
Интервју со Ана Стојановска, психолог: Колективно страдаме, колективно помагаме, колективно и ќе се опоравуваме од загубата
Македонија тагува поради една од најголемите трагедии во поновата историја на земјата. Во неделата наутро, разорен пожар го зафати ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, за време на концертот на музичката група „ДНК“. Според досегашните информации, животот го загубија 59 лица, а 155 беа повредени. Меѓу настраданите имаше и членови на „ДНК“.
Препорачано
Колективната болка што произлегува од ваква трагедија е неизмерна и целата држава сочувствува со семејствата на загинатите и повредените. Во вакви моменти, чувството на безбедност се губи, а стравот, гневот, тагата и беспомошноста се дел од психолошките реакции кои секој од нас ги доживува.
Во интервју за „Слободен печат“, психологот Ана Стојановска ни објасни како се манифестира колективната тага, кои се нејзините психолошки последици и како можеме да си помогнеме себеси и на другите во процесот на тагување.
Како првичниот шок по ваква трагедија влијае врз нашето ментално здравје? Што можеме да направиме во тие моменти за полесно да се справиме со емоциите?
– Овој настан донесе огромна загуба, пред се, за семејствата на настраданите, но и за целата заедница. Сите сведочиме на последиците на оваа бесмислена трагедија, чувствуваме несигурност и страв и болка за загубените деца, браќа и сестри и родители. Веројатно секој кој ја слушна веста за катастрофата имаше реакција на шок. Првично ја примаме со неверување, чувство дека вакво нешто не може да биде реално, па бараме повеќе информации, контактираме со другите за некако да ја провериме неизбежната реалност. Преплавувањето може да биде големо во тој момент, па да почувствуваме дека сакаме да ја снема оваа вест, да изгасиме телевизор и да не ни споделуваат за настанот. Шокот е реакција на значајна промена која не сме сакале да се случи. Кај некои од нас се појави уште веднаш реакција на гнев и потреба да се најдат одговорните за несреќата. Кај други, жалоста поради неповратноста на загубата е првичниот одговор. Во тие моменти имаме потреба да ги контактираме блиските, потребно ни е да ги слушнеме и провериме тие кои ги сакаме. За да се справиме со емотивните реакции во овие мигови, важно е да го зборуваме тоа што го чувствуваме, да се поврзаме и да разговараме со другите. Да се обидеме да ги регулираме дишењето и свесноста и да побараме помош доколку не се справуваме ефикасно. Во првите денови по настаната трагедија, секојдневието го губи редот, настанува забуна и хаос и важно е да знаеме дека е тоа сосема нормално во ваква ситуација.
Кога колективната тага станува премногу силна, како можеме да ја обработиме без да нè совлада? Кои се најдобрите начини да останеме присутни и да се справиме со болката?
– Емоционалните и физички последици од трауматски настан како овој можат да бидат преплавувачки и за сведоците на оваа несреќа, не само за директно засегнатите од пожарот. Доживувањето може да донесе дезориентираност и шок, анксиозност и страв од иднината, жалост по загинатите, лутина и фрустрација, вина кај преживеаните, или мешавина и бранови од сите овие емоции. Колективната жалост е комплексно доживување и не содржи само тага. Заедницата го губи чувството на безбедност и стравува за иднината, активно бараме начини на кои можеме да превенираме идни настани од ваков тип. Во потреба да си дадеме смисла на еден бесмислен настан како овој, многу нерационални и опасни одлуки можеме да донесеме. Сведоци сме на разурнувачката моќ на колективниот гнев кој се крена во обид некако да донесеме правда за непотребната загуба на животи и да си повратиме дел од изгубеното чувство на контрола. Во овие моменти на преплавување, важно е да имаме свесност за емоциите кои ги чувствуваме, да не се впуштаме лесно во радикални постапки, да се обидеме да одолееме на зависности или да се затрупаме во купче работни обврски во обид да си ја намалиме болката и да не се изолираме на подолго време. Колку што е возможно, одржувајте ги секојдневните активности, барем основните рутински навики, грижете се за своите потреби за храна, сон и движење, следете ја ситуацијата, но ограничете ја изложеноста на информации поврзани со настанот и вклучете се активно во опоравокот на своите блиски или во заедницата. Барајте конкретна помош или понудете ја. Не заборавајте дека ние луѓето сме создадени за заедништво, не минувајте самите низ болката.
На кој начин треба да им се објасни ваква трагедија на децата и младите за да ја разберат, но без да им создадеме дополнителен страв или несигурност?
– Важно е да не го сокриваме настанот од децата бидејќи голема е веројатноста дека ќе зборуваат со други деца од средината, а телевизијата и социјалните медиуми ќе ги изложат на различни информации, без оглед на возраста. Подобро е ние како нивни родители одговорно и проактивно да се обидеме да им ја објасниме настанатата ситуација, на едноставен јазик, соодветно на нивната возраст. Притоа, наместо на детали, повеќе да се фокусираме на покажаната солидарност на луѓето во кризата и на начинот на кој сите од земјата и пошироко се здружија да помогнат. На децата од нас им е потребен контекст и повеќе зборови. Охрабрете ги да споделат за доживувањето и расчистете им ги дилемите или дезинформациите околу настанот. Нивните очи секако гледаат во нас, добро е да споделиме и самите што чувствуваме во оваа ситуација. Да им потенцираме на децата дека се безбедни и да им нагласиме дека сите ние сме насочени кон тоа ваква несреќа да не се повтори. Прашувајте ги што мислат и што чувствуваат, повеќепати, бидејќи тие тагуваат различно од нас возрасните, на начин кој не е секогаш очигледен. Колку што е возможно одржете ја секојдневната рутина која на сите нас, не само на децата, ни дава чувство на безбедност и контрола над животот.
Дали постојаното следење на вестите за трагедијата може да биде штетно за психолошката состојба? Како да воспоставиме рамнотежа помеѓу информираноста и заштитата на нашето ментално здравје?
– Особено е важно да дозираме колку се изложуваме на вестите и како ги споделуваме со другите, за да избегнеме ретрауматизирање, не само на засегнатите од трагедијата туку и на целата нација. Секој од нас различно е засегнат во овој настан и доколку вашиот контекст во овој момент дозволува, ограничете го константното следење на вести и објави по мрежите. Направете договор со себе кога во денот ќе се информирате, на пример, одлучете да ги гледате вечерните вести или да ги прочитате само ударните статии напладне. Одржете си го дневниот распоред активен – одењето на работа, пазарењето, работа со децата и слично.
Како најдобро да ги поддржиме оние кои изгубиле свои блиски? Што значи да покажеме емпатија на начин што навистина ќе им помогне?
– Во сочувство и поддршка, сакам да им порачам на сите – не постои вистински начин да се тагува. За сите фамилии кои загубија блиски во несреќата, важно е да бидеме присутни, да слушаме и да сочувствуваме. Во жалоста, нашето присуство е лековито и воопшто не е малку. На блиските можеме да им понудиме практична помош во секојдневното живеење, да им обезбедиме храна и намирници и сè друго што е потребно. Обжалувањето не е проблем што треба да се реши, па подобро да избегнуваме нудење на решенија освен ако не ни побараат. И можеби најважно од сè е да бидеме трпеливи и да си ги проверуваме блиските редовно. Жалењето зема време и треба да се одживее. Во целиот овој процес, не заборавајте да се грижите и лично за себе, бидејќи да се биде поддршка за лица кои се во криза е многу емоционално исцрпувачки.
Каква порака би им упатиле на граѓаните на Македонија во овие тешки моменти?
– Нека почиваат во мир починатите. Брзо нека се опорават повредените. До фамилиите на настраданите стоиме сите во сочувство и со поддршка да го пребродат ова тешко време. Неочекуваната загуба на животи во Кочани сите нас нè засегна. Колективно страдаме, колективно помагаме, колективно и полека и ќе се опоравуваме од загубата. Ќе бидеме присутни едни за други во тажењето и во болката и понатаму, како што правиме и до овој момент. Пружаме помош и поддршка преку донации и преку волонтирање на личните ресурси. Нема да ги заборавиме загубените животи и понатаму ќе се залагаме ваква трагедија да не се повтори. Притоа, да не заборавиме – жалоста е колективна, но секој од нас ја доживува лично и на свој начин. Дајте си простор и време да се справите со своите чувства и во случај на преплавеност од каква било емоција, подолготрајна неможност да ги одржите основните животни потреби и да ги извршите секојдневните активности, побарајте помош од стручно лице.