Интервју со Александар Велиновски за Неделата на дизајн во Скопје: Главната ориентација е насочена кон младите

Александар Велиновски, организатор на Неделата на дизајн во Скопје

Неделата на дизајн во Скопје е фестивал што со години го третира индустрискиот дизајн и дизајнот на производ, а по неколкугодишна пауза фестивалот повторно е дел од културната сцена од 6 до 10 ноември во „Паблик рум“ и во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.

Амбициозната цел на Неделата на дизајн во Скопје е да се подигне свеста за функционалноста на дизајнот и создавањето иновативни продукт-решенија, но овој пат со предзнакот еко и циркуларна економија. Фестивалот беше најавен со конференција за развој на креативниот туризам, а продолжи со работилници, панел-дискусии, поп-ап изложба, стручни предавања за дизајн, работилници за деца, како и програма каде акцентот е ставен на музиката.

По неколкугодишна пауза повторно се сретнавме со Александар Велиновски од „Паблик рум“, кој ја има одговорноста околу целата организација на Неделата на дизајн во Скопје.

Со каква цел новото издание на Недела на дизајнот во Скопје го најавивте со конференција за развој на креативен туризам?

– Влегувањето на секторот туризам во Министерството за култура за нас беше новитет и се отвори прашањето што понатаму ќе се случи. Ние, како организатори на Недела на дизајнот во Скопје, имаме тесна соработка со Министерството за култура, но и со други фондови и со локалната управа во однос на прашањата поврзани со културата. Сега се појавува туризам, кој е економска гранка, и влегува во секторот култура, што само по себе е новитет што треба да се опсервира. Тоа значи дека самиот сектор култура, односно креативните индустрии ќе мораат да го сменат перформансот и да додадат економска компонента, или поедноставно кажано, економско размислување во однос на културниот производ.

Досега секторот култура функционираше со барање фондови за поддршка, но без излегување на пазар и продажба на продукти. Сега ќе мораме да го смениме начинот на размислување. Ова е уникатна шанса за секторот култура и за креативните индустрии со време да смислат продукт којшто би го пласирале преку секторот туризам. На тој момент гледам како на „златна кокошка“, затоа што ако добиваме нова публика, која субвенционирано ќе доаѓа во Македонија, ние ќе треба да ги искористиме тие луѓе да ги потрошат своите пари во секторот култура. Затоа одлучивме да ја одржиме конференцијата за развој на креативен туризам, во која и луѓето од Министерството за култура најдоа своја добробит и беа дел од учесниците во конференцијата.

Вовед во програмата на фестивалот беше конференцијата за развој на креативниот туризам

Од друга страна, во конференцијата беа вклучени и операторите. Заради нивните искуства, меѓу учесниците на конференцијата беа „теренците“. Не ни требаше академската сцена со стратегии и светли примери од светот, туку ни требаа тие што веќе работат во Македонија, што имаат реални проблеми и од секторот култура и од секторот туризам.

По двата одржани панели се доби впечаток дека тоа се два паралелни светови. Што е потребно тие светови да се спојат?

– Тоа како прашање му го поставив на министерот Зоран Љутков, односно дали станува збор за „органска врска“ или е „наметнат брак“? Одговорот беше дека туризмот органски припаѓа во овој сектор, бидејќи е тесно поврзан со културата, се поткрепуваат и се носат заедно. Лично мислам дека тоа е органска врска, но кај нас доаѓа по поинаков пат. Ако овозможиме добри услови, таа органска врска ќе заживее и ќе доживее развој што ќе донесе добробит и за културата и за туризмот. А понатаму, за десетина години веројатно ќе зборуваме за еден сектор и нема да ги раздвојуваме како што тоа го правиме сега. Тогаш ќе разговараме за ситуација „брак“, а не за „младоженец“ и „невеста“, како што правиме сега.

Александар Велиновски и министерот Зоран Љутков на конференцијата за развој на креативниот туризам

Конференцијата беше вовед кон Недела на дизајнот во Скопје, што по неколку години пауза се одржува од 6 до 10 ноември во „Паблик рум“ и на уште неколку локации. Кои беа причините за паузата и со какви мотиви Недела на дизајнот во Скопје повторно ја враќате во живот?

– Имавме еден неуспешен обид со последното издание што се одржа за време на ковид-пандемијата. Се случија многу препреки, а Недела на дизајнот е фестивал на кој мора физички да се присуствува за да се доживее. Сѐ останато без физички контакт е тешка импровизација. На фестивалот се учи и се работи. Ова е работен фестивал, место каде што се дознаваат нови искуства и учесниците се вмрежуваат. На тој начин се надградуваат и излегуваат побогати со знаења и искуства.

Целата програма е конципирана сите од фестивалот да излезат побогати и посмели за утре да продолжат со работа и со творење во животот. Фестивалот е ориентиран кон дизајнот, но не ги исклучува и другите дејности, како архитектура, ликовна уметност, занаетчиството.

Паузата што се случи беше рефлексија и на укинувањето на поддршката за креативните индустрии во 2017 година. Ние издржавме две години после тоа да го организираме фестивалот и без државната поддршка, но ако не те сака „мајка ти“, не може да те сака „вујна ти“ од Брисел. Доколку државата одлучи дека нема потреба понатаму да се развиваат креативните индустрии, треба јасно да се каже, а тоа за нас би било јасен показател во која друга сфера да се ориентираме. Ние сме флексибилни, сме го докажале тоа, еластични сме, дури и пластични сме, на крајот од денот, и сто пати во „Паблик рум“ сме се реформирале и сме се реорганизирале. Тоа не ни е проблем. Ние сме бизнис-ориентирани и брзо дејствуваме. Ги гледаме проблемите, ги наоѓаме можностите и се приспособуваме.

Неделата на дизајн во Скопје од 6 до 10 ноември се одвива со мото „За новата генерација на Скопје!“

Се чини дека паузата ја искористивте за добро и во новото издание влеговте со малку проширен формат во однос на концептот на фестивалот. Со какво мото се одвива Неделата на дизајнот во Скопје овие денови?

– Мотото е „За новата генерација на Скопје!“, што значи дека оваа година ориентацијата на фестивалот повеќе е насочена кон младите. Таа „Генерација Зед“ (Gen Z) по која сите трагаат, ние веќе ја имаме во „Паблик рум“. Нашата намера беше да понудиме доволно квалитетна содржина којашто тие ќе ја прифатат, а за таа цел младите беа инволвирани и програмски и маркетиншки во конципирањето на програмата.

Нашата цел е да ги привлечеме генерациите кои доаѓаат за да не се изгубат по патот, да не завршат по шанкови со турбофолк, туку да дознаат дека на фестивалот можат да откријат убави и паметни содржини кои утре ќе им користат во животот. Од фестивалот, сигурен сум, дека ќе излезат побогати со знаења и со искуства. Значи, искуството не е само да се најадеш и да се напиеш, туку тоа што ќе го научиш на Недела на дизајнот е богатството што останува. Така ја конципиравме програмата да понуди нешто иновативно и да понудиме примери што се блиски до нас.

На Недела на дизајнот во Скопје досега биле присутни најдобрите дизајнери од Велика Британија, САД и од Европа, но секогаш сум тежнеел да претставиме примери што се поблиски на нашиот начин на размислување и работа. Кога доаѓале дизајнери од држави со голем пазар добивав чувство дека ги фрустрираат нашите млади генерации со можностите што ги има таму, а ги немаме ние тука. Место да добијат охрабрување, тие добиваа фрустрација.

Затоа малку го сменив профилот на дизајнерите кои држеа предавања на Недела на дизајнот. Поинакво е чувството кога, на пример, ќе го поканите Никола Радељковиќ од Сараево, којшто успеал во областа на дизајнот и станал познат на светско ниво со огромен број меѓународни награди, вклучувајќи ја и „Ред дот“. Поинакво е чувството кога ќе дознаете дека Никола од Сараево станал светски познат дизајнер. Тоа ги охрабрува и нашите млади луѓе од Битола, Тетово или од Скопје да се обидат да го направат истото. На тој начин сакам нашите млади креативци да ги поттикнам вистински да се занимаваат со дизајн, а не дизајнот да им биде хоби.

Кој од светските дизајнери годинава се присутни на фестивалот?

– Дојде Северин Филек, директор на австриската асоцијација за дизајн. Тој одржа работилница којашто е нужна, а се однесува на методите според кои секој фриленсер ќе научи да си ги пресмета своите работни часови. Врз основа на тие знаења тој ќе може правилно да си го валоризира сопствениот труд и да даде добра понуда кон потенцијален клиент, односно како да се вреднуваш за да можеш да го наплатиш својот труд.

Тука е и светски познатиот дизајнер Зоран Једрејчиќ, кој е роден во Сплит, а живее и работи во Белград. Неговата работилница даде одговор на прашањето како да се произведе брендиран дизајн.

Партнерка и редовна соработничка на Недела на дизајнот во Скопје е и Маја Лалиќ од „Миксер“ во Белград, која ги откри можностите за младите дизајнери во Европа. Со Маја претходно ја имавме оформено платформата „Млади дизајнери од Балканот“ во 2015 година, а сега одиме чекор понапред со платформата „Некст ген дизајн“, која ја проширивме да не биде само за балканските дизајнери, туку во неа да бидат вклучени и дизајнери од цела Европа. Тука е и Ана Шиловиќ од Хрватска, која ги претстави можностите за финансирање на културните и креативните сектори од европските фондови.

Меѓу врвните експерти за дизајн деновиве во Скопје е присутен Северин Филек од Австрија

Како се распоредени програмските содржини по локации каде што се одржуваат?

– Предавањата и работилниците се одржуваат преку ден во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Поп-ап маркетот ќе се одржи во текот на деновите на викендот во „Паблик рум“, додека музичките концерти се одржуваат навечер во поткровјето на „Паблик рум“.

Какви се вашите очекувања како организатори на Недела на дизајнот во Скопје? Какви резултати се потребни за да се отворат можности за развој на дизајн-секторот?

– Како за повторно враќање на фестивалот во културната агенда на градот, доволно е да се случи изразена посетеност на работилниците, предавањата и во изложбениот простор. Битно ни е да видиме интерес за да добиеме волја за следната година да подготвиме уште подобра програма.

Во моментов морам да бидам критичен и да истакнам дека дупката што до 2019 година ние ја пополнувавме со неформалното образование коешто го нудевме, гледам дека сега станала уште поголема. Всушност, пополнувањето на таа дупка е работа на факултетите за дизајн, но на терен тоа не се гледа. Ние се надевавме дека методологиите и моделите што ги развивавме на Недела на дизајнот во Скопје ќе бидат преземени од образовните установи и дека ќе ја продолжат практиката што ја востановивме. За жал, тоа не е така и дупката во образованието за дизајнот кај младите е многу поголема од претходно.

На пример, ако некој не разликува што е алуминиум, а што е челик, тогаш не може да се занимава со дизајн. Треба да се знае што е дрво, а што е иверка. Значи недостасуваат некои основни познавања на материјалите, а без тоа не може да се занимаваш со дизајн. Сето тоа би требало да се учи на факултетите за дизајн преку практична работа. Ние не планираме да работиме на доописменување на младите дизајнери, а некои од нив веќе имаат дипломи за дизајн. Да сакавме тоа да го работиме ќе отворевме академија за дизајн, но тоа не е нашата цел.

Затоа упатувам апел до професорската фела малку повеќе да посветат внимание на практичното образование на студентите по дизајн. Ние не можеме, не сакаме и не треба да бидеме некој што ќе ја преземе улогата во формалното образование. Показните вежби што ги имаме на фестивалот се само насоки во кој правец треба да се движи модерното образование за дизајн. Нашата цел е да го развиваме секторот, но не можеме да бидеме едукатори, туку се поставуваме како катализатори на развојот. Така што, решението е во образованието. Ние можеме да помогнеме, но не можеме да ја преземеме улогата на формалното образование за дизајн.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 255, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10.11.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот