Интервју со Антонио Михајлов пред Скопје Прајд: Сè уште нашите учебници содржат дискриминаторски содржини

Антонио Михајлов / Фото: Галерија на Субверзивен фронт

Речиси 12 часа не делат од првата Парада на Гордоста во Македонија. Утре претпладне официјално започнува настанот, a за да земете учество во маршот потребно е да влезете во означениот простор на собир од страната на Триумфална капија во периодот од 11.00 до 11.45 часот (програмата можете да ја видите тука).

Македонија и Босна и Херцеговина се последните држави во регионот во кои ЛГБТИ луѓето досега немале шанси да излезат на марш, со што утрешниот датум влегува во историјата на државата. Поради често поставуваните прашања, организаторите денеска објавија и информативен список со препораки што би требало, а што не би требало да понесете со себе на настанот.

Деновиве разговарвме со Антонио Михајлов, извршен директор и еден од основачите на Субверзивен фронтздружение за критички пристап кон родот и сексуалноста од Скопје. Пред да стане ЛГБТИ активист, Антонио работел во продажба и маркетинг на софтвер во Норвешка и интернет маркетинг во Белгија и Финска. Неговите одговорности во С-Фронт вклучуваат обезбедување на стратегиска насока на развојот на организацијата, осигурување на спроведувањето на програмата на организацијата во согласност со организациската мисија, визија и стратегиски цели и преку пет стратегиски области. Негови интереси се застапување на ЛГБТИ и женските права, обука и образование за родот и сексуалноста, како и истражувања за ЛГБТИ теми.

Да им ја објасниме Вашата улога во општеството на читателите. Што е Субверзивен фронт, која е Вашата мисија, Вашите визии и цели? 

– Здружението на сексуални и родови малцинства Субверзивен фронт, основано на 23 јуни 2013 година, ја ангажира заедницата во промоцијата на правдата, слободата и еднаквоста на сексуалните и родови малцинства во Северна Македонија преку принципите на отчетност, солидарност и вклученост.

Субверзивен фронт верува дека за припадниците на сексуалните и родови малцинства да живеат слободно, отворено и автентично, ние мора да развиваме политики засновани на докази, програми и услуги кои го поддржуваат остварувањето на себе-идентификуваните потреби на нашата заедница.

Целите на Субверзивен фронт се:

Воспоставување на истражувачки програми на локално, национално и регионално ниво за генерирање на податоци и знаења за потребите и грижите на заедницата на сексуални и родови малцинства;

Поддршка во индивидуално и колективно градење на заедница на сексуални и родови малцинства со цел нејзините припадници да се во првите редови на сите наши активности;

Застапување на политики и закони кои ги адресираат потребите на заедницата на сексуални и родови малцинства и ја обезбедуваат нивната заштита;

Градење соработка, партнерства и сојузништва со граѓански организации, министерства, единици на локална самоуправа, државни агенции, бироа и управи, синдикати, здравствени установи, просветни установи, центри за социјална работа, младински организации, младински работници, медиуми, членови на семејства, поддржувачи и сојузници, истражувачи и истражувачки институти и агенции, меѓународни организации и институции, и други чинители со цел унапредување на положбата и правата на сексуалните и родовите малцинства во државата и пошироко.

Со какви проблеми, дискриминации и секојдневни искуства се соочува лице што припаѓа на ЛГБТИ заедницата во Македонија?

– Искуствата на насилство, дискриминација на работното место, дискриминација во пристапот до услуги на здравствена заштита, дискриминација во пристапот до услуги на социјална заштита, отфрлање од семејството, изложеност на ризик од бездомништво, се многу чести, понекогаш и секојдневни за луѓето кои припаѓаат на оваа заедница.

Вознемирувањето и малтретирањето на младите ЛГБТИ луѓе во училиштата од страна на нивните врсници е исто така горлив проблем, кој не се адресира, или соодветно не се адресира. Проблемите се уште поголеми за ЛГБТИ луѓето кои исто така припаѓаат на некое од етничките малцинства, посебно ЛГБТИ Ромите, како и на ЛГБТИ луѓето кои доаѓаат од посиромашните слоеви на општеството, или од рурална средина, или кои израснале во опкружување со строго конзервативни вредности и ставови.

Транс-жените доживуваат значително поизразени дискриминација и насилство поради хетеропатријархалните норми и вредности кои доминираат во општествениот дискурс. Пристапот до правда, посебно во санкционирањето на говорот на омраза и кривичните дела од омраза претставува сериозен долгогодишен проблем на нашето судство и обвинителство.

Дали освен Скопје, имаме градови и населена места каде што може да се каже дека припадниците на ЛГБТИ заедницата можат барем малку слободно да „дишат“?  Колку е лесно да се вработиш во кое било населено место во Републиката, а да не е Скопје, доколку се декларираш како член на заедницата?

– Не би рекол дека Скопје е место каде што ЛГБТИ луѓето слободно дишат, да не зборуваме за останатите места низ државата.  Во најголем дел, ЛГБТИ луѓето не се отворени на работното место за сопствената сексуална ориентација или родов идентитет, со таа разлика што транс-луѓето повторно имаат значително поголеми пречки при пристап до вработување.

Зошто е есенцијално да се одржува Парада на гордоста?

– Многу е важно затоа што се обидува да креира простор на слобода да се биде автентичен во тоа кој си и кого сакаш, затоа што пружа отпор на политиките на срам, на потсмев, на осуда, на стигма врз оваа заедница и затоа што нуди можност за градење солидарност со останатите ранливи и маргинализирани групи во општеството.

Скопје Прајд 2019 за првпат годинава ќе се одржи и во нашата земја, која заедно со Босна и Херцеговина сe единствените држави во регионот во кои не се одржала Парада на гордоста досега. Со оглед на тоа што Субверзивниот фронт активно функционира од 2013 година, раскажете ни за предизвиците кои ги имавте од идејата за реализација на овој настан и кај нас, до конечниот момент кога беше утврдено дека настанот ќе се реализира?

– Парадата на гордоста не е резултат само на нашите напори во Субверзивен фронт, т.е. на дел од вработените кај нас, туку на напорите што повеќето активисти и активистки за ЛГБТИ во државата ги вложуваа во изминатата година и повеќе во остварувањето на оваа идеја. Во организацискиот одбор на Парадата на гордоста членуваме во индивидуален капацитет, иако ги користиме ресурсите на граѓанските организации каде што работиме во спроведувањето на голем дел од активностите досега. Најголем дел од предизвиците беа поврзани со целта соодветно да се одговори на потребите и барањата на членовите на ЛГБТИ заедницата, на начин кој е во прилог на нашите организациски планови за застапување на правата на ЛГБТИ луѓето.

Веднаш штом одекна веста дека ќе се реализира Скопје Прајд, противниците на самата идеја за реализација на настанот се „групираа“ и најавија контрапротест на „невидено“ (со оглед на фактот дека Парадата на гордоста за прв пат се одржува во Републиката). Според Вас, кои чекори треба примарно да ги направиме за да падне „традиционалниот штит“ под кој очигледно се кријат агресијата, стравот и неприфаќањето на различното и непознатото, како и апелите за насилство?

– Најсоодветен одговор на ваквите напори е непречено остварување на нивното право на јавен собир и здружување и правото на слобода на изразување, кои се со уставот загарантирани. Ние очекувавме вакви чекори затоа што сме свесни за доминатно негативните ставови врз ЛГБТИ луѓето во нашето општество, како и на нискиот степен на интеракција помеѓу ЛГБТИ луѓето и хетеросексуалното и цисродово мнозинство.

Отворањето на самите ЛГБТИ луѓе во нивните микросредини кадешто живеат и творат, јавните кампањи кои имаат за цел да ја подигнат свесноста за проблемите и потребите на овие луѓе, како и поддршката од страна на власта (централната, локалната и законодавната власт) преку преземање конкретни мерки, влијаат позитивно врз намалувањето на овие негативни ставови и зголемување на разбирањето и прифаќањето на овие луѓе.

Споед извештаите на ИЛГА Европа, во кои се опфатени 49 земји, Македонија годинава бележи скок од дното на листата на 34-то место. Исто така, годинава и во пресрет на Меѓународниот ден против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, 17 мај, беше изгласан и Законот за спречување и заштита од дискриминација, што е навистина позитивен чекор напред. Со какво расположение работат институциите за ЛГБТИ заедницата во Македонија, колку се отворени за соработка, дали постојат „бојкотирачи“ во институциите? Што е полошо, а што подобро во поглед на истите од Вашите почетоци досега?

– Ние во рамките на нашата соработка со Министерството за труд и социјална политика во делот на градење на капацитети на државните службеници во справувањето со дискриминацијата и говорот на омраза се соочуваме со специфични потешкотии во разбивањето на стереотипите и предрасудите кои овие луѓе кои им служат на граѓаните и граѓанките, ги имаат кон ЛГБТИ луѓето.

Евалуацијата на нашите основни обуки со нив покажуваат дека тие ги имаат апсолвирано дискриминацијата врз основа на етничка припадност и верско уверување, но покажуваат значително незнаење, поседување на проблематични ставови, како и недостиг на вештини во справувањето со проблемите на ЛГБТИ луѓето, но и на другите не толку видливи ранливи групи. Промената на ставовите и однесувањето кај државните службеници бара долгорочен, стратегиски пристап каде што трансферот на знаења и вештини ќе се случува непречено.

Колку едукативниот систем помага за подобрување на статусот на ЛГБТИ заедницата?

– За жал, не можеме да се пофалиме со некакви достигнувања овде. Сè уште нашите учебници содржат дискриминаторски содржини, најголем дел од просветните работници не се обучени, ниту имаат желба и интерес да работат со овие проблематики, а стручните служби (педагозите, психолозите, правниците…) понекогаш знаат и поголема штета да направат. Дополнително разочарува и тоа што Министерството за образование и наука нема слух за нашите проблеми и потреби.

Како читателите можат да помогнат и да дадат поддршка да се подобри статусот на ЛГБТИ заедницата?

– Со изразување јасна, недвосмислена поддршка, со запознавање со нашите проблеми и потреби, со слушање и обиди за разбирање на нашите потешкотии, со застанување во наша одбрана кога сме под директни закани, со промоција и застапување на нашите права во кој било контекст и време.

На кого би му се заблагодариле и на кого сте горди во овие моменти пред почетокот на Парадата на гордоста?

– На поддршката која дојде и доаѓа од различни страни и во различни облици, на колегите и колешките од организацискиот одбор за досегашниот нивен огромен труд и посветеност, на волонтерите кои инспирираат со нивната енергија, знаења и вештини, на другарите/другарките кои континуирано ме поддржуваат, како и на непроценливото богатство што го поседувам – моите мајка, татко, брат – непресушен извор на инспирација и среќа.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот