Интервју со Бекир Адеми: Природата на архитектурата има уникатна моќ да ги спои луѓето

Проектот „Сега“ на Бирото за проектирање БИНА од 20 мај до 21 ноември оваа година ќе биде поставен во македонскиот павилјон во рамки на меѓународната изложба на 17. Биенале на архитектурата во Венеција. Комесар на македонското учество е директорката на Националната галерија на РСМ, Дита Старова-Ќерими, а куратори се Бекир Адеми и Јордан Шишовски. Во реализацијата на проектот кураторите соработуваа со група коавтори: Ана Рафаиловска, Ивана Чаловска, Енис Абовски, Енес Север, Атанас Наумовски, Амине Адеми, Гаврил Бошковски, Елмедина Хасани, Нита Чавoли, Аида Бакали Салиху и Дрен Невзати. Покровител на изложбата во Венеција е Министерството за култура на РСМ.

Проектот „Сега“ е симболична претстава на еден отсечок од множеството и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот. Сето ова концептуално открива два аспекта на просторно-временското суштествување, потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината. Инсталацијата на првото доживување е интровертна и питома, потоа прераснува во една широка купола, каде интеракцијата и пресекот помеѓу архетипизирана рамка – куќа со подвижна сфера суштински ја генерираат формата, создавајќи чувство на споделена хармонија и стабилност кај посетителите. Концептот се материјализира во дрвена композиција составена од дрвени елементи, сите со различни димензии, меѓусебно поврзани во една единствена хармонична просторна структура.

Комесарот Дита Старова – Ќерими и кураторот Бекир Адеми под сводот на проектот „Сега“ во Венеција / Фотографија: Андреа Ферро

Седумнаесеттото издание на Венециското биенале на архитектурата со тематски наслов „Како ќе живееме заедно?“ веќе ги отвори портите за посетители од целиот свет. Помеѓу 61 национални павилјони, публиката ќе може да го посети и македонскиот павилјон, сместен во дворот на „Палата Зорци“, каде е изложен проектот „Сега“ на Бирото за проектирање БИНА (Биро за инвентивна архитектура). Бирото е основано во 2008 година, а негов основач е архитектот Бекир Адеми. Како куратор на проектот, Адеми заедно со екипата која учествуваше во реализацијата на проектот престојуваше неколку денови во Венеција и изворно ни пренесува дел од впечатоците што ги здобил од отворањето на павилјонот и од меѓународната изложба на биеналето.

Архитектонскиот проект „Сега“ е поставен, а македонскиот павилјон беше отворен на 20 мај во Венеција. Какви се вашите импресии од отворањето на павилјонот?

– Да, проектот „Сега“ стана реалност, со сите загрижености кои постојано доминираа, но и се надминуваа со ентузијазам сето тоа инспирирано од целта најдостоинствено и стручно да се претстави нашата држава на најголемата меѓународна архитектонска сцена. Отворањето на нашата изложба преку дадените пораки, пред сѐ, преку инсталацијата и графичките прилози достојни на темата на Биеналето, во исто време блесна и со надеж, самодоверба, заедништво, сето тоа во наше присуство и со присуство на гостите, сите во прегратка на нашиот павилјон.

Како излезе како локација за проектот да биде избран дворот на „Палата Зорци“, односно седиштето на УНЕСКО во Венеција? Што беше пресудно за изборот?

– Првично локацијата беше предложена од страна на Министерството за култура преку Секторот за меѓународна соработка, за паралелно со развивањето на нашиот концепт да биде инсистирано од наша страна за задржување на истата, бидејќи, пред сѐ, се работи за престижен простор кој воедно е и седиште на УНЕСКО во Венеција, организација која промовира соработка меѓу нациите преку образованието, науката и културата.

Синтезата на нашиот современо интерпретиран Павилјон со ренесансната „Палата Зорци“ (Palazzo Zorzi) несомнено создаде хиерархична релација помеѓу минатото и сегашноста, а отвореноста на просторот – спој помеѓу земјата и небото, кое беше клучно за да се доживее вистинската моќ на внатрешниот „микрокосмос“ на нашиот павилјон, но и пресудно да се избере таков еден простор.

Изложбената поставка „Сега“ создава чувство на споделена хармонија и стабилност кај посетителите / Фотографија: Андреа Ферро

Какви реакции од публиката имаше во Венеција?

– Реакциите, пред сѐ, на вработените, гостите и на посетителите од првиот ден беа препознатливи по нивната ненадејна реакција на чувство на хармонија при првиот допир со павилјонот, додавајќи ги тука возбудата и љубопитноста околу начинот, принципите и суштината на видно комплексната структура.

Исто така, кај еден дел одекна пораката со честитка од мојот почитуван професор Митко Хаџи-Пуља, кој ни ја испрати додека престојувавме во Венеција. Таа беше доволна за разбирање на сликата и како истата се доживува од далеку, без да се присуствува во реалниот простор: „Јас ја разбирам како дел од небесниот свод! Небото кое треба да го градиме заедно за сите! Небото е едно! Тоа е составено со соучество, партиципација на СЕКОЈ ОД НАС, секој од нас една е една вертикала, едно лично постојано воздигнување“.

Заедно со екипата престојувавте неколку денови во Венеција. Имавте ли можност да се сретнете со архитекти од другите павилјони и што од другите проекти ви остави впечаток?

– Поминавме неколку дена во Венеција со целата екипа која беше инволвирана во финалната подготовка на нашата изложба, прекрасна дружба која вроди прекрасни спомени. Ги посетивме павилјоните на сите земји учесници, покрај типично архитектонските, иако долго време актуелни теми и во други области впечаток ни оставија и излагањата на оние кои го третираа прашањето на Биеналето со посебен акцент на еколошката свест, самоодржливоста и новите начини на производство на храна и користењето на архитектурата и предностите на новите технологии со цел позитивно да се влијае и подобри целокупниот еко-систем на планетата.

Венециското биенале традиционално, пред денот на главното отворање на изложбата за сите посетители, првите три дена ги организира како „pre-opening“ денови. Тоа е период кога изложбените простори, вклучително и тие на „Џардини“ и „Арсенале“, се достапни само за учесниците на изложбата и претставниците на медиумите, каде што ни се нуди неповторлива прилика непосредно да поминеме време со реномирани колеги од целиот свет и да се запознаеме со нивните гледишта на зададената тема на биеналето и, на некој начин, можност да се допре до најактуелните теми од светот на архитектурата.

Тема на 17. Биенале на архитектурата е „Како ќе живееме заедно?“, а куратор на изложбата е Хашим Саркис. Каква беше вашата прва асоцијација за темата пред да го направите проектот „Сега“?

– Темата на Биеналето е, всушност, прашање кое е насочено кон иднината, но кое бара конкретен одговор во сегашноста, секогаш „сега“ е најповолно време да се посветиме и креираме визија преку моќта на архитектонската имагинација за начинот на кој би живееле заедно во иднината. Во актуелниот глобален контекст на широки политички поделби и растечка економска нееднаквост, клучно е да се обидеме да замислиме простор во кој би можеле сите да постоиме и да делуваме заедно. Тука е суштествен моментот на заедништвото, заедно, пред сѐ, како човечки суштества, индивидуи кои во својата природа копнеат за меѓусебно поврзување во реалниот, а сега и во дигиталниот простор; заедно како соседство кое бара достоинствен простор за живеење; заедно како заедница со потреба за еднаквост, застапеност и просторен идентитет; заедно над политичките поделби на планета која се соочува со најразлични кризи кои наметнуваат потреба од итни акции во глобални размери.

Во актуелниот глобален контекст на широки политички поделби и растечка економска нееднаквост, клучно е да се обидеме да замислиме простор во кој би можеле сите да постоиме и да делуваме заедно / Фотографија: Андреа Ферро

Голема екипа е вклучена во реализацијата на проектот. Дали тоа вообичаено е така за архитектонски проекти?

– За помали земји како нашата не е вообичаено да се вклучат голем број на учесници, каква и да е природата на проектот и зададената тема. Меѓутоа, стремежот да се допира сѐ подлабоко во генезата на развивање на концептот, да се спојат сѐ повеќе различни светови во еден единствен, а со тоа и да се биде вистински допирлив и составен дел од претставувањето, се дел од причините за вклучувањето на поголема екипа во реализацијата на нашата изложба.

Основач сте на Бирото за проектирање БИНА (Биро за инвентивна архитектура). Колку време постои бирото и какви проекти претходно проектиравте?

– Бирото за проектирање БИНА постои од 2008 година и до ден-денес активно учествува во изработка на проекти и конкурси од различни категории, типологии и размери, како проекти за семејни куќи, станбени објекти, објекти од комерцијален и јавен карактер, ентериери, сценографии и слично.

Меѓународната награда во сферата на архитектурата, како „Милан Злоковиќ“ за најдобро архитектонско дело во регионот на Балканот за проектот за „куќа 2б“ во Скопје, номинацијата во тесен број на меѓународни реализирани проекти за наградата „European Union Prize for Contemporary Architecture – Mies van der Rohe Award“ за „Плоштад Скендербег“ во Скопје, современиот театар и библиотека во Тетово, се неколку од повеќето проекти од особено значење за нас.

Каква е вашата, но и глобалната визија за архитектурата на иднината?

– Архитектурата, во суштина, не треба да се разбере како конвенционална професија, таа е повеќе како синтеза на сите останати професии заедно. Нејзината природа има уникатна моќ да ги спои луѓето од различни професии да соработуваат на заедничка иднина и успешно функционирајќи како целина да создадат заедничко добро, додавајќи ги тука и заедничките напори за „одржливата архитектура“ како важен фактор со што поуспешно ќе се промовираат системите за одржлив развој, со што ќе се зголеми употребата на обновливата енергија, но сето тоа исклучително во склоп на универзалните вредности и принципи на архитектурата и урбанизмот.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 82, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 29-30 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот