Интервју со актерката Биљана Драгиќевиќ Пројковска: Кармен е огледало на малограѓанштината

Актерката Биљана Драгиќевиќ Пројковска со монодрамата „Кармен“ го разби повеќемесечниот молк на сцената на Драмскиот театар, а нејзината претстава со актерската игра и тематскиот фокус предизвикува сѐ поголем интерес кај театарската публика.

Монодрамата како театарска форма често е предизвик во зрелите актерски години. Одлучувајќи да игра во монодрама, актерот одлучил сето свое знаење, талент и енергија да ги разоткрие пред публиката стоејќи сам на сцената. Тоа се моменти кога секое движење или гест на актерот публиката го следи со изострен фокус и го впива секој изговорен збор.

Таков предизвик прифати актерката Биљана Драгиќевиќ Пројковска со монодрамата „Кармен“, поставена на сцената на Драмскиот театар во Скопје. Својата актерска зрелост, стекната со многубројни театарски улоги, таа ја докажува со сигурна и прецизна актерска игра, додека со нејзиниот талент ја заведува публиката на 80-минутно патување низ внатрешниот свет на ликот на Кармен.

Монодрамата „Кармен“ веќе имаше неколку изведби по премиерата. Се смирија ли малку емоциите, бидејќи подготовка на секоја претстава, а особено на монодрама е долг и исцрпувачки процес?

– Имавме навистина многу возбудлив процес на работа. Всушност, го изодевме долгиот творечки пат од роман до театарска претстава. Долго работевме на читачките проби и анализиравме кои се вистинските реплики од романот што треба да ги изговори нашата Кармен. Така што имавме еден период кога ја создававме текстуалната структура, а потоа го откривавме ликот на Кармен и на крајот на мизансценските проби го создававме нејзиниот свет. Претставата по премиерата имаше повеќе репризни изведби и се радувам на секоја нова средба со публиката. На секоја претстава се радувам поради публиката во салата, се радувам на аплаузот, на сѐ она што во еден период помисливме дека сме го изгубиле поради пандемијата. Многу сум среќна што претставата одлично комуницира со публиката, а доказ за тоа се сите пораки што ги добивам од нив, сите оние кои ме чекаат после секоја изведба да ме поздрават и имаат потреба со мене да поразговараат и да ги споделат своите впечатоци.

Монодрамата е како исправање на актерот пред своето творечко огледало и соочување со сите свои техники, знаења и креативна енергија

Колку потребата и желбата да се постави монодрама доаѓаат со зрелите години на актерски израз? Дали пандемијата имаше некаков удел во одлуката?

– Веќе подолго време ја носев идејата во себе дека е дојдено време да направам монодрама. Мислам дека по долги години работа на сцена, секој актер сака нови предизвици да отвора нови светови, да ги истражува своите актерски способности, да се преоткрива самиот себеси на сцената. Во таа смисла монодрамата како форма беше голем предизвик за мене. Монодрамата е како еден огромен маратон каде што актерот исправен на сцената пред себе секој ден се труди да биде подобар од самиот себе. Всушност, монодрамата е како исправање на актерот пред своето творечко огледало и соочување со сите свои техники, знаења и креативна енергија.

Како се појави ликот на Кармен, односно делото „Пет часа со Марио“ од шпанскиот автор Мигел Делибес, како предизвик за поставување на сцената?

– Делото „Пет часа со Марио“ е роман од шпанскиот автор Мигел Делибес, писател што има повеќе номинации за Нобеловата награда, добитник е на наградата „Сервантес“ и на сите највисоки признанија за литература, како што е наградата од Кралот на Шпанија. Кармен се појави во мојата кариера како голем театарски предизвик и во точно време кога сакам и можам да се носам со него. Романот по својата структура е многу податлив за создавање театарска претстава. Во себе ја содржи сета радост и тага што се дел од еден човечки живот, сите паѓања и издигања, сите верувања и неверувања. Сите животни искачувања до врвот на планината притоа секогаш верувајќи дека токму сега при искачувањето ќе ја пронајдеме смислата или одговорите на нашите прашања. Но, животот е круг. Имавме навистина креативен и возбудлив процес. На почетокот беше предизвикот како еден огромен материјал од романот да се драматизира и да добиеме материјал за монодрама. За време на пробите на сцена се обидувавме романот да го преведеме на јазикот на театарот. Ни беше многу важно да го создадеме светот на Делибес на сцената. И мислам дека создадовме многу интересен и специфичен театарски јазик. Ликот што го играм е Кармен, жената преку која ги гледаме сите пропаднати животи и соништа, ја гледаме малограѓанштината, лажниот морал, заблудите, пропаднатите идеологии. Кармен е огледало на малограѓанштината. Таа е жена што се бори и цел живот барала начин како и покрај својата просечност, сепак, да живее живот како на филм. Претставата е трагикомедија, која како жанр најточно го опишува светот и животот на луѓето.

Кармен е жена преку која ги гледаме сите пропаднати животи и соништа, ја гледаме малограѓанштината, лажниот морал, заблудите, пропаднатите идеологии

Последниве неколку години режисерот Дејан Пројковски оствари одлични претстави во повеќе театри во регионот, а по долго време поставува претстава во македонски театар. Како течеа подготовките на претставата со режисерот, кој истовремено е и Ваш сопруг?

– Во изминативе години Дејан создаде прекрасни претстави во големите театарски центри во регионот. Неговите претстави добиваа награди во Хрватска, Србија, Турција, Унгарија, Црна Гора. Веќе подолго време зборувавме за некој наш заеднички проект и мислам дека монодрамата „Кармен“ беше вистинскиот уметнички предизвик за двајцата. Со мојот сопруг првпат соработувавме пред 20-ина години на претставата „Падот на невиноста“ во Драмскиот театар. Потоа секој сам го градеше својот уметнички пат. И еве сега се спојуваме заедно во мојата монодрама. Процесот беше навистина прекрасен, возбудлив и креативен.

Последнава година главно се зборуваше за отсуство на театар или за театар во пандемиски услови. Како актерите го доживеаја периодот на живот без театарската сцена?

– Мене ми недостасуваа преполните салони, но сега се враќаме кон тоа. Периодот беше можност да се преиспитаме колку ни значи театарот, колку правиме за него и што значи да се верува во театарот и да се биде со него во тешки времиња. Овие денови секоја вечер го слушам аплаузот на публиката, а тоа е најголемата радост и смисла на актерската професија. Питер Брук вели „за да се случи ТЕАТАР треба еден да игра и еден да гледа“. Театарот е како и човечкиот живот, тој не може да се случува онлајн. Сите други форми и начини да се прави театар, како што се онлајн перформанси, се некаков друг медиум, треба да се прават, но тоа не е театар. Театарот може да се случува само во живо, сега и тука. И токму во тоа е совршенството и посебноста на театарот. Кога театарот е жив, тоа значи дека човештвото дише со полни гради.

Театарот е како и човечкиот живот, тој не може да се случува онлајн

Кои театарски ликови што сте ги играле во театар би сакале да бидат вратени на сцената?

– Секој лик што еден актер ќе го одигра на сцената останува како дел од неговото емотивно памтење. Сите тие ликови се дел од нашата изградба како актери и како луѓе. Јас сум човек што ја живее сегашноста и сонува за иднината. Така што гледам кон новите улоги што би сакала да ги играм, кон новите големи дела од литературата во кои би живеела во процесите на работа и кон сите нови луѓе на сцената со кои ќе се сретнеме и ќе создаваме нови светови, ќе учиме едни од други и заедно смело ќе истражуваме во новите неоткриени полиња од актерската професија.

Самото човештво во овој период доживеа психолошки трансформации. Во Кармен играте лик со неостварени желби во општество со лажен морал. Имаше ли потреба додека ја подготвувавте претставата да се загледувате во современото општество или доволен беше текстот од Делибес?

– Театарот секогаш го дише времето што го живее. Тој секогаш се случува сега и овде. Театарот е огледало на животот. А, мојата Кармен е токму она лице од кое сите бегаме и не сакаме да го видиме во нашето огледало. Но, всушност, тоа и е големината на Делибес и на неговиот роман, кој, иако е пишуван пред 60-ина години, е актуелен како да е пишуван денес. Кога го читаме романот имаме чувство дека Делибес бил тука низ нашите улици, ги слушал нашите разговори, но ги разбрал и нашите скриени мисли. Токму затоа тој е универзален и зборува за болестите што се дел од секое општество кое се обидува да најде смисла во бесмисленоста на лажниот морал и вредностите на малограѓанскиот дух. Провинциското размислување не е поврзано со местоположба, градот или селото каде што луѓето живеат, тоа е состојба на духот, за тоа, всушност, зборува Делибес и нашата претстава.

Мојата Кармен е токму она лице од кое сите бегаме и не сакаме да го видиме во нашето огледало

Голем број претстави се дел од Вашето актерско портфолио, но не ви се непознати и телевизијата и филмот, каде што сте работеле како актерка, продуцентка, а и како директорка на кастинг. Медиумите се различни, но кои се сличностите меѓу театарот, телевизијата и филмот?

– Она што ги обединува сите е љубовта и посветеноста во нивното создавање. А, единственото нешто без кое не се може во уметноста е вербата. Иако театарот е татковината на секој актер, мислам дека филмот и телевизијата се голем предизвик за секој од нас. Во изминатите години работев како кастинг-директор на повеќе проекти. Би ги издвоила серијата „Преспав“, потоа детската серија „Пет плус“. Кастингот е работа што ја работам со задоволство, бидејќи можам да соработувам и да откривам актери од сите градови. Но, исто така, на неколку филмски проекти ги откривав и оние најмалите актери, кои сѐ уште седат во училишните клупи, кои се, исто така, дел од филмски проект на кој сега работам. Станува збор за краткометражен игран филм.

Кармен во претставата неколкупати со жалење го посакува своето фиќо. Дали Вие имате некоја неостварена животна желба?

– Секој човек треба да има свои желби и соништа, но треба да има сила и верба да ги остварува. Имам свои желби и по патот на нивното остварување треба секогаш да станеме подобри луѓе, повеќе да се смееме, радуваме и така да ја пронаоѓаме смислата на нашето постоење. Имам желба сѐ што работам да ѝ носи радост на публиката, да ја гледам среќата во нивните очи, а преку аплаузот да ги слушнам нивните срца.

Театарска продукција – Мала и одбрана авторска екипа

Ремек-делото „Пет часа со Марио“ на Делибес е објавено во 1966 година и е сместено на листата на „сто најдобри романи на дваесеттиот век“. Делото го носи духот на социјалниот реализам, важен литературен тренд во Шпанија во средината на минатиот век. Режијата на претставата и драматизацијата на текстот се на Дејан Пројковски, а преводот е на Ненад Велковски. Раскошната и функционална сценографија е на Валентин Светозарев, а фантастичните костими се дело на Раде Василев. Како композитор на музиката со која се акцентираат емотивните состојби на ликот Кармен се потпишува Горан Трајкоски, сценските движења се на Олга Панго, додека фотографиите и дизајнот на плакатот се на Елена Бојаџиева. За претставата е изработен и видеоспот во продукција на „Студио 2С“, а кинематографер е Горан Наумовски.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 83, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 5-6 јуни 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот