ИНТЕРВЈУ Катaрина Илиевска Силјановска: Театарот за деца и младинци ќе добие нов објект, а ќе има и претстави за бебиња

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Со улогите на Катарина Илиевска Силјановска, преку претставите во Театарот за деца и младинци пораснаа многу деца. Од минатата година, таа е на чело на институцијата, но истовремено се појавува и во претставите во кои има добиено улоги. Катарина вели дека честопати е негативец во претставите, но голем позитивец во животот. За театарот се бори како за свое дете, а од таа борба ексклузивно за „Слободен печат“ вели, дека најверојатно ќе произлезе и нова театарска зграда, поголема и соодветна за уживање во уметноста.

По летниот распуст од септември се враќате на сцената. Со која претстава?

– Новата театарска сезона ќе ја започнеме со гостување на фестивалот Гола месечина, со претставата волшебната флејта.

Гостувањата на фестивалите во државата, но и во странство, се важен дел од работењето на театарот и придонесуваат за негова промоција. Дали имате покани за гостување?

– На почетокот на септември, а потоа и во октомври имаме две гостувања на различни фестивали во Босна и Херцеговина. На првиот фестивал во градот Бугојно, одат само наградени претстави, ние ќе се претставиме со куклената претстава Тоби, за која лани во Подгорица добивме Гран при. Фестивалот ќе се одржи помеѓу 9ти и 14ти септември. Потоа, од 10-14 октомври ќе гостуваме на фестивалот на куклено детски театри во Бања Лука, каде што во официјална конкуренција ќе ја изведеме претставата Петар Пан.

Која претстава на ТДМ е најнаградувана?

– Куклената претстава Тоби е убедливо најнаградувана, веднаш по „Македонска приказна“, која е претстава без текст, а првпат беше изведена во 2000 година. Тоби е куклена претстава, со кукли во природна големина на животните кои играат во претставата, многу интересна за децата, но истовремено пренесува и порака која секое дете од најмали нозе треба да ја знае, дека треба да биде задоволен со тоа како изгледа. Но наградувани се и Убавицата и ѕверот, Пипи долгиот чорап и многу други. А наградувани се и актерите.

Дали најнаградуваната претстава, истовремено е и најпосетувана, односно дали вкусот на публиката се поистоветува со тој на жири комисијата на фестивалите?

– Морам да признаам, не секогаш. Тоби, иако е најнаградувана претстава, не е најпосетена во ТДМ. Во театарот најпосетени се бајките со звучни и познати имиња, како Пепелашка, Убавицата и ѕверот, Малата сирена, Црвенката, Снежната кралица…а добивам впечаток и дека публиката повеќе ги преферира претставите со актери, односно живите претстави, а сосема неоправдано ги отфрла куклените претстави.

Можете ли да издвоите најдрага награда?

– Да, наградата од детското жири во Подгорица, за претставата Тоби.Тоа ми е најдрагата награда која воопштро сум ја добила.

Убаво е кога претставите се посетени, но, со оглед на тоа дека во публика имате деца од најмала воздраст, дали некогаш ве деконцентрираат, дали има некултурни посетители?

– Има некултурни родители, а прекрасни деца, кои реагираат најискрено на сите сцени, некогаш се смеат, некогаш се плашат, некогаш се случува и гласно да викнат, и тоа е во ред, но не е во ред кога родителите наместо претстава гледаат во телефоните, па често не забележуваат ако децата станат од столчето или вознемируваат некого.

Која е идеална воздраст за посета на театарот и следење на претставите?

– Тоа е индивидуално, но најсоодветно според мене е од 3 години. Сепак, јас мојата ќерка на претстави ја носев од една година. Ексклузивно за вас ќе откријам дека планирам претстава за бебиња над 6 месечна возраст, но нејзината реализација зависи од Министерството за култура, кое треба да ја одобри програмата.

Дали се предвидени премиери во новата театарска сезона?

– Да, ќе реализираме минимум три премиери до декември. На радост на најмладите ќе ја поставиме на репертоар претставата „Јованче и Марика“, потоа младинската претстава „Едвард, раце ножици“, како и претставата „Касета“.

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Дали има интерес од младинците, за посета на театарот?

– За жал, младинците не го посетуваат театарот, онолку колку што би сакале ние. Но, со новите две претстави наменети за деца над 10 години, се надевам дека ќе ги привлечеме повторно да бидат наша публика.

Дали имате време да бидете директорка и актерка истовремено?

– Морам да имам, и сакам да имам време. Имам улоги во претстави кои сум ги добила уште пред да бидам директорка, и многу е тешко да најдам замена за нив. Но, во иднина би можела да се дистанцирам од новите претстави кои ќе бидат изведувани во театарот.

Што е поодговорно, а што поинтересно од двете професии?

– Двете професии се еднакво одговорни, а поинтересна секако дека е уметноста и глумата. Сепак, голема чест ми е укажана со тоа што ми е дадена можност да раководам со театарот.

Дали има ривалство помеѓу актерите, кој да ја добие главната улога, или кој да биде позитивецот или омилениот лик?

– Ривалство нема, не се случило некој да побара од режисерот улога која е наменета за некој друг. Но, потајно позади сцената можеби се случило некој од актерите да си рече „Јас ќе бев подобар за оваа улога“. Јас секогаш добивам негативни улоги и ми се допаѓаат бидејќи се покарактерни. Снежната кралица на пример е негативен, но главен лик, за разлика од Герда и Кај кои се позитивни ликови, но остануваат во сенка.

Дали има улога која е Ваша неостварена желба?

– Неостварена желба ми е Офелија од Шекспир… тоа можеби ќе се случи во некое друго време, бидејќи моето веќе помина. Но би сакала да имам и повеќе улоги во младинскиот театар. Што се однесува на детските улоги, сум ги играла речиси сите.

И, за крај, иако оваа сцена е навистина магична и интимна, станува претесна за публиката. Дали планирате да се преселите во нов објект?

– Тоа е наша голема болка. Тука сме 21 година. На моја иницијатива лани побаравме нов објект за театарот. Одобрени се средства да се направи идејно решение, но пред тоа треба да се најде локација. Во комуникација сум со Град Скопје и општина Центар, но може да се вклучат и другите општини. Според планираното, до крајот на 2019 година ќе се објави конкурс за изградба на нов објект. Мене ми е важно, да има и обезбеден паркинг, за да може да се паркираат посетителите на театарот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот