ИНТЕРВЈУ Огнен Вангелов: Мултикултурното општество е додадена вредност во демократијата

Огнен Вангелов/Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

„Едно општество за сите“ е одличен за Македонија и, долгорочно, очекувам да ги даде потребните резултати доколку се спроведува макотрпно и сериозно, а и доколку политичките елити од целиот политички спектар го прифатат како најдобрата можна опција за Македонија.

Огнен Вангелов (47) е претставник на поновата македонска политиколошка мисла. Магистрирал, докторирал и работел на Queen’s Универзитетот во Кингстон, Канада, а во изминатите неколку години, покрај меѓународните научно-истражувачки ангажмани, е и професор на Универзитетот Американски колеџ – Скопје (УАКС). Во последните неколку години е присутен во македонската јавност со своите критички погледи на македонската општествена стварност, а членува и во македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања чиишто активности, од разбирливи причини, се често во фокусот на интересот на овдешната, а и на бугарската јавност. Покрај со науката, Вангелов е и долгогодишен граѓански активист, а се занимава и со македонско-англиски преводи од областа на литературата, но и правото.

Како ја оценувате состојбата со политиколошката научна и теоретска мисла во земјава? Впечаток е дека надоаѓа една средна, па и помлада генерација на луѓе кои своите стручни усовршувања ги стекнаа во угледни универзитетски и институтски средини во светот… Се пренесува ли тој образовен и научен квалитет во доволна мерка во земјава?

 – Оценката за политиколошката научна и теоретска мисла во земјава, барем од наставно-научен аспект, би била ограничена на искуството што го имам во земјава на универзитетот на кој работам. Од образовен аспект, квалитетот на програмите и наставата на УАКС може да се каже дека е на едно солидно ниво и не заостанува зад она што е најсовремена теоретска мисла во политичките науки денес во светот. Но, мислам дека прилично заостануваме во научно-истражувачката работа генерално, како општество, а тоа се должи главно на недостиг на финансии за таквата работа. За да може наставно-научниот процес во целост да ги достигне светските стандарди, неопходни се многу повеќе инвестиции во научно-истражувачката работа, за нашите универзитетски работници да можат да прават квалитетни истражувања и да објавуваат во реномирани меѓународни стручни списанија. Засега, ние сме слабо присутни во светот на политиколошката наука.

Подолго време живеевте, се образувавте и работевте во Канада – каков е тамошниот мултиетнички и мултикултурен општествен концепт?

– Концептот за мултикултурно општество во Канада се развива повеќе децении. Еден од главните теоретичари на мултикултурализмот, Вил Кимлика (Will Kymlicka), работи токму на универзитетот на кој докторирав и на кој извесно време работев. Канадскиот концепт на мултикултурализам е прилично уникатен. Од една страна, Канада е, така да се каже, асиметрична федерација составена од провинции (со функции на државни единици), а таа асиметричност се должи на фактот што една од провинциите, Квебек, има статус на „засебна нација“ чиј јазик, францускиот, е и службен јазик на федерацијата (покрај англискиот), но има и службена употреба (покрај англискиот) во некои од другите провинции. Од друга страна, концептот на мултикултурализам не се сведува само на етнојазичните права на втората по бројност франкофонска заедница во Канада, туку и на многу други имигрантски етно-јазични заедници како и на домородните народи, чии јазични и културни права се признати и се негуваат во зависност од нивната концентрација и местата каде што живеат. Целта на овој систем е да се постигне граѓанска интеграција и чувство за припадност и лојалност кон државата, без притоа да се применува таканаречениот melting pot (претопување) моделот што се применува во САД и во други земји (како Франција, на пример), чија цел е да се постигне граѓанска интеграција и лојалност кон државата преку асимилација во доминантната етнојазична група.

Со внимателни мултикултурно-интегративни политики, Канада во голема мера успева да ја постигне целта на интегрирано општество. На пример, Квебек двапати организираше референдум за независност, а вториот пат не успеа да ја постигне таа цел за неколку промили гласови. Денес, иако одреден сегмент на заедницата во Квебек сè уште стреми кон независност, процентуално тој стремеж е драстично намален во споредба со неколку децении претходно.

Има ли споредба на тој модел со македонските мултиетнички искуства?

Иако Македонија има многу различна историја од Канада, а и има други крупни разлики, пред сè демографски и територијални, некои од проблемите со кои се соочува македонското општество многу наликуваат на проблемите со кои се соочувала Канада низ историјата. Од таа гледна точка, концептот на Македонија како мултикултурно општество кое треба едновремено да создава чувство на еднаквост меѓу неговите граѓани, но и чувство на припадност и лојалност кон државата е концепт кој во демократски услови и со напорна работа може да го постигне ефектот на додадена вредност во демократијата, наместо на слабост, како што често се сфаќа.

Како го оценувате концептот „Едно општество за сите“ и во неговата концептуална, но и во дневно-политичката димензија?

– Тој концепт е одличен за Македонија и, долгорочно, очекувам да ги даде потребните резултати доколку се спроведува макотрпно и сериозно, а и доколку политичките елити од целиот политички спектар го прифатат како најдобрата можна опција за Македонија. Целта е да се создаде интегрирано општество во кое секој граѓанин ќе ја чувствува земјата како свој дом и ќе чувствува исто толку одговорности кон тој дом колку што посакува права. Овој концепт се соочува со многу напластени политички проблеми кои произлегуваат и од внатрешната куса демократска традиција, но и од регионалната нестабилност и непредвидливост во однос на интеграцијата на регионот во ЕУ.

Која е разликата, теоретска и политичка, помеѓу националниот и етничкиот идентитет во една општествена заедница?

 – Во политичките науки сè уште не постои консензус за тоа како треба да се дефинира етнички и национален идентитет на една државна заедница. Традиционалните дефиниции за „етнички“ и за „граѓански“ нации се практично неприменливи од аналитички аспект. А тоа е така бидејќи една современа државна заедница најчесто има елементи и на граѓански национален идентитет и на етнички. Токму мултикултурализмот како концепт е еден понов модел на создавање една т.н. граѓанска нација, во вистинска смисла на зборот – а тоа е сите граѓани на одредена државна заедница да се идентификуваат првенствено со таа државна заедница, бидејќи различните етнојазични идентитети се интегрален дел од таа заедница.

На европскиот континент не постои вистинска традиција на ваква „граѓанска нација“ бидејќи и најчесто споменуваните примери на „граѓански нации“, како Франција на пример, во суштина содржат силни елементи на она што во традицијата се дефинира како „етнички нации“. Оттука е и силниот отпор во големи сегменти на политиката на овие држави кон мултикултурализмот како концепт.

И регионот и Македонија постојано и без поголеми исклучоци се „клати“ помеѓу своите, условно кажано, „опозитни“ националистички (па и ексклузивистички) и модернистички (интегративни) визии за реалноста и за нејзините општествени перспективи. Кои се шансите, на среден рок, за овие концепти во Македонија? Можат ли тие некаде да се „сретнат“?

– Концептот едно општество за сите кое, со други зборови, е концепт на мултикултурно интегрирано општество, мислам дека е најдобриот концепт на денешницата. Но, тој е во конфликт со доминантните концепти на Балканот (па и во поголемиот дел на Европа), а тоа се старите концепти за етнонационални држави, односно држави кои припаѓаат на доминантната етнојазична заедница. Европската интеграција, барем теоретски, би требало да ги ублажи ваквите конфликтни концепти на среден и на долг рок, но исто така, сведоци сме и на сосема спротивни трендови дури и во најстарите европски демократии. Такашто, во одредена мера, македонскиот концепт може да биде зацврстен доколку тој биде препознат како концепт и за самите држави и во регионот и во Европа. Впрочем, не постои ниту една држава на европскиот континент која е „еднокултурна“.

Како гледате на актуелната политичка класа, па и на пошироката интелектуална елита во земјава?

– Значаен број луѓе во последните децении стекнуваа образование надвор од земјата, пред сè во западноевропските земји и САД. Голем дел од тие луѓе, за жал, не се вратија во татковината, а нивната експертиза во областите во кои се школувале е од клучно значење за развојот на Македонија. Тие луѓе можат да помогнат да се подобри и научно-образовниот процес во државата, па потоа самата држава да репродуцира интелектуална и политичка елита која ќе може да одговори на големите предизвици во државата кои ги има во речиси секоја област. Ми се чини дека Македонија се соочува со голема криза во квалитетот и на политичката и интелектуална елита, а една од главните причини е токму долгогодишниот одлив на мозоци од државата и нивно невраќање назад. Мислам дека еден од главните приоритети на државата треба да биде како да ги привлече назад тие луѓе кои сега придонесуваат со своите знаења во други општества.

Член сте на македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања. Каков ви е впечатокот за тој ваш општествен ангажман? Што може да се очекува од работата на Комисијата понатаму?

– Работата во Комисијата стагнира подолго време, а тоа е така затоа што Бугарија го врзува напредокот на работата во Комисијата со македонската евроинтеграција. Сè додека е таква ситуацијата, не очекувам некакви битни резултати, а тоа е евидентно веќе извесно време. Има и други слични комисии во Европа кои работат со децении, темелно и внимателно. За да може да се постигне некаков резултат, потребно е Комисијата да се тргне од дневната политика, пред сè во Бугарија, и да се остави да ја врши својата работа надвор од политичките процеси. Всушност, инструментализацијата на Комисијата од страна на Бугарија како средство за политички притисок врз Македонија е гаранција дека таа нема да може да постигне резултати во работењето.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот