Интервју Матеа Николиќ: Италијанската лига е голем предизвик, настапот во А селекцијата како одлично искуство!

Една од најперспективните млади македонски кошаркарки, Матеа Николиќ е подготвена за новиот клупски предизвик, а тој се вика Магнолија Кампобасо, кој игра во првата италијанска лига.

Верува дека и во следниот период со сиот свој потенцијал и знаење ќе придонесе со срце на терен да се дојде до добар резултат.

Посветена и со напорна работа и секако преку тренинзите дојде и до националниот дрес, во чии бои се надева исто така дека во блиска иднина ќе имаме многу поголеми успеси.

Од која година тренираш кошарка и дали овој спорт беше твојот прв избор?

– Тренирам веќе 11 години и мислам дека кошарката беше мојот прв избор, иако пред да започнам со кошарка, тренирав и одбојка и пливање.

Што значи за тебе кошарката и која е твојата најголема поддршка?

– Мојата најголема поддршка е моето семејство кое што од самиот старт ми помогна да не се откажам никогаш и да верувам во себе. Кошарката има големо значење во мојот живот и претставува една од најважните работи за мене.

Како што официјално информираа и од федерацијата, твојот нов предизвик е италијанската екипа на Молисана Магнолија Кампобасо, како гледаш на следната сезона?

– Да, оваа сезона ќе настапувам за Магнолија Кампобасо во првата италијанска лига, голем предизвик е за мене како млад играч сето ова. Само со добра игра на терен ќе го добијам заслуженото, и се надевам во тоа да постигнеме што подобри резултати како екипа.

Кои се твоите најголеми успеси, колку си задоволна од досегашните настапи на натпреварите и сметаш ли дека уште повеќе да напредуваш?

– Според мене, човекот учи додека е жив и мислам дека имам уште многу пред мене, да видам, да научам и да се докажувам. Еден од поголемите успеси за мене лично е настапот во А селекцијата на Македонија кој е секогаш одлично искуство.

Претходно играше за тимот на Стела Азура, а потоа и за Енсино Луго, можеш ли да го пренесеш искуството, од организациски план, самите услови за тренинзи?

– Можам само да кажам дека Шпанија беше едно од подобрите искуства до сега како играч, екипата беше добро организирана, со многу добра конкуренција. Во Стела Азура кога пристигнав имав само 14 години, освен што ми помогнаа да прераснам во добар играч, ме припремија да бидам спремна и како личност за да можам да одговорам на моите следни предизвици. Академија како Стела ти овозможува да имаш сè што ти е потребно за да напредуваш како играч.

Што претставува за тебе националниот дрес и кои се твоите желби кои сакаш да ги постигнеш кога станува збор за најдобрата македонска репрезентација?

– Како што кажав претходно за мене имаат големо значење настапите за националниот тим. Се надевам дека со текот на времето ќе може да покажеме сите заедно што знаеме и направиме поголем успех.

Според тебе што треба да го краси еден кошаркар во намерата да постигне добри, успешни резултати?

– Само напорната работа и посветеноста го прават играчот сè подобар и подобар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот