ИНТЕРВЈУ Професор Димитров: Домаќинствата може да си произведуваат струја за вложени 3.000 евра

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Во тек се два тендера за изградба на фотоволтаични централи, на приватно и на државно земјиште, а граѓаните може да поставуваат фотоволтачни модули на своите куќи, со кои ќе ги задоволуваат своите потреби од електрична енергија, но и да ја пласираат во мрежата. Владата е одлучна да го зголеми уделот на алтернативните извори на енергија, тоа е овозможено и преку новата законска регулатива, а во прилог одат и значително намалените цени на фотоволтаичните системи.

Но, според професорот Димитар Димитров од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), граѓаните што ќе монтираат фотоволтаични модули ќе причекаат за да може да ја продаваат енергијата.

Што предвидува регулативата, под какви услови граѓаните може да стават фотоволтаични модули и како може да го продаваат вишокот на електрична енергија доколку го произведат?

– Според сегашната регулатива, според Законот за енергетика и Правилникот за обновливи извори на енергија, овозможено е и домаќинствата да користат енергија од фотоволтаичните системи, што најчесто ги инсталираат на покривите од куќите. Но, тука клучното прашање е што со вишокот на енергијата, кој се произведува во текот на денот, кога потрошувачката во домаќинствата е мала. За да може да им се валоризира тој вишок, домаќинствата треба да изберат друг снабдувач, односно тоа не може да биде универзалниот снабдувач – ЕВН Хоум.

Но, во овој момент универзалниот снабдувач има повластени цени. Државните електрани преку ЕСМ се задолжени со многу висок процент да го снабдуваат ЕВН со електрична енергија, а цената на оваа енергија ја определува Регулаторната комисија за енергетика и таа е ниска, т.е. на некој начин субвенционирана. Затоа, електричната енергија за домаќинствата, понудена од останатите снабдувачи може да е само повисока и во моментов нема логика тие да ја продаваат на домаќинствата. Тоа значи дека сѐ до оној момент додека другите снабдувачи не им нудат струја на домаќинствата, нив законски не им е дозволено да ја продаваат или разменуваат енергијата што би ја произвеле од фотоволтаичните системи.

Значи, од една страна сѐ е овозможено, а од друга страна, реалноста е поинаква. Веројатно ќе треба да се причека за ова, бидејќи според регулативата, помошта од државата во однос на количините електрична енергија што се продаваат по регулирана цената постепено ќе се намалува, па тогаш ќе се создадат услови и други снабдувачи, освен „ЕВН хоум“, да им нудат на домаќинствата електрична енергија.

Значи сепак, ако некое домаќинство се одлучи да стави фотоволтаичен систем за свои потреби, односно без да го продава вишокот, тоа може и сега да го направи. За колкава инвестиција станува збор и со колкава моќност треба да има фотоволтаичниот систем за да се задоволат потребите на едно семејство?

– Според регулативата, едно домаќинство може да инсталира најмногу 4 киловати. Тоа е инвестиција од околу 3.000 евра. Со овој фотоволтаичен систем би можеле годишно да се произведат околу 5.600 киловат-часа електрична енергија, односно месечно 460 киловат-часа, или месечно да се покрие една сметка за струја од околу 2.500 денари. Така, теоретски оваа инвестиција би се исплатила за 5 години, но треба да се земе предвид дека ова е производство со варијации, односно дека во лето се произведува значително повеќе и од потребното, а во зима значително помалку.

Затоа овој систем е исплатлив ако може да се продаваат вишоците на струја. Според Правилникот кога имаме и купување и продавање на електрична енергија, се мери предадената и превземена електрична енергија во текот на 4 месеци. Се гледа колку е предадена, а колку е преземена и ќе има пребивање на износот, што се определува според подзаконски утврдена методологија.

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Имате ли некаква статистика, односно сознанија колкав е интересот за вакви системи кај граѓаните, со оглед на тоа што лани во скопската населба Тафталиџе беа поставени првите фотоволтаични модули?

– Веројатно постои некоја бројка, но јас не ја знам, а како што кажав, бидејќи не може да се предава вишокот електрична енергија, засега поставувањето на фотоволтаични системи е реткост, а го имаат направено само ентузијасти.

Да преминеме на можноста да се градат фотоволтаични централи. Во тек се два тендера, за нивна изградба на приватно и државно земјиште. Може да се градат со различни големини, а при презентацијата од страна на надлежните беше кажано дека за фотоволтаична централа од 50 киловати треба инвестиција од 30.000 евра до 35.000 евра. Но, што значи оваа големина на централа. Колку семејства таа би можела таа да снабди „со струја“…. Може ли малку „техникалии“ околу ваков вид централа?

– Веднаш да одговорам – со електричната енергија произведена од фотоволтаична централа со моќност од 50 киловати може да се покријат 15 – 20 домаќинства. Сепак, на градбата на централите предвидени со тендерите што ги споменавте, треба да се гледа пошироко, и тие не се врзани за конкретни потрошувачи. Тие се за фотоволтаична централа што ја продава електричната енергија на некој снабдувач. Ако некој сака да изгради, да речеме, фотоволтаична централа од 50 киловати, тоа значи дека учествува на тендерот во најмалата група (0 до 200 киловати) и дека бара премија, т.е. дополнителен износ што ќе му го дава државата, покрај цената што ќе ја добие од снабдувачот. Пазарната цена пак зависи од берзата на електрична енергија, а висината на премијата ќе се утврди со негативна аукција.

Значи, енергијата од фотоволтаичните централи ќе ја купува некој снабдувач. Ако снабдувачот е голем како што е ЕВН, кој покрај тоа што има многу корисници има и хидроцентрали,  лесно ќе може да ги балансира потрошувачката и производството. Но, за помал снабдувач балансирањето може да биде проблем, при што веројатно ќе треба да плаќа пенали. Затоа, во регулативата, е предвиден купувач „во крајна нужда“, но по пониска цена. Ваков купувач сè уште не е определен, па во моментов постои одредена неизвесност при инвестирањето. Сепак, да се надеваме дека тоа брзо ќе се случи.

Сметате ли дека ваков вид централи се интересни за поголеми потрошувачи, како, на пример, фабрики за да си обезбедат сопствено производство?

– Индустриските и комерцијалните може да бидат поголеми потрошувачи. Тие работат преку ден, кога „има сонце“. За вакви објекти, може да се димензионира фотоволтаичен систем, кој никогаш нема да произведува вишок електрична енергија, туку таа да се троши само за сопствени потреби во објектите. Практично, изградбата на фотоволтаична централа кај нив е решение, што може брзо да се исплати.

Владата најави изградба на фотоволтаици со вкупна моќност од 200 мегавати, за разлика од сегашното минимално учество на оваа енергија. Што значи капацитет од 200 мегавати. Може ли да направите една споредба, на пример со РЕК Битола.

– Просторно, за инсталирање на фотоволтаичен систем од 1 мегават, потребна е површина од околу 2 хектари, што е простор колку и 4 фудбалски игралишта заедно. Значи за 200 мегавати, секако распоредени на различни парцели насекаде, се потребни 400 хектари земјиште, или простор како за 800 фудбалски игралишта.

Што се однесува, пак, до можностите за производство на електрична енергија, РЕК Битола има во просек годишно производство од околу 3.500 – 4.000 гигават часови електрична енергија, а од 200 мегавати фотоволтаичните централи може да се добие околу 300 гигават-часови електрична енергија годишно. Но, при ваквите споредби, треба да се води сметка дека РЕК Битола може да има континуирано производство, а фотоволтаичните централи тоа го прават зависно од сонцето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот