Интервју со актерката Теута Ајдини Јегени: Мислам дека успеав да ја доловам цврстината на Вера

Филмската продукција „Дрим фектори“ организираше специјална проекција за новинари на играниот филм „Вера сонува за морето“ во киносалата на Кинотеката во Скопје, а тоа беше можност да се сретнеме со режисерката Калтрина Красниќи, актерите Теута Ајдини Јегени и Рефет Абази, како и со продуцентите на филмот.

Филмот „Вера сонува за морето“, прво долгометражно остварување на режисерката Калтрина Красниќи од Косово, ја раскажува приказната за Вера, преведувач на знаковен јазик, која по самоубиството на сопругот, реномиран судија, се наоѓа во ситуација самата да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и со државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив. Во филмот главната улога е Вера, која ја игра актерката Теута Ајдини Јегени од Албанскиот театар во Скопје. Улогата на пријател на нејзиниот починат сопруг во филмот ја игра актерот Рефет Абази.

Македонија е застапувана од продуцентската куќа „Дрим фектори“, а копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ. Снимањето на филмот се одвивало на локации во Косово и во Албанија, додека монтажата и постпродукцијата била направена во Македонија.

Веројатно повеќе пати сте го гледале филмот, вклучително и на светската премиера во Венеција, но како ја доживеавте проекцијата во Кинотеката во Скопје?

– Искрено да ви кажам, мислам дека дури на оваа проекција првпат го видов филмот. Не сакам погрешно да ме разберете, бидејќи присуствував и на премиерната проекција во Венеција, но со целата фестивалска атмосфера таму, мислам дека на оваа проекција, конечно, можев посмирено да го почувствувам филмот и да ја анализирам мојата актерска работа во филмот. Го гледав порелаксирано, без тие емоции што ги имав во Венеција, и го почувствував малку поинаку, дури и малку се надградив како Теута која ја игра Вера.

Во филмот бев вклучена од самиот почеток. Немав удел во сценариото, ниту во кастингот за филмот, ниту, пак, знаев какви беа плановите на режисерката Калтрина Красниќи и сценаристката Дорунтина Баша. Тоа што ме привлече кон ликот на Вера уште на првиот кастинг беше силата на Вера, односно силата која ја поседува како жена. Во текот на снимањето барав начин како да ја прикажам Вера како цврста жена во сето тоа што сака да го направи. Мислам дека успеав да ја доловам таа цврстина. Во сцените со морето јас не тонев во длабочината, туку цело време собирав сила да излезам над површината. Таа цврстина се гледа и мислам дека се одржа до крај. Вера се бореше до крајот на филмот, дури излезе поцврста и поуспешна од многу мажи кои ѝ наметнуваа различни проблеми во нејзиниот живот. Мислам дека филмот отвора многу прашања и многу теми кои се однесуваат и кои ја опкружуваат личноста на Вера во филмот. Поради нејзината цврстина како жена успеа на крајот да го најде излезот од наметнатите проблеми.

Главната улога Вера во филмот ја игра актерката Теута Ајдини Јегени од Албанскиот театар во Скопје

Како лично се почувствувавте што улогата ве најде во Вашата зрела актерска фаза?

– Некои се шегуваа со мене. Ми велеа „Ти си сега ѕвезда!“ Не се чувствувам така, бидејќи одамна сум во овие актерски води, но секогаш посакував да бидам некаде, каде што некој ќе ме види во поинакво светло, за да можам доволно да се изразам. Не сакам да звучам нескромно, но си велам – посакувај! Не знаеш што, кога и каде ќе се случи. Јас навистина посакував да бидам некаде, да бидам дел од едно прекрасно сценарио и – ме пронајдоа. Не знам како ме пронајдоа за главната улога во филмот. Можеби некој некогаш изгубил кога не сакал да ме пронајде. Сигурно и јас сум изгубила многу, но никогаш не е доцна. За актерот никогаш не е доцна. На моите зрели години кога се правеше кастингот бараа уште позрела жена, но кај мене го пронајдоа тоа нешто за да го доловат карактерот на Вера. На крајот излезе дека најважно беше да се покаже духот на Вера, а не нејзината зрелост во години.

Секогаш посакував да бидам некаде, каде што некој ќе ме види во поинакво светло, за да можам доволно да се изразам

Во смисла дека духот и цврстината на ликот Вера бара дух и цврстина на актерката Теута?

– Токму така, зрелост на актерство и зрелост со различни искуства во животот на актерот. Сепак, за да бидам најпрецизна, мислам дека некогаш станува збор и за самата среќа. Не ни помислував дека некој некогаш ќе напише таков лик што ќе се погоди на мојот актерски момент. Посакував некогаш да згазам на црвен тепих, бидејќи никогаш ме ми се случило. И ете – се случи. Се случи да добијам главна улога во филм, да можам да покажам сѐ што знам, да дадам сѐ што можам да дадам и, на крајот на краиштата, да бидам дел од еден успех што веќе го живееме со самиот филм.

Потребата во филмот да знаете да комуницирате со знаковниот јазик за вас беше повеќе како технички момент што требаше да го совладате, или беше предизвик за ново искуство?

– Може и така да се сфати, но лично за мене беше најголемото задоволство што ми се даде можност да го толкувам знаковниот јазик. Затоа што така убаво се чувствував и мислам дека му прилега на секој глумец добро да го чувствува знаковниот јазик, бидејќи е единствениот јазик што се говори од душа. Сите други јазици можеме да ги зборуваме формално, но знаковниот јазик треба да се интерпретира, односно се говори точно од душа. Тоа што го правиме ние актерите го прават и самите личности кои го говорат тој јазик, независно дали навистина се глувонеми или се толкувачи на знаковниот јазик. Тие мора така да го чувствуваат тој јазик. Најубавото нешто што ми се случи во ова сценарио е што можев да се соочам и со тоа чувство на толкување со знаковниот јазик. Ми беше големо задоволство кога го учев и беше лесно да се научи, но за да го интерпретирам така како што тие бараа и сето тоа да биде професионално не беше баш лесно. Требаше тоа технички добро да го совладам, но мислам дека успеав да доловам дека добро го артикулирам знаковниот јазик. Среќна околност беше што и претходно сум комуницирала со луѓе кои го говорат тој јазик и знаев какво е чувството да знаеш да го разбереш сето тоа што го кажуваат. Веројатно имав и дарба, што секој актер треба да ја има, за да го почувствува знаковниот јазик.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 104, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7 ноември 2021)