имајќи предвид дека сепак станува збор нашата водечка наставна, научна и истражувачка институција во својата област.

Да бидам фер до крај, би сакал да воочам една разлика, односот на индустријата кон високото образование. Сега работам на Универзитетот за применети науки „Јоанеум“ во Грац, на Институтот за меѓународен менаџмент и сметам дека компаниите се поотворени за различни типови на соработка од платени пракси за студентите, до заеднички апликативни проекти. Но она што ме радува е дека и кај нас, од година во година состојбата е сѐ подобра и соработката помеѓу високото и средно стручното образование од една, и стопанството од другата страна сѐ повеќе се обновува и продлабочува. За крај би сакал да апелирам, секој од нас е одговорен за она што го прави, но и за она што не го направил. Имаме една планета и одговорност на нашата генерација е да најдеме начин да живееме во склад со природата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот