ИНТЕРВЈУ Љатифа Шиковска: Просветните инспектори да излезат од канцелариите и да ги идентификуваат децата Роми што не одат на училиште

Основното и средното образование во Македонија се задолжителни од 2008 година, но бројот на деца, пред се Роми, кои не посетуваат настава покажува дека оваа уредба од Законот за образование не се имплементира.

Како да се мотивираат и стимулираат родителите, да ги запишуваат децата во училиште, разговаравме со Љатифа Шиковска од невладината организација Амбрела, која во фокусот на делување го има раниот детски развој и образованието кај децата Роми.

Имате ли евиденција колку деца Роми се без основно и средно образование?

– Ако ги земеме во предвид неколку истражувања кои се направени во последните две години 2017-2018 од страна на граѓанскиот сектор на локално и национално ниво, бројката на деца Роми кои се исклучени од образовниот систем е загрижувачка, иако образованието за деветолетка и средното образование законски е задолжително. За жал, ние немаме званична статистика од надлежното Министерство за образование колку навистина изнесува бројката на деца кои се надвор од училиштата, затоа што таа секојдневно е динамична и се менува. Но сметам дека МОН треба да излезе со званична бројка колку деца Роми во основно и средно образование се надвор од училишните клупи.

Со која целна група работите Вие?

– Ќе ви наведам одредена целна група со која ние постојано работиме. Децата без лична документација ги има околу 300 и се на училишна возраст и ниедно не е вклучено во образовниот процес, деца на улица се динамична состојба и таа секојдневно се менува и ги има околу стотина , деца кои немаат свои домови-живеалишта и тука немаме бројка колку се всушност, да не зборувам за испуштени генерации на деца на возраст од 8 до 14 годишна возраст, бројката изнесува над стотина и повеќе. Ние баравме од Бирото за развој на образование да подготват посебна програма за опфат на овие деца во образовниот процес но, за жал, се уште чекаме на  програмата.

И покрај заложбите на здруженијата и активностите во рамки на декада на Ромите, многу деца Роми се надвор од училишните клупи. Како го коментирате тоа?

– Морам да укажам на заложбите на МТСП во однос на инклузија на деца Роми во предучилишно образование. Инклузијата за децата Роми е бесплатна, бројот на деца вклучени во Ран детски развој секоја година се зголемува и тоа е добро.

Како да се мотивираат децата да го засакаат учењето и училиштето?

– Граѓанските организации ги мотивираат учениците Роми со поддршка на училишен материјал и ранци секоја учебна година, средношколците добиваат стипендии, родителите се вклучени во одредени работилници со акцент ставен за важноста на образование на нивните деца. Затоа што сметам дека сиромаштијата во ромската заедница може да се надмине само доколку нивните деца се образовани. Да напоменам дека семејствата добиваа и условни парични надоместоци за секое дете вклучено во основно и средно образование преку МТСП, како дополнителна стимулација и мотивација. Но сметам дека околу 5 – 10% на деца Роми се надвор од образовниот процес.

Како да се реши овој проблем, односно како да ги научиме децата да го засакаат образованието?

– Моето долгогодишно искуство на работа со ромската зедница, кажува дека се потребни системски решенија во однос на исклученоста на децата Роми од системот на образование. Јас ве уверувам и сум сигурна дека нема дете што не сака да оди во училиште, но дали нашите деца имаат иста стартна позиција и можности како што имаат другите деца кои не се Роми. Ако го земеме предвид социо-економскиот статус на Ромите, кои години наназад живееат во сиромаштија, невработеноста кај истите директно влијае на поддршка на нивните деца во образованието и исклученоста на истите од образовниот процес.

Основното и средното образование се задолжителни во Македонија. Но, бројот на деца кои не посетуваат настава, покажуваат дека не се имплементира законот. Како да се реши овој проблем?

– Особено сакам да нагласам дека Државниот просветен инспекторат за образование треба да почне да го имплементира законот за задолжително образование. Сите деца кои не се запишани во училиштата да постапува според законската регулатива, да испраќа опомени до родителите на децата да ги запишат во училиште. Општинските просветни инспектори исто така треба да излезат од своите канцеларии и во соработка со општинските училишта да ги идентификуваат децата кои не се запишани во училиштата и соодветно да реагираат според Законот за образование. Значи за да се надминат проблемите со вклученост на децата Роми во училиштата сметам дека е потребно да се воспостави интерсекторска соработка помеѓу надлежните министерства, МТСП и МОН, секако ние како НВО сме секогаш подготвени за соработка.

Имате ли позитивни искуства од досегашното работење?

– Би скала да споделам добри практики во соработка со МТСП. Имено во 2017 година започнавме да работиме на проект за Ресоцијализација и социјализација на бездомни семејства кои долго време живееја на локација под Кале покрај Вардар. Се работи за 15 семејства или вкупно околу 120 лица од кои повеќето се деца кои времено се згрижени во Визбегово. Во овој момент имаме 22 деца кои одат сега редовно во училиште и се 2 одделение. Имаме 10 возраси деца над 15 годишна возраст кои одат во вечерно училиште за возрасни. Успеавме времено да вработиме 12 родители на деца. Нашата цел е да ги зајакнеме семејствата да бидат оддржливи и да можат самостојно да функционираат.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот