Интервју со Аријана Коскарова: Младите не мора да се селат, од секаде може да направат успешна приказна

Коскарова на 30 години доби награда за жена претприемач во индустријата во Давос и беше говорник во рамките на технолошкиот парк. Во Давос се оди на покана, а до таа покана треба да се изоди долг пат.

Триесетгодишната Аријана Коскарова е единствената што годинава успеа да биде на Светскиот економски форум во Давос. Од Македонија минатата година, по 15 години паузирање, во Давос отиде тогашниот премиер Зоран Заев. Но, претприемач индивидуално да биде поканет таму, тоа е една сосема поинаква приказна…

Коскарова во разговорот за „Слободен печат“ раскажа еднo поинаквo видување за Давос од она што вообичаено се добива впечаток за форумот на кој доаѓаат најбогатите луѓе од светот.

 

– На овој форум не можеш да отидеш доброволно. Треба некој да те покани. За тоа треба да се направат претходно контакти. Но, она што го научив во Давос е дека, за една земја таму да отиде премиер или претседател, е многу значајно. Јас сум била на многу светски значајни настани од областа на економијата, но никаде, како на овој, не постои таква можност за блиски контакти. Таму можеш да седнеш до принц, до најбогатите луѓе на светот, можеш со него непосредно да зборуваш, можеш да учествуваш на многу настани, да направиш презентација… Од овие контакти, дефинитивно може да произлезат големи работи – вели Коскарова.

Во Давос, како што велите, мора некој да Ве покани. Која е Вашата приказна. Како успеавте да стигнете до таму?

– Поканата за Давос ја добив по препорака на милионерот Еван Лутро, со кого работев на повеќе проекти. Но, секако, на одлуката да бидам поканета влијаеше и мојата интересна кариера, потоа тоа што лани, заедно со мојот брат како основачи на фирмата „Креатив хаб“ во Македонија, се најдовме на листата „30 под 30“ што ја формира угледниот магазин „Форбс“, но и успешно организираниот Балкански претприемачки самит во септември во Македонија, а на кој успеавме да донесеме многу моќни луѓе од светот на бизнисот.

Во Давос учествував претпоследниот ден, во рамките на технолошкиот пaрк, а бев поканета како говорник, но и како добитник на наградата за жена претприемач. Таму посетив и многу други настани, а би го издвоила таканаречениот извршен појадок за земјите од Централна и од Источна Европа што го организираше Полска заедно со „Фајненшл тајмс“, а каде што беа претседателите на Полска, Хрватска, Естонија и премиерот на Латвија. Таму беа и директорите на „Голдман сакс“ и на „Гугл“. На овој појадок имаше само 20 гости, а меѓу нив бев и јас.

Како ги создадовте контактите со толку моќни луѓе во светот на бизнисот? Можно е тоа некој сам да го направи, или сепак, некој треба да го однесе за рака?

– Бизнис-контактите се создаваат, но на тоа треба да се работи. Откако завршив Филолошки факултет и Факултет за туризам во Македонија, преку програмата „Работи и патувај“ заминав во Њујорк, каде што работев во една маркетинг-агенција. За да останам таму и за да градам кариера, се вратив во Македонија по дипломи за ГМАТ (математика) и ТОЕФЛ (англиски за странци), без кои не би можела да се запишам на мастер студии во Њујорк. Успеав да се запишам на студиите, но не добив американска виза и тоа му го соопштив на мојот директор во компанијата каде што работев во Њујорк. Тој ми предложи работа во Шангај, каде што виза се добива со пристигнувањето во државата. Во компанијата во Шангај работев 5 години, на разни позиции и стигнав до многу висока позиција, но целта ми беше заменик-претседател ЦЕО. На таа позиција јасно ми беше дека нема да стигнам со диплома од Македонија во конкуренција со некој од Харвард и затоа побарав неплатено отсуство за да отидам на МБА-студии во Монако. Во Монако има многу богати пензионери, кои сакаат да инвестираат. Всушност, секој студент има свој бизнис-партнер што му помага. На некои од моите колеги бизнис-партнерите им станаа инвеститори. Јас додека бев таму, развив една апликација што ја продадов во Хонг Конг и со дел од тие пари отворив фирма во Македонија. Значи, во целиот овој процес на градење кариера, јас создавав контакти.

Со што се занимава Вашата фирма во Македонија?

– Јас и брат ми сме основачи на центарот за неформално образование „Креатив хаб“, кој организира курсеви и академии од областа на менаџмент, графички дизајн, веб-дизајн, човечки ресурси… Бројот на заинтересираните постојано се зголемува и сега имаме повеќе од 100 студенти. Тоа се луѓе што сакаат во кус временски период да се стекнат со практични вештини, со кои ќе може убаво да заработуваат одовде или да ги продолжат кариерите во странство. Наши клиенти се на возраст од 25 до 40 години.

И покрај сите успеси што ги набројавте, дали во некој момент помисливте дека подобро ќе беше да продолжите со работата во Монако или во Шангај?

– Понуди за работа имав во Монако, а работното место во Шангај ми беше во мирување и можев да се вратам. Но кога ги добив парите од продадената апликација, сакав да се предизвикам себеси во претприемништвото, во мојата земја. Тука сум две години и постојано слушам патетични приказни за тоа како сме мала земја. Сакам да им порачам на младите, но и на повозрасните, дека каде и да се наоѓаат, може да бидат успешни. Тоа зависи од нив.

Што е Вашиот следен предизвик?

– Покрај „Креатив хаб“ по нешто што ме препознаваат, јас сум во одборот на две компании, една од Лондон и една во Монако, кои се занимаваат со блок-чејн технологии. Блок-чејн ќе биде новиот интернет, односно тоа е платформа  што обезбедува сигурен проток на информации и на трансакции. И сега ова се обидуваме да го внесеме во Македонија. Пари за тоа има, но проблем се ресурсите, односно знаењето. До крајот на годината треба да отвориме еден блок-чејн хаб во Скопје во рамките на „Креатив хаб“, каде што би се обучувале луѓе што ќе работат на овие нови технологии, затоа што тие ќе бидат иднината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот