ИНТЕРВЈУ Кристијан Наумовски: Сакаме да ги израдуваме навивачите на Шкупи со титула!

Фудбалерите на Шкупи се првопласирани во првенството, но свесни дека има уште да се игра/Фото: fcshkupi.com

Имаме тренер кој е еден од најдобрите во Македонија, Седлоски професионалец беше и како играч и сега како тренер, нè држи сите заедно – вели голманот на ФК Шкупи, Наумовски.

Измината недела фудбалерите на Шкупи со убедлив триумф од 0:3 на гостувањето кај Борец ја потврдија есенската титула во Првата македонска лига.

Шкупи во 18 кола во 1МФЛ, оствари 13 победи, три ремија и само два порази и ќе „презими“ на првото место на табелата со 42 бода (гол разлика 43:11), седум повеќе од второпласираната Академија Пандев.

Голманот на ФК Шкупи, Кристијан Наумовски (33) вели дека во екипата има супер група на играчи, заедно со тренерот Гоце Седлоски и секако верната навивачка група „Шверцери“ се наоѓаат на вистинскиот пат во првенството, свесни дека има уште доста да се работи до остварување на целта сезонава.

Победивте над Борец со 0:3, во кратки црти опишете го тој настап на екипата и што е најважно, мируваше мрежата на Шкупи.

– Натпреварот со Борец за нас беше последно финале за оваа полусезона, моравме да го добиеме без разлика како ќе играме. Беше тешко бидејќи игравме на вештачка трева, но сè се заврши како што треба. Борец иако настапи без неколку првотимци покажа дека е добра екипа, создаде неколку шанси, заслужуваше да постигне и гол, ама на крај се одбранивме и се заврши како што нам ни одговараше.

Голманот на Шкупи, Кристијан Наумовски вели дека екипата има супер група на играчи, прави професионалци/Фото: fcshkupi.com

Прва македонска фудбалска лига (1МФЛ)
Сезона 2021/2022

Табела по 18 одиграни кола:

1. Шкупи 42 бодови
2. Академија Пандев 35
3. Шкендија 34
4. Брегалница Штип 29
5. Ренова 27
6. Македонија ЃП 27
7. Струга Трим Лум 26
8. Работнички 22
9. Скопје 20
10.Тиквеш 15
11.Борец 12
12.Пелистер 5

Шкупи после есенскиот дел моментно е на првото место во Првата фудбалска лига, што е тоа што го краси тимот за ваквите успешни резултати досега оваа сезона?

– Да, завршивме на првото место, со добра предност пред нашите ривали, но има уште многу да се игра! Имаме супер група на играчи-фудбалери, прави професионалци, секој си ја знае својата работа и ја завршува на теренот.

Гоце Седлоски, тренерот на Шкупи ги држи сите играчи заедно, кон остварувањето на целта/Фото: fcshkupi.com

Каква е соработката на играчите со тренерот Гоце Седлоски кој исто така треба да биде мотиватор во секој нареден натпревар?

– Имаме тренер кој е еден од најдобрите во Македонија, професионалец беше и како играч и сега како тренер. Нè држи сите заедно, будни 24 часа што се вели, и размислуваме сите заедно за титула! Седлоски ја направи оваа селекција на играчи и сигурен сум дека ќе нè донесе на правиот пат. Имаме добар однос со тренерот, сите си ја вршиме работата. Се знае, кога се работи на терен, се работи, кога ќе заврши тренинг, има место за опуштање.

Верните навивачи, „Шверцерите“ секогаш ја даваат поддршката за ФК Шкупи/Фото: fcshkupi.com

Што можете да ни кажете и за поддршката која доаѓа од трибините, верната навивачка група „Шверцери“?

– Без нашите навивачи сигурен сум дека немаше да имаме вакви резултати! Па, видете секој натпревар дали е на гости или на домашен терен, доаѓаат да нè бодрат и да бидат нашиот 12. играч! Капата доле за „Шверцерите“! Немам други зборови за нив..Фала им за сè што направија до сега за нас!

Колку е тешка голманската позиција во текот на натпреварите, колкав предизвик и тежина нова таквата улога чувар на мрежата?

– Па секој знае дека голманската работа е најтешка..Колку и да браниш, колку и да спасуваш, една грешка и веќе си трагичар..Може екипата да води 1:0, примаш гол по твоја вина и завршува сè на лошо..Погледите се свртени кон тебе и знаеш дека веќе си трагичар и екипата изгубила бодови од твојата грешка..

За Наумовски голманската работа е најтешка, една грешка и веќе си трагичар/Фото: fcshkupi.com

Сигурно со големо внимание ги следите и настапите на сениорската репрезентација која успеа да се најде во баражот за Светско првенство, противник таму е Италија. Ваш коментар за овој голем успех.

– Секако дека ги пратам настапите на репрезентацијата…Едноставно капата доле, големо браво за момците што го направија овој огромен успех. Да, нè чека репрезентацијата на Италија, сите знаеме за каков противник се работи и со какви фудбалери располагаат..Меѓутоа нашите момци покажаа дека можат да се носат со сите селекции, па зошто да не биде така и со Италија!!!

Играчите на Шкупи ќе се обидат сезонава да ја донесат титулата на Чаир/Фото: fcshkupi.com

Кои се вашите искрени желби за во 2022 година и што би им порачале на помладите кои сакаат да биде дел од фудбалот, воопшто спортот?

– Најголема желба искрено ми е да станеме шампиони со Шкупи, да ги израдуваме нашите најверни навивачи, да ја донесеме титулата на Чаир после долго, долго време и да се претставиме во светло издание со настапите во Европа! Младите што се занимаваат со спортот нека не се откажуваат никогаш, често ќе има и добри и лоши моменти, тажни работи-порази, но тоа само ќе им даде поттик повеќе да работат и да направат нешто во својот живот-кариера.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот