ИНТЕРВЈУ | Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП: Зелената економија ќе креира нови 8.000 работни места во Северна Македонија до 2030 година

Климатските промени се криза на денешницата, не на иднината. Дали луѓето го согледуваат тоа, дали се плашат од климатските промени?

  Луѓето генерално не се плашат од климатските промени. Сегашноста им е поважна од иднината и тешко можат да ја замислат иднината. За да можеме да покажеме колку е важно сега да се справиме со климатските промени, треба да разговараме со податоците пред нас. Научниците ги истражуваа климатските промени и го кажаа своето. Сега останува ние да ги искористиме резултатите од истражувањата и да делуваме. Науката е јасна: земјите имаат малку време за итно да делуваат за ограничување на просечното зголемување на температурата на глобално ниво на побезбедни 1,5°C. Глобалното затоплување веќе предизвикува долготрајни промени во нашиот климатски систем и ги загрозува животите и егзистенцијата на луѓето во целиот свет. Имаме можност што се јавува еднаш во генерација – преку Парискиот договор за климатски промени и целите за одржлив развој – да обезбедиме поодржлива, правична и просперитетна иднина за сите.

Како одговор на оваа климатска криза, Програмата за развој на Обединетите нации ја иницираше иницијативата “Ветување за климата”. Од Вашата перспектива на Постојана претставничка на УНДП, кажете ни како оваа иницијатива им помага на државите во развој да се справат со климатските промени?

– „Ветување за климата“ е иницијатива на УНДП чија цел е да осигури дека секоја земја што сака да спроведе поамбициозни национални климатски активности ќе може да го стори тоа. Тоа е најголемата глобална можност за подобрување на националните придонеси за климатските промени, и во моментов поддржува 118 земји, меѓу кои и Северна Македонија, а во иницијативата соработуваат повеќе од 35 партнери. Преку „Ветување за климата“ УНДП обезбедува експертиза стекната од бројните активности спроведени во различни сектори: енергетика, шумарство, води, земјоделство, здравство, млади, финансии, управување, родова еднаквост и зелени работни места. Исто така, се надоврзува на веќе обезбедената поддршка на властите за дискутирање, планирање и реализирање на климатски активности согласно Парискиот договор. Во Република Северна Македонија работевме со Министерството за животна средина и просторно планирање и со други релевантни засегнати страни за да ги идентификуваме најдобрите можности за подобрување на климатските активности. Резултатите се импресивни бидејќи активностите се навистина амбициозни. Ревидираниот Национален придонес за климатски промени кој Владата неодамна го усвои, има за цел намалување на нето емисиите на стакленички гасови во државата за 82% до 2030 година во однос на тие во 1990 година. Ова е втор документ во кој се наведени активности планирани во рамките на Рамковната конвенција на ООН за климатски промени и со кој се обележува обновената заложба за спроведување на Парискиот договор. Ние, УНДП, навистина сме среќни што ја поддржуваме подготовката на овие документи.

Во врска со неодамна усвоениот ревидираниот национален Придонес за климатски промени, кои се приоритетите, што треба да се направи за да се постигне поставената амбициозна цел за намалување до 82% на нето емисиите на стакленички гасови?

– Ревидираниот национален придонес има за цел да покаже дека преминот кон економија со ниски јаглеродни емисии не мора да чини многу. Овој документ содржи 63 мерки и политики со кои се покажува дека декарбонизацијата може да биде поевтина отколку земјата да продолжи да ги спроведува моменталните политики. Иако, се проценува дека таа ќе чини 7,7% од вкупниот просечен годишен БДП, неодамнешните пресметки покажуваат дека во случајот на Северна Македонија 70% од намалувањето на стакленичките гасови може да се постигне со спроведување мерки кои имаат негативни трошоци (односно придобивките се поголеми од трошоците или заштедата е поголема од инвестицијата). Покрај тоа, „позеленувањето“ на економијата до 2030 година ќе создаде речиси 8000 нови работни места, од кои најмалку 27% ќе бидат за жени. Прифаќањето на циркуларната економија може значително да ги намали емисиите, да отвори нови 2.740 работни места и да генерира во економијата околу 47 милиони евра до 2030 година.

 

Резултатите покажуваат дека овие активности не може да ги спроведе само една владина институција. За спроведување на амбициозните климатски активности потребна е соработка на повеќе различни чинители (компании, донатори, невладини организации, медиуми). Во ревидираниот Национален придонес особено е потенцирана улогата и учеството на приватниот сектор во спроведувањето на политиките и мерките што се планираат во индустријата, при што се посочува дека 85% од потребните инвестиции ќе треба да се од приватниот сектор.

Климатските промени како еден од најсериозните проблеми со кои се соочува нашата планета, бараат големи заложби, не само од државните институции, туку и од секој граѓанин поединечно. Кој е најголемиот мотив според Вас, за граѓаните да се посветат максимално на справувањето со климатските промени? Кој е Вашиот мотив за климатска акција?

– Последиците од климатските промени на повеќето луѓе им се чинат далечни. Психолозите тврдат дека луѓето работите што им се психолошки далечни (во време, простор или според социјална дистанца) ги сфаќаат поапстрактно отколку работите што им се психолошки блиски. Така е и со иднината, таа секогаш е понеизвесна од сегашноста. Тоа е една од причините зошто луѓето многу повеќе се фокусираат на сегашноста.

Поради ова, треба да размислиме како да ги мотивираме граѓаните/ компаниите/институциите да ги спроведат планираните активности за справување со климатските промени.

На пример, со Проектот за справување со загадувањето на воздухот во Скопје има цел да се мотивираат најранливите домаќинства да размислат/да дадат приоритет на спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност, во нивните домови ставаме мобилна опрема за мерење на загадувањето на воздухот пред и по спроведувањето на мерките. Исто така, тие имаат можност да ги споредат и сметките за струја пред и по спроведувањето на мерките.

Во однос на мојата лична мотивација, таа е висока поради тоа што знам и разбирам дека ова е единствената планета што ја имаме и дека треба да ја предадеме на идната генерација во колку што е можно подобра состојба.

Кои активности или иницијативи поврзани со климатски промени УНДП ги спроведува во соработка со министерствата, институциите, невладините организации, како и приватниот сектор? 

– УНДП повеќе од 20 години е главен партнер на Владата за изработката на политики и стратегии за климата. До сега имаме спроведено различни проекти и иницијативи кои влијаеле врз климатските политики на државата, како што се зелените кровови, енергетски ефикасни градинки, мерки за спречување поплави и воведување на земјоделски практики отпорни на климата. Работиме во целата држава, во Скопје, Струмица, во Преспа, во Полог…

На пример ова интервју денес го правиме на вториот зелен кров во Скопје кој заеднички го изработивме со Град Скопје со цел да се намали влијанието на топлинските острови во главниот град. Државата неодамна започна со изработката на нова долгорочна национална Стратегија за развој во која ќе се претстави визијата „на целото општество“ за иднината на државата. УНДП обезбедува експертиза и техничка поддршка за изготвувањето на оваа стратегија и таа се заснова на сега веќе познатиот модел за одржлив економски развој „Економија во форма на крофна (Doughnut economy)“. Ова е еден начин на кој помагаме Северна Македонија да може „зелено“ да закрепне од пандемијата, но исто така и да остане на „зелениот“ пат во следните децении.

Дали можете да ни кажете повеќе детали за активностите на УНДП како организација за справување со последиците предизвикани од пандемијата со Ковид-19 како и „зеленото“ закрепнување од истата во државата?

– Пандемијата со Ковид-19 сериозно ја погоди македонската економија и малите и средните претпријатија. Покрај сериозните негативни економски влијанија, пандемијата ги влоши постоечките социјални проблеми и поделеноста во општеството бидејќи најмногу ги погоди најранливите граѓани. Сето ова е земено предвид во Ревидираниот национален придонес, преку процената на социо-економските влијанија.

Оваа социо-економска анализа ги анализира врските меѓу Планот на Владата за одговор на Ковид-19 и мерките од Ревидираниот национален придонес. Овие мерки, иако примарно имаат цел да ги намалат последиците од кризата предизвикана од Ковид-19, можат да придонесат за преминување кон економија со ниски емисии, и тоа преку поддршка на малите и средни претпријатија, преку поттикнување иновации и развој (особено кај  микро претпријатијата и новите компании), преку поддршка за градење капацитети на вработените, подобрување на квалитетот на работната сила и на крај преку поддршка за земјоделците.

Токму поради ова сакаме да поддржиме донесување не само политики што поттикнуваат инвестиции, туку и конкретни стимулации и програми за најранливите и за тие што се најпогодени од пандемијата.

На пример, за домаќинствата најголемиот проблем е да најдат достапни решенија за греење кои не создаваат емисии на стакленички гасови или на ПМ честички. На ранливите групи и на жените што се постари од 65 години и живеат сами треба да им се даде приоритет за поддршка за почисто греење во домаќинствата. Благодарение на поддршката од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој пилотираме програма за кофинансирање при што искуствата стекнати на овој начин ќе се искористат за осмислување на програми за грантирање и кофинансирање кои ќе ѝ овозможат на ранливата популација да примени мерки за енергетска ефикасност и да премине кон почисти решенија за греење.

И за крај, по што ќе ја паметите нашата држава кога ќе ја завршите мисијата овде во УНДП, што најмногу ќе Ви недостига?

– Државата во која работиме, во УНДП вообичаено ја нарекуваме „,место на должност“. Но ова звучи многу формално, бидејќи државата во која работиме не е само наше работно место, туку ни станува и дом за период од 4 до 5 години. Навистина си ја сакам работата која ми овозможува да им помагам на државите да се развиваат и да им помагам на луѓето подобро да живеат, но таа исто така ми нуди и одлични можности да посетам нови места, да бидам во контакт со нови култури и да сретнам неверојатни луѓе. Но за жал, доаѓа и времето кога мора да напуштиме некоја земја, да прифатиме ново задолжение, а зад себе да ги оставиме земјата, пријателите и колегите. Но, тука секогаш останува и дел од вашето срце.

Во последните 5 години, Македонија беше дел од мојот живот, ми беше дом. Секогаш кога се враќам од пат и ќе го видам крстот на Водно чувствувам дека сум дома. Имам многу пријатели и вљубена сум во природата, културата, виното и музиката.

Ќе ми недостига вашата преубава земја, неверојатниот поглед на Скопје од Водно, преубавите бои на Охридското Езеро, топлината на македонскиот народ… Тоа се сеќавања што засекогаш ќе ги паметам, и нема никогаш да ги заборавам.

Мојатa порака до вашите читатели: имате преубава природа, добро чувајте ја!


Koмерцијален ПР текст

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот