Интервју со Ана Стојановска: Не се покајав што го избрав пинг понгот, досега имам 130 медали и 30 трофеи!

– Ја имав таа привилегија да тренирам со меѓународни тренери, врвни мајстори и да учествувам на повеќе меѓународни кампови – вели нашата пингпонгарка.

Веб изданието на „Слободен печат“ продолжува со серијата интервјуа со македонските млади спортски таленти и нивно афирмирање, Ана Стојановска блеска во пинг понгот и има досега врвни резултати на домашната и меѓународната сцена.

Пинг понгот е спорт кој е многу интересен и како облик на рекреација, не само како професионален спорт, не бара многу простор и опрема и многумина го препорачуваат.

Стојановска е повеќекратен државен шампион во повеќе категории, еден од најголемите успеси беше третото место  во двојки на Балканското првенство во Едрене (Турција) до 21 година.

Освен што се занимава со овој спорт, исто така еден од нејзините поомилени спортови е ракометот, а нејзин идол е првиот светски рекет, Новак Ѓоковиќ. Прочитајте и дознајте повеќе во продолжение…

Како се одлучивте да бидете дел од пинг понгот, што ве мотивираше да бидете дел од овој спорт?

– Љубовта кон спортот и желбата да спортувам ме мотивираше да почнам да се занимавам со овој прекрасен спорт. Во периодот кога имав 10 години и кога почнав да ги правам првите спортски чекори во нашиот град немаше многу избор за спортување на повеќе спортски дисциплини па затоа го избрав пинг понгот. Но, никогаш не се покајав, бидејки како член на ППК Крива Паланка и Македонската репрезентација доживеав многу прекрасни моменти и успеси како на домашна така и на меѓународна сцена.

Го освоивте првото место на Балканската лига во Скопје, кажете ни нешто повеќе околу вашиот настап и самата конкуренција?

Балканската лига е меѓународно натпреварување во која учествуваат повеќе репрезентации од Балканот во кадетска и јуниорска конкуренција. Лигата се игра турнирски во повеќе Балкански држави, конкуренцијата е силна со оглед на квалитетот на овој спорт на Балканот, а јас како член на Македонската јуниорска репрезентација го освоив првото место во поединечна и екипна конкуренција.

Кои се вашите најголеми успеси на домашната и меѓународната сцена?

– На домашната спортска сцена сум повеќекратен државен шампион во повеќе категории, а на последното сениорско државно првенство со 15 години станав вицешампион. Еден од најголемите успеси на меѓународната сцена ми е освојувањето на трето место во двојки на Балканското првенство во Едрене (Турција) до 21 година. Инаку учесник сум на повеќе Балкански првенства, меѓународни турнири, Европско првенство, квалификации за Младинските олимписки игри во Аргентина и секако за спомнување е и учеството на Светското сениорско првенство што минатата година се одржа во Унгарија како најмлад учесник.

Кои се вашите следни активности, кои настапи ве очекуваат?

– Во овој период најмногу сум фокусирана на подготовките за претстојните Мастерс турнири како и Државните првенство во сите категории. Тука е и Балканското првенство во месец мај што ќе се одржи во Албена (Бугарија). Како член на ППК Крива Паланка во Првата лига како есенски прваци ја продолжуваме борбата за шампионската титула.

Како изгледа еден ваш обичен ден, дали имате и други омилени спортови како рекреација, хоби, дали имате идоли?

– Денот започнува со школските, а завршува со спортските активности. Ученик сум во втора година во средното училиште во нашиот град, член сум на повеќе секции во нашето училиште. Одлична ученичка сум, три години по ред сум ученик на генерација, државен првак во пинг понг и во двете години сум на сите средни училишта во Македонија, како и првак на МАССУМ натпреварите. Ги сакам сите спортови, но еден од поомилените ми е ракометот пред сè поради успесите на нашата гордост РК ВАРДАР. Мој идол е Новак Ѓоковиќ не поради спортот со кој се занимава, туку поради упорноста, успесите и желбата за победа.

Што е потребно кај еден човек да го краси за да стигне до врвот, односно победничкиот подиум?

– За да постигнете успех и добри резултати во било која сфера од животот, а не само во спортот, потребно е многу работа, упорност, желба и пред сè да го сакате тоа што го работите. Талентот е една од помалите причини за успех во спортот, сето друго е само работа и тренинг. Јас ја имав таа привилегија да тренирам со меѓународни тренери кои беа врвни мајстори на овој спорт и да учествувам на повеќе меѓународни кампови кои ги водеа луѓе со светско реноме.

Кои се вашите желби, цели за во 2020 година и секако за во иднина?

– Во мојата досегашна по години кратка кариера имам освоено околу 130 медали, 30 трофеи, околу 130 дипломи, повелби и сертификати како домашни така и меѓународни. Желбите и целите во наредниот период се Државните првенства во сите категории како и што подобар успех на Балканското првенство за јуниори во Р. Бугарија. Исто така продолжува спортската борба во лига натпреварувањето за освојување на Шампионската титула. Продолжуваме со напорните тренинзи за постигнување на зацртаните цели и успеси, бидејки секоја титула е потстрек за нови и уште поголеми достигнувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот