Интервју со Андријана Јаневска, пејачка: Создадена без никакви спонзори, мојата прва книга е личен придонес за мојата Македонија

Поп-пејачката и професорка по виолина Андријана Јаневска неодамна ја промовираше својата прва книга „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“.

Иако во трка со времето, за пет години, таа успеа да собере повеќе од 150 македонски народни песни од овие краишта и, како што вели, да ги зачува од заборав.

Освен за музиката, за новата книга и за сè она што ја исполнува приватно, зборуваме со Андријана во интервјуто за „Слободен печат“…

Неодамна ја промовираше својата прва книга „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“. Како помина промоцијата и кои се твоите импресии?

– Промоцијата се одржа во музејот на „Стерјо Спасе“ во с. Глобочени – општина Пустец и беше многу посетена, што особено ме радува. Дојдоа многу луѓе од околните села на кои на некој начин им го должев овој труд. Многу го засакав тој крај и секогаш со радост го посетувам.

Од каде идејата за оваа книга?

– Идејата ми дојде пред 10 години, кога со професорката Катерина Тодороска од Институтот за национална историја разговаравме за Македонците во Албанија и за предизвиците со кои се соочуваат. Бевме во трка со времето, да се соберат што повеќе материјали и песни и мислам дека успеавме, т. е. книгата излезе во вистинско време. Дополнителна мотивација ми беше тоа што во овие региони немало многу истражувања, особено од областа на етномузикологијата.

Колку време беше потребно за да ги собереш песните од овие краишта и за колку песни станува збор?

– За собирање ми беа потребни околу 5 години, а следните 4 години го пишував трудот, под менторство на проф. д-р Родна Величковска од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Бев десетина пати низ повеќе села во општина Пустец, потоа во Тирана каде што снимав преселнички родови од Голо Брдо и во Призрен каде што снимав преселнички родови од Гора. Книгата е мој личен придонес за мојата татковина, не е спонзорирана од некое министерство, ниту од приватни спонзори. Успеав да снимам повеќе од 150 македонски народни песни, кои ги дешифрирав и мелографирав.

Фото: Приватна архива

Што е карактеристично за песните од овие краишта?

– Најважно е тоа што многу од песните се варијанти на песни што се пеат и кај нас, со што може да се заклучи дека станува збор за истиот народ, кој за жал во минатото бил разделен. Инаку, во Мала Преспа најкарактеристични се свадбените песни, во Голо Брдо – хумористичните и ороводните, додека во Гора – љубовните песни.

Кога сме кај музиката, што правиш на тој план, има ли шанси во скоро време да слушнеме нова поп-песна?

– Последна поп-песна ми е: „И без тебе можам“, која ја отпеав лани на Макфест, па во следниов период планирам да ја изненадам публиката со нова песна и спот.

Во екот на летото, колку време минуваш на мотор и која е најдолгата дестинација што ја извози?

– Најмногу возам напролет и наесен бидејќи не е толку топло. Често на настапи одам со моторот и така ги комбинирам работата и задоволството. Најдолго возење ми беше лани, кога бев до Метеорите, а следната седмица планирам да одам за Црна Гора.

Фото: Приватна архива

Време на одмори… беше ли веќе некаде или допрва следува и што е за тебе идеален одмор?

– Со семејството бевме една седмица на Малта и една седмица во Охрид. Секој одмор со моите најблиски за мене е идеален одмор. Сакам море, но и езеро, планина, реки… Во текот на целата година со семејството шетаме низ нашата преубава Македонија.

Со години ја држиш истата линија. Која е тајната што успеваш речиси никогаш да не варираш многу си килограмите?

– Најголем удел има генетиката, а потоа и мојот начин на живот. Постојано сум активна и во движење. Инаку, немам некој посебен режим на исхрана, но никогаш не се прејадувам, а јадам буквално сè. Клучот е во умереноста.

А, како ја одржуваш убавината, колку те плашат годините?

– Гледам да уживам во секој нов ден, па не мислам многу на годините. Во поглед на физичкиот изглед, не правам ништо особено, не посетувам салони за убавина и немам правено никакви естетски корекции. Многу е важно човек да е среќен и да живее спокојно. Спијам по 8 часа, мислам дека и тоа е клучен фактор.

За крај, што ти ја одбележа годината и што да очекуваме следно од тебе?

– Промовирањето во доктор на науки, наградата „Пејачка на годината“ што првпат ја добив на Златната бубамара на популарноста и промоцијата на мојата прва книга „Македонското традиционално народно пеење во: Мала Преспа Голо Брдо и Гора“, која веќе е во продажба во сите книжарници на „Просветно дело“. Следен проект ќе биде снимање на песните од книгата. Веќе одбрав уникати што сакам да ги отпеам за да останат како доказ за нашиот богат македонски фолклор во Албанија. На тој начин песните ќе ги зачуваме од заборав.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот