ИНТЕРВЈУ Наташа Стојковска: Жената може да биде успешна и на работа и дома, без притоа да има жртви и запоставени

Фото: Наташа Стојковска, директорка во фабриката „Витаминка“

Да се има визија за себе и за сопствената иднина, да се има изградена и конкретна цел кон која ќе се стреми е сечија индивидуална дефиниција за успешност во кое било поле, вели Наташа Стојковска, директорка во фабриката „Витаминка“, каде од неодамна се спрoведуваат неколку активности кои директно влијаат на подобрување на статусот и здравствената сосотјба на жените кои се таму вработени, а ја унапредуваат и нивната улога како мајка и професионално реализрана жена. Стојковска вели дека меѓу обврските на работа и дома нема жртвување, туку се се постигнува со добар баланс. На младите луѓе им порачува да ги создаваат своите соништа, а не само да ги сонуваат.

Фабриката „Витаминка“ во која вие сте директор на Сектор за набавка и логистика неодамна донесе одлука, мајките кои ќе се вратат од трудничко боледување да можат да работат скратено работно време во наредните три месеци. Објаснете ни како мерката ќе функционира и зошто се решивте на овој потег?

 

– Одборот на директори едногласно ја изгласа одлуката со која вработените во „Витаминка“ кои користеле отсуство поради бременост, раѓање и родителство, откако ќе им заврши редовното 9-месечно породилно отсуство или 15-месечно за две или повеќе деца одеднаш, во следните три месеци ќе може да работат со скратено работно време, односно да работат по 4 часа дневно. Секако, во овој период од 3 месеци ќе им се исплаќа целосен личен доход и ќе ги уживаат сите други привилегии како да работеле со полно работно време. Овој период е многу корисен и потребен во животот на новите мајки.

На овој начин, ќе се намали стресот кај нив при повторното влегување во професионалните обврски, затоа што после девет месеци надвор од деловното опкружување не знаете што може да ве очекува. Додека родителот, мајката, повторно се привикнува на работните обврски и текови, истовремено ќе може да ги усогласи своите две важни улоги, како одговорен вработен и како родител. Затоа, ова е период на прилагодување на работните задачи, но пред сè за усогласување на деловните и обврските како родител.

Одлуката дојде како резултат на трајната заложба што ја имаме во „Витаминка“ за континуирано подобрување на условите за работа на своите вработени, нивната благосостојба и постигнувањето добар баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот. Вработените се суштината на секоја работна средина и затоа секој работодавец треба да се грижи за тие да го имаат задоволството од работата што им овозможува исполнетост и материјална сигурност, а не дека им го одзема времето со семејството.

Кои други активности ги преземате за да го унапредите здравјето на жените кои се вработени во компанијата?

– Како компанија преземаме повеќе активности со кои го унапредуваме статусот, благосостојбата и задоволството кај сите наши вработени. Приоритет во нашите намери и спроведените активности секако има здравјето на вработените. Во „Витаминка“ работат вкупно 690 вработени, а 350 од нив се жени.Така, овој пат се осврнавме на женското здравје, како проблем што се провлекува во сите социјални слоеви на нашето општество. Со цел да ги поттикнеме на поголема дисциплина, свесност и одговорност кон сопственото здравје спроведовме преглед со ехо на дојка во просториите на самата фабрика. Покрај прегледот на дојка со ехо, вработените имаа можност да се консултираат и со медицинско лице и добиваа совети за понатамошни прегледи и за важноста на превентивното дејствување.

Сакаме да ги потсетиме, пред се нашите вработени, а потоа и сите жени, дека динамиката на животот и секојдневните и работните обврски, брзањето, не се причина да ја заборават грижата за себе и за сопственото здравје. Редовните прегледи не смеат да бидат ставени во втор план затоа што и тоа како се важни во превенирањето од несакани заболувања. Оваа активност е уште една од низата практики за заштита и унапредување на безбедноста и здравјето во работењето и претставува вистинска грижа, затоа што самиот чин, апаратот и здравственото лице ги поставуваме тука, пред самите нив и со тоа ги побиваме сите изговори, сите „не можам“, „немам време“, „заборавив“, „немам пари“. Пред неполна година со Здружението „Борка“ спроведовме едукација за само-преглед, исто како дел од одговорноста кон сопственото здравје.

Што очекувате да постигнете со овие активности?

– Ваквата практика на „Витаминка“ е резултат на трајната заложба за континуирано подобрување на условите за работа на своите вработени, нивната благосостојба и постигнувањето добар баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот. Исто така, верувам дека овој наш чекор ќе придонесе за подобрување на општата перцепција на функцијата на жената и мајката во нашето општество. Веруваме дека ќе поттикнеме и ќе помогнеме за целосно преиспитување на приоритетноста на вредностите во нашата средина по кои се раководиме во секојдневните обврски, и за поставување на вистински, правилен и хуман систем на вредности. Сите сме пред сè луѓе, човечки суштества со интелект и со емоции, родители, а потоа и колеги, вработени во една организација.

Вие сте успешна бизнис жена добитник на престижни награди за својот професионален ангажман, па во таа насока, кои особености треба да ги има една жена за да успее во бизнис секторот во земјава и да остане на таа позиција долги години како што е вашиот пример?

– Да се има визија за себе и за сопствената иднина, да се има изградена и конкретна цел, кон која ќе се стреми е сечија индивидуална дефиниција за успешност во кое било поле. Додека, пак, кога се однесува за професионалниот успех, покрај сето ова потребно е уште и постојана, континуирана едукација. Надградувањето на сопственото знаење и проширувањето на професионалната експертиза е предуслов за кариерно напредување. Дури и надвор од формалното образование, за да одговорите на професионалните и работните предизвици, за што поефективно да ги исполните задачите, мора да се информирате, да ги следите трендовите, новите текови и тенденции. Ова треба да биде и самоиницијативно и чин на поголема одговорност кон работата што ја извршувате и позади која самите се потпишувате. Се сè менува дури и сега додека зборуваме, технолошкиот напредок не сопира и дури предизвикува бранови на промени, и на тоа мораме да се адаптираме и да го следиме.

Дали затоа што сте жена сте се соочиле со поголеми пречки на патот кон успехот?

– Во мојата кариера и во моето сеопфатно животно искуство, досега не сум се соочила со каква било пречка предизвикана од тоа што сум жена. Патот по кој ќе се развива нечија кариера секој сам си го создава. Јас секогаш сум се наоѓала во средина каде знаењето, способноста и талентот биле предуслов и затоа секогаш сум се водела од овие параметри во создавањето на сопствениот професионален пат и развој. Разликата меѓу машкиот и женскиот род, не е во интелектуалната сила, способноста за спознавање, изнаоѓање решенија и решавање на комплицирани задачи, туку во нееднаквите физички предиспозиции. Но, постојат и тука исклучоци, жени чија духовна сила ја поттикнува и физичката, тие се за вистински восхит.

Менаџерската позиција бара постојано ангажирање и многу често подразбира жртвување на приватниот или семејниот живот. Како успевате да балансирате меѓу приватниот живот и работните обврски?

– Повторно би се навратила на способностите и изборот што секоја жена го прави во својот живот. Затоа според мене зборот жртвување е премногу силен за да го опише соодносот работа – дом. Позицијата, вклучително и менаџерската, произлегува од способностите и умешноста за справување со одредени ситуации и не мора да значи дека за тоа е потребно цел ден. Според мене, една успешна и реализирана жена не мора да прави поделба на функциите што ги има во животот. Таа може подеднакво да биде успешна и како менаџер и како мајка и жена. Тука не станува збор за никаква жртва. Менаџерската работа и позицијата што ја имам, професионалниот ангажман, одговорноста што доаѓа со таа позиција, знаењето и искуството што ги имам, ме водат и тука нема простор за маневри.

Додека пак, кога станува збор за семејството и семејните обврски, посебно кон децата, многу поважно е квалитетното време што им го посветуваме. Вистински, искрени моменти на посветеност е тоа што ја создава радоста во домот и во животот. Времето поминато со моето семејство е бесценето, но сепак оставам и време за себе, за рекреација и хоби. Затоа верувам дека може подеднакво да се биде успешен менаџер и мајка и сопруга, без притоа да има жртви и запоставени.

Што ги советувате младите жени кај нас, како да го сонуваат и како да го остварат својот сон?

– Младите воопшто, денес ја имаат достапноста на глобалната дигитализација и пренесување на животот во дигиталните сфери. Затоа што верувам дека можностите се изедначени за сите, затоа не ја правам дистинкцијата меѓу младите жени и мажи, туку сите се борат и успеваат според тоа колку вложиле во сопственото образование. Можностите за сите се наоѓаат тука некаде, на дофат на сечија амбиција, само е потребно да бидат храбри и да се соочат со предизвиците кои секако постојат. Мојот совет би бил, да ги создадат своите соништа, не само да сонуваат, да се образуваат и да ја развиваат својата амбиција. Со квалитетно образование, со самодоверба во сопствените квалитети и со јасна цел, може се да постигнат и секој сон да го направат реалност.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот