Интервју со Андријана Јаневска: Чест ми е да ја претставувам Македонија во ваков светски проект

Како и многупати досега, со овој проект се докажа дека музиката, уметноста и спортот се единствени кои можат да го сплотат целиот свет, во буквална смисла на зборот, вели виолинистката и пејачка Андријана Јаневска. 

Треба ли претставување за Андријана Јаневска? Наша омилена пејачка, прва виолина во Македонската опера и балет, доцент на Факултетот по музичка уметност, владее со повеќе инструменти, махерка за шах, навива за Барса во фудбал и за Ферари во Формула 1, вози мотор „кавасаки“, ако нешто ви значи моделот е Ер-6Н 650 цц, и има уште куп страсти, освоени успеси и проекти во најава, ама да не ви раскажеме сè одеднаш, внимателно прочитајте го нашиот разговор.

Бев една од неколкуте учесници кои ги интервјуираа од 195 музичари во оркестарот, по еден од секоја земја во светот.

Неодамна даде интервју за документарниот филм кој премиерно ќе биде прикажан на Би-би-си Еарт (BBC Earth), а по повод учеството во проектот „Еарт оркестра“ (The Earth Orchestra), за што станува збор?

– Станува збор за едночасовно интервју за документарниот филм „Еарт оркестра“, кој премиерно ќе се емитува на Би-би-си Еарт. Интервјуто го снимивме преку Скајп и во него зборувам за македонската музика, за предизвиците со кои се соочуваме, а особено беа заинтересирани за македонскиот фолклор, кој моментално го истражувам за мојата докторска дисертација. За мене претставува огромна чест што бев една од неколкуте учесници кои ги интервјуираа од 195 музичари во оркестарот, по еден од секоја земја во светот.

Како дојде до соработката?

– Ми пристигна мејл во кој ме поканија да бидам претставник од Македонија, токму така и сум претставена, без никакви додавки. Со оглед на тоа што станува збор за симфониски оркестар, учествувам како прва виолина. Композитор на делото е Џорџ Фентон, најпознат по неговите композиции за сериите на Би-би-си Блу планет и Планет еарт (BBC The Blue Planet и Planet Earth). Композицијата се снимаше минатата година во студиото „Еби роуд“ (Abbey Road Studios) во Лондон. Идејата е да има по еден музичар од секоја земја во светот.

Што за тебе, и што воопшто, значи да се биде прва виолина од Македонија во светскиот оркестар? Дали со тоа се отвораат во иднина и вратите на другите успешни музичари?

– За мене првенствено претставува чест да ја претставувам Македонија во ваков светски проект. Планот беше да се одржи голем премиерен концерт, но за жал, ситуацијата со светската пандемија ги поремети плановите. Се надевам дека ќе имаме можност во живо да го отсвириме делото откако ситуацијата ќе се стабилизира. Инаку, интересно беше да се чујат уникатните звуци на инструменти од буквално сите земји во светот, да се запознаам со светскиот фолклор, начин на свирење, пеење и така натаму. Како и многупати досега, со овој проект се докажа дека музиката, уметноста воопшто и спортот се единствени кои можат да го сплотат целиот свет, во буквална смисла на зборот.

Со врвен музичар како Влатко Стефановски е лесно да се работи бидејќи точно знае што сака и како сака да звучи песната.

На што моментно работиш? Како оди соработката со Влатко Стефановски за новиот албум?

– Постојано работам со странски автори и изведувачи, кои се заинтересирани за соработка, пеам, свирам виолина, аранжирам. Инаку, имам и песни на македонски кои размислувам како и кога да ги промовирам. Го подготвувам за работа и моето училиште за пеење, кое треба да профункционира од септември. Со врвен музичар како Влатко Стефановски е лесно да се работи, бидејќи точно знае што сака и како сака да звучи песната. Снимаме во неговото студио во Тафталиџе, заеднички ги обмислуваме вокалните линии што ги пеам и мислам дека ова ќе биде фантастичен албум. Освен тоа, добро ни оди и муабетот, па неретко знаеме да си седнеме во двор после снимање и да дискутираме за одредени теми и животни предизвици.

Кога ќе заврши коронакризава, со нашиот најдобар автомобилист Игор Иџе Стефановски ќе тренирам и ќе се подготвувам за женската осмомартовска трка со автомобили.

Едно женско прашање, како успеваш да останеш секогаш во одлична форма и добро расположение, покрај бројните професионални и семејни обврски?

– Тоа е поврзано едно со друго: професионалните обврски ми го подобруваат расположението затоа што го сакам тоа што го работам, а нема ништо поубаво од времето поминато со семејството. Уживам со синовите, гледаме цртани, играме игри на компјутер, цртаме, боиме, играме фудбал. Инаку сум сто отсто спортски тип, сакам кошарка, ракомет, фудбал, одбојка, атлетика, гимнастика, но најмногу практикувам шах, планинарење, возење велосипед и пливање. Периодов малку стагнирав заради пандемијата, но се надевам дека животот полека ќе се врати во нормала. Сакам да гледам фудбал, навивам за Барса и сакам да гледам Фомула 1, навивам за Ферари, а за добрата кондиција ми помага и секојдневното решавање шаховски проблеми. Сепак, најмногу од сè ме привлекува возењето, па периодов го искористив да го усовршам возењето мотор Кавасаки Ер-6Н 650 цц (Kawasaki ER-6N 650cc) за што посетував обука за А категорија. Кога ќе заврши коронакризава, со нашиот најдобар автомобилист Игор Иџе Стефановски ќе тренирам и ќе се подготвувам за женската осмомартовска трка со автомобили.

Фотографии- Ани и Дими

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот