Интервју | Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција во Македонија: Преговори со ЕУ ќе има, Франција ќе ви биде искрен партнер!

Сирил Бомгартнер
Сирил Бомгартнер / Фото: Архива на Слободен печат

Беше и сѐ уште е важно постапката за членство да се води со неопходната строгост за да бидеме сигурни дека реформите се реални и иреверзибилни и дека ќе ги донесат промените. Тие промени ги очекуваат и граѓаните во Северна Македонија, вели францускиот амбасадор Бомгартнер, со кого разговараме за ЕУ и за други актуелни теми.

П: Македонија на патот кон членството во ЕУ, формално и неформално, е закочена трипати. Еднаш од Грција, сега од Бугарија, а пред тоа од Франција. Со тоа Франција и нејзиниот претседател Макрон станаа непопуларни или неомилени меѓу македонските граѓани. Господине амбасадоре, дали тоа Ве загрижува?

– Би ме загрижувало доколку непопуларноста е реална, длабока и трајна. Но, дали навистина е така? Овој француски став, што го делат и други, не беше упатен кон Северна Македонија, ниту пак кон која било друга земја, а ќе споменам дека и Албанија се најде во истата состојба. Тој став беше насочен против постапката за членство на која се чини дека и недостигаше суштината. Според нас, беше и сѐ уште е важно постапката за членство да се води со неопходната строгост, без разлика за која земја станува збор, за да бидеме сигурни дека реформите кои се почнати се реални и иреверзибилни и дека ќе ги донесат и очекуваните промени. И ми се чини дека тие промени се оние кои ги очекуваат и граѓаните во Северна Македонија. Ќе додадам и дека за пет месеци од „не“ прејдовме на „да“, затоа што во тој краток временски период добивме променета методологија за членство според нашите барања. Оваа „нова методологија“ беше едногласно усвоена од државите членки на Европската Унија, па дури и од страна на земјите кандидати како Србија и Црна Гора, кои иако не беа принудени, побараа да се применува и за нив. Генерално, јас забележувам повеќе успех отколку непопуларност!

П: На што може да се надева Македонија од г. Макрон, кој се наметнува како нов лидер на Унијата, особено по заминувањето на германската канцеларка Ангела Меркел, која беше посведочен поддржувач на нашите европски аспирации?

– Светот во кој живееме за среќа не е толку дуален, но во прашањето забележувам пријателска провокација. Би кажал две работи. Првата е посветеноста на претседателот на Републиката во прилог на силна и автономна Европа во момент кој е сѐ поблиску до нас, а тоа е претстојното претседавање на Франција со Европската Унија. Ми се чини дека сѐ ѝ оди во прилог на Северна Македонија. Втората е за ставот на Франција за прашањето на европската интеграција. Откако ќе се отворат пристапните преговори, а тие ќе се отворат, Франција ќе биде внимателен, искрен, конструктивен и пријателски партнер на Северна Македонија, решена да ѝ помогне на корисен начин за да ја спроведе агендата на промени што сите ги очекуваат.

П: Причините за застојот на нашиот европски пат може да ги бараме и дома, но она што дојде од Франција беше потребата од реформи во Унијата. Сепак, тие својата прва и радикална примена ја најдоа во проширувањето, нели?

– Точно е дека, освен новата методологија за евроинтеграција, Франција сака да го преиспита и самото функционирање на ЕУ. Конференцијата за иднината на Европа која требаше да биде набрзо отворена, а да заврши за време на француското претседавање со Унијата, ќе претставува важен повод за да се напредува на тоа поле. Тоа ми се чини сосема логично и праведно. Сакаме да ги преиспитаме правилата за земјите што ќе станат членки, но и правилата за државите што се веќе членки. Загриженоста е иста: да се подигнат критериумите, да се подобрат перформансите, да се зголемат средствата или, со еден збор, да се афирмира европската моќ. Тие процеси не се директно поврзани. За Франција, не треба да се чека реформата на Унијата за да се напредува со проширувањето. Конкретно, според нас, методологијата за членство е завршена, преговарачката рамка за Северна Македонија е верен одраз на тоа и може да ги почнеме преговорите за членство без да чекаме!

П: Министерот за надворешни работи Бујар Османи неодамна ја посети Франција. Дали таа посета е знак за обновување на францускиот интерес за Северна Македонија?

– Да. Односите се традиционално добри помеѓу нашите две земји, но тие заслужуваат да бидат уште поинтензивни. По посетата на вицепремиерот за европски прашања, г. Никола Димитров во октомври, оваа посета на министерот Османи е важен чекор во политичкиот дијалог, кој ќе се стремиме да го зајакнеме од двете страни. Одлуката за воспоставување политички консултации на годишно ниво отвора нови хоризонти. Министерот беше примен и во Сенатот, каде што јасно беше изразена желбата да се организира посета на Северна Македонија веднаш штом тоа ќе го дозволат здравствените услови. Двајцата министри потпишаа три договори, кои исто така ќе помогнат во зајакнувањето на нашите односи: договор за отпочнување на активностите на Француската агенција за развој (ФАР) во Северна Македонија (Османи го посети седиштето на ФАР); договор за донација на софтвер за балистичка идентификација, кој има големо оперативно значење при работа врз одредени кривични случаи и договор за француска поддршка за македонската филмска продукција. Се разбира, мошне корисни беа и прашањата за европската и регионалната интеграција кои исто така беа на дневен ред.

П: Проширувањето се сметаше за најуспешниот проект на ЕУ. Искрено, сметате ли дека измина времето на проширувањето и дека Унијата сега има други приоритети?

– Светот стана понестабилен и подложен на закани. Глобалното затоплување на планетата, тероризмот, здравствените кризи, конкуренцијата да не речам ривалството на надворешните сили се само некои од предизвиците што се пред нас. За секој од овие предизвици, Европа можеби не е единственото, но е најумешното ниво за да делува. Затоа Европа треба да стане што посилна и поавтономна, а Франција е убедена во тоа. Проширувањето е дел од друга логика, во една иста политичка и стратешка заедница станува збор за обединување на земји кои споделуваат иста географија и вредности, а кои низ историјата биле неоправдано разделени. Тоа е причината поради која Северна Македонија и земјите од Западниот Балкан се определени да ѝ се приклучат на ЕУ. Никој не го оспорува тоа, а Франција одлучно ја поддржува таа перспектива. Прашањето кое се поставува е дали ЕУ треба да има граници. Секој има свое мислење, но од ова прашање сме засегнати сите Европејци. Што се однесува до Франција, одговорот на ова прашање е потврден, проширувањето не може да биде процес без крај, Европа треба да има граници и заедничко соседство, со кое посакува да негува блиска соработка.

П: Што значат термините Европа со две брзини или што поточно подразбира синтагмата Европа со концентрични кругови, кои исто така се дел од заложбите на Макрон?

– Сите овие поими реално се застарени и се вртат околу идејата за разграничување. Ако ги погледнеме двете големи политики, тоа се Шенген просторот и еврозоната, односно слобода на движење без контрола во европскиот простор и единствената валута. Сите земји членки на Унијата не се дел од нив, Шведска е дел од Шенген просторот, но не е дел од еврозоната, Ирска е во еврозоната но не е дел од Шенген просторот. Постои и правна рамка, која им овозможува на група држави членки да воспостават таканаречена „зајакната соработка“ на европско ниво за различни теми. Која и да е формата, зад концептот на разграничување секогаш постои принципот на одбегнување на исклучувањето. Државите кои не учествуваат, не сакаат или не можат, но во принцип, секогаш се отворени за соработка. Како заклучок, треба да ги тргнеме пречките кои ја кочат Европа да напредува и да внимаваме патот да остане пристапен за сите.

П: Ако промените бидат прифатени, што ќе биде со оние земји кои нема да се придружат на еврозоната или со оние кои и сега видливо заостануваат и економски и демократски, а своевремено станале членки на Унијата?

– Во ЕУ нема и ќе нема паушален статус, ниту пак ќе има држава членка од второстепена зона или на која ѝ е забранет пристап до вип-салата. Кога зборуваме за приклучување во Унијата, мислиме пред сè на приклучување кон систем на вредности и сето тоа има смисла зашто едноставно, тоа е вистината.

П: Францускиот претседател се залага и за подобри односи со Русија и Кина што и за некои држави во ЕУ, а уште повеќе за Македонија и некои други балкански држави, е табу-тема. Може ли тоа да ги релаксира нивните геостратешките настојувања за ЕУ како единствена опција?

–  Точно е дека постојат одредени специфичности кај земјите-членки на ЕУ во поглед на нејзините главни надворешни партнери. Ова важи за Кина, а можеби уште повеќе за Русија. Сепак, Европејците знаеја да се договорат и да имаат заеднички став кон секоја од овие земји. Борбата против глобалното затоплување дава јасен пример за област во којашто сите имаме заеднички интереси за соработка. Затоа, пак, прашањето за човековите права е тема на која може да имаме длабоки несогласувања. На економски план, особено во врска со Кина, не смееме да бидеме наивни и да ги браниме само нашите тесни интереси како Европејци. Притоа, не е во ничиј интерес да се откажеме од таа размена – под претпоставка дека тоа е можно – особено затоа што, доколку добро се спроведе од европска страна, таа може да помогне во промовирање на најдобрите меѓународни стандарди, на пример во однос на почитувањето на трудовото право. Не гледам како ваквото позиционирање може да предизвика одредени тешкотии за Западен Балкан, напротив!

П: Ако во реформираната ЕУ нема да има место за земјите од Западен Балкан, каква алтернатива им останува, има ли прифатлив план за овие граѓани? По француското „вето“ стивнаа таквите идеи?

– Географски гледано, земјите од Балканот се наоѓаат во Европа, а од политички аспект, нив ги чека место во ЕУ. За да се постигне тоа, постои заедничка рамка утврдена со новата методологија. Врз таа основа, секоја ситуација има свои специфичности и секое преговарање ќе вклучува значителни напори водени од желбата за промена. Најпосле, секоја земја е суверена и самата одлучува за својата судбина. Не е мое да кажам дали Северна Македонија има или нема алтернатива на ЕУ. Она што можам да го кажам, сепак, е дека надвор од актуелните тешкотии, сè додека има волја да се приклучи кон ЕУ и нејзините напори продолжат во таа насока, земјата ја чека место во Унијата. Според мене, не постои план Б, ако се стремиме кон ЕУ, тој стремеж се нарекува членство.

П: Што се однесува до механизмот Ковакс, дали Европа има стратегија за вакцинација или само ургентно се справува со кризата?

– Факт е дека оваа криза беше непредвидена и достигна невидени размери. Таа постепено сите ги затече неподготвени, насекаде во светот. Ова важи и за ЕУ, особено затоа што нејзината надлежност во поглед на здравствените прашања е ограничена. Кризата ја истакна и преголемата зависност на ЕУ во однос на нејзините производствени капацитети и стратешките залихи, што одеше во прилог на тоа да се согледа потребата од европски суверенитет за којшто се залага претседателот на Франција. Прашањето за меѓународната солидарност е дел од оваа стратегија. Пандемијата мора насекаде да биде потисната. Од таа причина ја почнавме иницијативата АКТ-А пред една година, со цел да ги поддржиме нашите партнери и, пред сè, нашите европски соседи. Северна Македонија ќе има корист од оваа иницијатива. Ковакс е мултилатерален механизам, во којшто европскиот придонес изнесува една милијарда евра, што Унијата ги вложи за да им помогне на земјите од Балканот. Зборуваме за сума од 3,3 милијарди евра наменета да ви помогнеме во надминувањето на економските и социјалните последици од здравствената криза, на којашто беше додадена и сумата од 70 милиони евра за набавка на вакцини. Никој нема толку вложено, а сепак одвреме-навреме се слушаат критики насочени кон Европа. Затоа, ќе се навратам на она што го реков: Европа знае подобро да дејствува, отколку што умее тоа да го покаже!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот