Интервју со актерката Стојна Костовска: Неуморно прифаќам нови предизвици и никогаш не дозволувам да ми е досаднo

Секогаш насмеана и љубезна, актерката Стојна Костовска е една од оние ликови со кои пораснаа многу генерации. Во својата богата уметничка кариера, Костовска има одиграно безброј улоги, а различните генерации најмногу ја препознаваат од улогите кои ги има одиграно во македонските народни приказни но и по култната радио емисија „Хихирику“.

Кои се вашите професионални обврски во моментов. Што има ново?

– Ние артистите во лето сме слободни исто како учениците и професорите, така што во моментов немам никакви работни обврски. Меѓутоа никогаш не сум запоставила книга, сакам да си прочитам нешто, да дознаам што има ново, што се случува околу мене и тоа на секое поле. Барем две до три книги во месецот, буквално ги „голтам“. Најчесто си купувам, но знам и да добијам книга. Книгите се евтини, кога имаме пари за што било друго, а 200 или 300 денари секогаш можеме да издвоиме од домашниот буџет за нова книга. Мене книгата ми е најдобар пријател.
Но, покрај читањето, јас се релаксирам и со плетење. Тоа ми е најново хоби. Сите ние имаме проблеми во животот, потпаѓаме понекогаш и во депресија, никогаш не знаеме што ни носи животот, а што е целта на животот, што е можно подолго да се одложи смртта. Токму затоа, ако дозволиме животот да ни биде досаден, а досадата е најголемиот непријател на човекот, нема да се чувствуваме убаво. Затоа јас секогаш се занимавам со нешто.

Живеам во населбата Лисиче во куќа со многу убав двор со многу цвеќиња кој го одржуваме заедно со мојот сопруг Зоран Костовски. Значи со читање, плетење и со одржување на мојот двор јас си го исполнувам времето.

Која улога што досега сте ја одиграле во вашата богата актерска кариера, ве отсликала најмногу вас самите како личност? Која е всушност Стојна во приватниот живот?

– Во мојата кариера не можам да се пофалам со некоја улога која сум ја направила грандиозно, меѓутоа секогаш сум била голем професионалец, никогаш не сум задоцнила на проба, а за претстава да не правиме муабет. Секогаш сум ги почитувала сите околу мене, од човекот што ми ја отвора вратата во театарот па сè до директорот. Сите тие се луѓе кои придонесуваат заедно сите ние да ја направиме претставата, да живее претставата… Сепак не можам да издвојам нешто посебно. Кога би се дрзнала да кажам дека Дорис Левин од Вуди Ален во режија на мојот професор Димитрие Османли, е една од главните улоги кои сум ги играла и тоа уште кога бев многу млада и која живееше неколку сезони, е улогатата која секогаш со задоволство ја играв.

Покрај текстот, таму имаше и доста комплицирана кореографија, што моравме да ја совладаме и од претстава во претстава добиваше на квалитет иако од критиката беше многу лошо оценета таа претстава. Но со самото тоа што претставата беше лошо оценета, нам ни дадоа мотив за работа и како резултат на тоа се бараше карта повеќе за да се погледне претставата.

При секоја улога, пристапувам многу професионално без разлика дали станува збор за голема или пак за мала улога, јас секогаш истражувам за животот на ликот кој треба да го играм. На тој начин целосно се соживувам со ликот и улогата за потоа да можам да го пренесам автентично на публиката. Публиката е таа која не можете да ја излажете. Или сте добри или не сте добри. А особено тоа важи за децата.

Јас покрај настапите во театар, многу сум играла и на телевизија. Сум имала среќа да играм во многу серии како што се на пример „Големи и мали“ каде што ја играм Важната, потоа во „Втората смена“, „Зелениот џемпер“, „ Чорбаџи Теодос“, каде што ја играм Стојанка…

Сепак, еден од најдрагите проекти во мојата кариера е работењето во култната радиоемисија „Хихирику“, која за жал од пред 2 години престана да оди во етерот. Многу ми е жал за моите колеги, Ванчо, Дади, Унџел, Карадак, со кои живеевме и работевме на проектот како едно семејство. Сè уште кога ќе дојде недела, очекувам да го слушам „Хихирику“.

Од јануари па сè досега, немам претстава и за целото тоа време се занимавам со пишување, но напишаното го чувам за самата себе, за свое срце и своја душа.
Меѓу другото и не поднесувам негативни луѓе, нив ги избегнувам или пак со мојата насмевка можам да им посакам само добро.

Дали им робувате на стереотипите? Дали ви е важно што мислат останатите луѓе за вас или едноставно животот го живеете според ваши правила?

– Јас мојот живот го живеам според мои правила, меѓутоа многу работи ти наметнуваат понекогаш да мораш и да отстапиш од таквите свои правила. За мене многу важно е пријателството. Јас постојано разговарам со луѓето, тоа ме опушта.

Која е вашата омилена дестинација за летен одмор на која одново и одново би ѝ се навраќале? Кое е местото кое од поодамна сакате да го посетите и важи за ваша неостварена животна дестинација што сакате да ја посетите?

– Јас одамна немам излезено од Македонија од најразлични причини. Најчесто со семејството одиме во Преспа, Охрид и Дојран. Но во последно време повеќе сакам да одам на планина. За мене Маврово и Попова Шапка и најруралните средини се совршено место за одмор и нив многу ги сакам. Моето потекло е од село Ранковци и тоа е едно прекрасно место каде што имаме куќа од дедо ми и таму се чувствувам своја на своето. Ги сакам сите села долж патот кој води до Крива Паланка. Сепак Псача најмногу ја сакам од проста причина што таму има еден страшен дол, а горе се наредени прекрасни куќички.

А моја неостварена желба за дестинација која сакам да ја посетам е Словенија каде што имаме пријатели што сме ги запознале во Охрид и кои сега доаѓаат кај нас, меѓутоа ние со сопругот не сме биле.

Кое е вашето омилено јадење? Колку долго време поминувате во кујна и која храна знаете најубаво да ја подготвите?

– Јас буквално не излегувам од кујна кога треба. Дневно посветувам и по два до три часа за подготовка на храната. Ние дома сме тројца, но јас секогаш готвам. Кај нас не може да помине ручек со пржени јајца. Уживам додека готвам, а сакам и да пробувам најразлична храна. Многу месам и подготвувам јадења со тесто, како што се најразлични пити, зелници…

Неколкупати досега имам направено баница и им ја имам однесено на бездомниците во Центар.

Кога станува збор за модата, имате ли ваши омилени парчиња гардероба кои ги чувате во плакар долго време? Дали сте повеќе за удобно или пак за тренди облекување (кое несекогаш знае да биде удобно)?

– Јас не следам мода. Многу е важно тоа што го носиш да знаеш да го носиш. Не патам од тоа да бидам посебно облечена, но сакам да бидам убаво облечена. Важно во начинот на облекување е да знаеш да ја комбинираш облеката заедно со деталите. Имам парчиња облека кои ги чувам со години. Нив можеби нема никогаш да ги облечам, меѓутоа тие ми се многу драги и ги чувам бидејќи кога сум ги носела сум доживеала многу убави моменти.

Секој мај пред нашата слава на Ѓурѓовден, го чистам целиот дом вклучително и плакарите со облека и тогаш двојам, што да се даде на оние кои немаат, а што да задржам за себе. Понекогаш ми се случува да дадам алишта со етикета кои кога сум ги видела ми се допаднале, но кога веќе сум ги донела дома веќе не ми се допаѓале.

Што ве прави нервозна и тажна и како се справувате со секојдневниот стрес?

– Јас по природа сум многу темпераментна личност и мене може ситница да ме изнервира, меѓутоа за среќа не сум злопамтило. Било какво зло да ми направите можам да престанам да комуницирам со вас, но да ви вратам со лошо или пак да се расправам со вас или пак да се докажувам, тоа мене не ми е својствено.

А најдобар начин за справување со стресот според мене е плачењето. Им советувам на сите кога им е тешко да плачат и тоа на глас. Мојата мајка постојано ми викаше дека кога ми е тешко да се исплачам. И навистина кога ќе се исплачеш, ти олеснува.

Со оглед на тоа што за две години ќе се пензионирате, што планирате да правите понатаму. Дали со пензионирањето планирате целосно да се повлечете од актерството или и понатаму вашата публика ќе ја радувате со нови улоги?

– Планови однапред не можам да правам, но ако некој ми понуди работа, јас никогаш нема да ја одбијам. Додека ме држи снагата и здравиот разум нема да одбијам улога. Покрај тоа јас имам еден мој проект кој сакам да го реализирам откако ќе се пензионирам. Мојот сопруг е снимател, син ми е режисер, така што ние тројцата би можеле навистина успешно да го реализираме замислениот проект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот