ИНТЕРВЈУ Саво Манојловиќ, лидер на движењето „Крени промени“ во Србија: Уредувањето на општеството е прашање на волја, организација и стратегија, сè друго е изговор

Саво Манојловиќ, лидер на движењето „Крени промени“ во Србија и Марин Гавриловски/Фото: Слободен печат

Демократијата во општеството зависи пред сè од нас, народот е последната линија на одбрана на Уставот и никој не е посилен од него кога ќе се организира, вели за „Слободен печат“ Саво Манојловиќ, во моментов веројатно најжестокиот критичар на власта во Србија, активист и голем борец за човекови права и за заштита на животната средина.

Кога неодамна ја доби наградата од Правниот факултет на Универзитетот во Белград за најдобар докторат по уставно право и политички систем, Манојловиќ рече дека кога поединец ја окупира партијата, а партијата целото општество, се уништуваат институциите. Тогаш во парламентот нема пратеници, туку коњите на Калигула.

Дали ситуацијата во српското општество е монополизирана до толкава мера од еден поединец и дали граѓанското општество и граѓанските организации, како и академската и научната јавност, можe да влијаат за да се подобри демократизацијата на едно општество или сето тоа е само сизифовска битка во која победуваат оние што се погласни, побезобразни и наклонети на авторитарни методи на владеење?

– Има една мисла: „Никогаш не ја потценувајте можноста мала група луѓе да го промени светот, всушност, тие се единствените што некогаш го направиле тоа“. Промената е апсолутно можна. Создавањето уредено општество е само прашање на волја, организација и стратегија. Можеби општествата во Западен Балкан сега имаат послаба почетна позиција, но сето тоа може да се промени. Сè друго се изговори. Па, видете ја Романија. За време на Југославија, за сите нас Романија беше симбол за сиромаштија, а така беше и откако влезе во ЕУ, сè додека не се направи голема чистка така што корумпирани политичари, и од поранешната и од сегашната власт, беа ставени во затвор. Дали Романија е сега совршена земја и дали воопшто нема корупција? Се разбира не. Но, таа отиде далеку. Во однос на личните примања им припаѓа на развиените земји, неспорно дека е на дното на таа листа, но влезе во тој клуб. Пред десет години економски беше на ниво на Србија, сега е речиси двојно повисоко.

На српската и на пошироката јавност во регионот станавте познат кога вашата граѓанска организација „Крени промени“ успеа заедно со граѓаните на Србија да ја убеди Владата да го раскине договорот со мултинационалната компанија Рио Тинто за истражување и за експлоатација на литиум и бор во Србија. Дали го сметате тоа за личен успех и дали победата во оваа битка значи и победа во војната со власта?

– Мора да истакнам дека ова е само една од победите што „Крени промени“ заедно со граѓаните и со другите организации ја извојуваа во последните три години. Таму има многу граѓански победи. Во Србија реките се сочуваа од уништување преку еколошки штетните минихидроцентрали, одбранети се многу зелени површини, како локалниот парк на Баново Брдо, познатиот свиркач Александар Обрадовиќ беше пуштен од притвор, студентите ја спасија својата Поликлиника, а научниците нивниот Природонаучен музеј. Неспорно, ова е најголемиот граѓански бунт и победа од 2000 година, со повеќе од 130.000 луѓе на улиците. Запирањето на проектот Рио Тинто е победа за секој човек што учествувал во оваа борба и секој треба да биде свесен дека неговото доаѓање на протестот, потпишувањето на петицијата, плаќањето на донацијата беше исклучително важно и можеби дури и пресудно за да се оствари оваа победа. Сепак, ова е само една добиена битка, но не и војна. Сакаме модерна, перспективна земја, исчистена од криминал, во која корумпираните политичари и од поранешната и од сегашната власт ќе завршат зад решетки, институциите ќе си ја вршат работата и ќе го применуваат законот, а општеството ќе функционира според принципот на знаење (меритократија), а не според непотизам и политичка подобност.

Саво Манојловиќ, лидер на движењето „Крени промени“ во Србија/Фото: Слободен печат

Според многумина, вие успеавте во нешто, како никој друг. Властите во Србија го раскинаа договорот со Рио Тинто под притисок на блокадите организирани од „Крени промени“. Тоа е прв случај владата да ги прифати барањата на граѓаните, а тоа да не се барања од членови на СНС или на коалициските партии. Дали тоа значи дека во Србија почнале промените и демократизацијата на општеството?

– Тоа е првпат да имаме толку големи барања што беа усвоени откако власта експлицитно изјави дека нема да попушти. Демократијата во општеството зависи пред се од нас. Народот е последната линија на одбрана на Уставот и никој не е посилен од народот кога ќе се организира.

Медиумите во Србија (освен два-три кои се, да речеме, опозициски ориентирани) се под закрила на власта. Тие се жестоки во осудувањето на оние што имаат и малку различни мислења од Александар Вучиќ, а вие сте еден од нив. Како ги прифаќате тие обвинувања и етикети?

– Мислам дека читателите во Македонија знаат како функционираат системи во кои политиката, криминалот и контролата на медиумите се испреплетени. Не можете да се борите против таков систем, а да не очекувате најбрутални напади. На сите закани, навреди и медиумски хајки гледам како пречки кои нема да не запрат на патот кон модерна и праведна Србија.

Според Вас, од каде доаѓа фасцинацијата на граѓаните во регионот на Југоисточна Европа со политичари кои имаат авторитарен стил на владеење? Вие го имате Вучиќ, ние го имавме Груевски, во Бугарија беше Борисов, во Унгарија се уште е Орбан…

– Така е. Во Црна Гора го имаме Мило Ѓукановиќ, а во Албанија Еди Рама. Знаете, јас не мислам дека граѓаните се особено фасцинирани од овие личности. Еден дел, главно од постарата популација, можеби е фасциниран од сликите што ги проектираат медиумите, но тие слики не се реални. Кога читате бајки, и вие сте фасцинирани од ликовите од бајките. Другиот дел од граѓаните често е уценет од егзистенцијални прашања и од работата во јавниот сектор. Меѓутоа, доколку на граѓаните им понудите визија, добро се организирате и работите напорно за да допрете до обичниот човек, промената е можна. Она што е многу важно е да имате јасен план што да правите кога ќе дојде до промената. Ако немате јасен план и луѓе што ќе го променат животот на обичниот човек на подобро, тогаш може да ја убиете надежта на луѓето и да изедете цели генерации. Не смее да се дозволи носителите на корупцијата да ја сменат партијата или новите луѓе да ги прават истите лоши работи. Основната задача на носителот на промената е да не ја изневери борбата на обичниот човек.

Најважното нерешено прашање во Србија е косовското прашање. Може ли да се очекува напредок во блиска иднина во однос на неговото решавање и дали можеби вие размислувавте што би можело да биде решение прифатливо за двете страни што би ставило крај на таа криза?

– Не постои брзо и лесно решение за ова прашање. Мое мислење е дека со признавањето на Косово, западните НАТО-земји направија голема грешка и ја отворија Пандорината кутија. И колку и да ги убедуваа сите дека тоа е случај и исклучок, сега гледате дека Русија го прави истото во Украина, претходно тоа е направено во Грузија. Ми се чини дека на Балканот левтерно се играат некои партии на геополитички покер и дека човечките животи се вложуваат како жетони. Сега имате некои политички елити што постојано преговараат и меѓусебно се уценуваат и добро им е во овие меѓусебни преговори, но на народот му е лошо. Нешто слично гледам и во Македонија. Така не може да се создадат функционални држави.

Многумина се согласуваат дека единствениот пат за земјите од Западен Балкан е патот кон евроинтеграциите, но практиката е сосема поинаква. Многу бавно отворате поглавја, нас повторно нè кочи една земја членка, БиХ е во постојана криза, а ЕУ без некаков посебен напор да го реши тоа. Многумина во Србија гледаат спас во Русија – постои ли можност работите да тргнат во негативна насока и повторно да дојде до ескалација на ситуацијата на Западен Балкан?

– Би било добро следниот светски потрес овој пат да не го поткачи Балканот. И досега прескапо ги плаќавме светските конфликти. Мислам дека ЕУ во голема мера е одговорна за актуелната состојба на Балканот. Тие ги поддржуваа или ги поддржуваат повеќето балкански автократи што ги наведовте. За многумина имаа решавачко влијание за да дојдат на власт, им гледаа низ прсти за владеењето што е спротивно на европските вредности какви што се борбата против корупцијата или независното судство. Од друга страна, тие многу често ги прекршуваа ветувањата и не овозможуваа напредок што би се одразил на квалитетот на животот на обичните луѓе. Добар пример се прекршувањето на ветувањата поврзани со Македонија, откако направивте отстапки во однос на сопственото име. Тогаш не можете да се чудите зошто граѓаните ја губат довербата во ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот