Интервју | Јулијан Даскалов: Пејпар Мил во наредните две години со нови инвестиции и вработувања и проекти за заштита на животната средина

Единствената фабрика за рециклажа на хартија во земјава Пејпар Мил од Кочани, со инсталација на новиот филтер и резултати од мерења на квалитетот на воздухот до 40 пати пониски од нормата,  го рестартираше производството после неколкумесечен прекин на работењето. Со Јулијан Даскалов, Генерален директор на фабриката зборуваме за предизвиците во овој период, направените мерења на квалитетот на воздухот сега, но и за идните планови на компанијата.

По неколкумесечен прекин, пред две недели ја рестартиравте фабриката. Вие всушност постапивте по одлука на Инспекторатот за животна средина, а во изминатите месеци направивте промени, инвестиравте во нов филтер и дојдовте до нов почеток, ако може така да се каже. Што преземавте по прекинот на работењето и во какви околности продолжувате со работа?

Јулијан Даскалов

Официјално, го рестартиравме процесот на рециклирање и производство на хартија во Пејпар Мил на почетокот на јуни. Речиси по половина година прекин, но во тој период интензивно работевме на набавка и инсталација на најсовремен вреќест филтер за прочистување на фините честички прав во воздухот. Со поставувањето на филтерот и новата технологија, практично се создадоа услови фабриката да продолжи со работа. Но, на ова претходеа неколку недели прилагодувања на филтерот во рамките на производствениот процес, согласно препораките на производителот, а веднаш потоа и мерења на квалитетот на воздухот на барање на релевантните институции. Мерењата на квалитетот на воздухот ги спроведе меѓународната акредитирана лабораторија SGS, согласно методите на мерење усогласени и одобрени од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Резултатите покажаа вредности на количество на прав во димните гасови до 40 пати пониски од пропишаното, согласно А Интегрираната дозвола од Министерството за животна средина која ја поседува Пејпар Мил. Сега речиси целосно е елиминирано влијанието на процесот на рециклирање и производство на хартија во нашата фабрика врз квалитетот на воздухот. Сосема е сигурно дека инвестицијата од над 55 илјади евра се исплатеше и го даде посакуваниот резултат – трајно решение фабриката да работи непречено и да обезбеди чиста и здрава околина за сите.

Над 120 вработени повеќе месеци седеа дома. Дали успеавте да ги задржите сите вработени и сите да ги вратите на работа. Како го решивте нивниот статус во изминатиот период?

Јас неколку пати до сега имам кажано дека одлуката за прекин на работата беше една од најтешките со кои сум се соочил лично и професионално. Знаете, одеднаш се исправате пред 120 луѓе кои дома имаат семејства и им кажувате дека извесен период нема да доаѓаат на работа, а притоа не знаете да го кажете точниот датум кога повторно би се вратиле и дали воопшто би се вратиле. Сепак зад Пејпар Мил стојат акционери кои реално имаа двојби како понатаму, затоа што со прекинот се наруши целокупното деловно работење. Но, јас и целиот менаџмент на Пејпар Мил немавме апсолутно никакви дилеми дека ќе направиме сé за да се рестартираме и дека  ќе ги задржиме сите вработени. Нивниот статус, во изминатите месеци привремено го решивме со тоа што тие добиваа 70% од платата и целосно им се плаќаа придонесите. Јас сум посебно горд на фактот, што во услови на оперативно „затворање“ и ковид криза, ние не отпуштивме вработени. Сите мои колеги се веќе на работа со целосни приходи, а нивните семејства повторно имаат стабилна егзистенција и можат да се чувствуваат сигурно.

Се чини дека квалитетот на воздухот во Кочани, барем од страна на Пејпар Мил е решен. Но, граѓанските организации од Кочани и го посочуваат и проблемот со техничка вода која ја напушта фабриката и се излева во одводните канали. Неодамна имавте една таква ситуација. Дали и како ја контролирате техничката вода која ја напушта фабриката и до каде сте со инсталација на прочистителната станица за отпадни води?

Прво дозволете да појаснам за конкретната ситуација која ја споменувате. Во рамки на пробниот период на работење на фабриката во одводните канали беше испуштена прочистена техничка вода која во својот состав содржеше нештетен калциум карбонат, односно таканаречен воден каменец, кој дава бела боја. Ова го тврдам затоа што ние во нашата лабораторија постојано правиме испитувања на водата која ја напушта фабриката. И во овој случај како и во низа други претходно, испитувањата покажаа вредности кои се целосно безбедни за здравјето и за природната средина. Но, јас ја разбирам загриженоста на луѓето, водата од одводните канали во голема мера се користи за наводнување и на земјоделските култури и нам ни е важно да ја завршиме прочистителната станица за да нема воопшто дилеми. Што се однесува до прочистителната станица, неопходно беше да се рестартира целосно процесот на рециклирање и производство на хартија за да влеземе во третата и последна фаза од изградбата на станицата која планираме да ја завршиме до крајот на годината. Работите околу ова малку се одложија, но морам да кажам дека динамиката на реализација на овој проект е тесно поврзана со работењето на фабриката заради извршување на потребните тестирања и набавки на потребната опрема, па по времениот прекин на работењето го продолживме и овој проект. Со прочистителната станица, според елаборатот – суспендираните материи ќе имаат значително подобрување – повеќе од двојно од дозволените граници, а БПК5 и ХПК параметрите ќе се подобрат за три пати. Инаку, се работи за инвестиција во износ од 300.000 евра за последната фаза. Но, она што би сакал да го истакнам е дека и со досегашните инвестиции од околу 450.000 евра, со првите две фази на изградбата на прочистителната станица значајно се подобрија параметрите на водата која се испушта при процесот на рециклирање и производство на хартија. И тоа, значително под границите дозволени според законите за заштита на животна средина во однос на сите параметри.

Сепак сте значајни и како инвеститор, но и како дејност, бидејќи сте единствен рециклатор на хартија во земјата. Колку во целиот овој период имавте поддршка од институциите?

Нашата фабрика има големо локално и национално социо-економско значење како инвеститор во земјата кој вработува и придонесува за економијата. Од друга страна, улогата на Пејпар Мил како единствен рециклатор на хартија е од непроценливо значење за целиот процес на рециклирање на отпадна хартија во РС Македонија, остварувањето на националните цели за рециклирање и синџирот на циркуларната економија во земјата. Институциите и Владата навистина го препознаваат тоа и покажаа разбирање и волја за надминување на состојбата, практично дадоа поддршка во целиот период до повторно рестартирање на производствениот процес, за што би сакал да упатам благодарност. Нам ни е битно да ја имаме поддршката од сите стратешки чинители со оглед на тоа што планираме значајни инвестиции во унапредување на производството и процесите, зголемување на човечкиот капитал и заштита на животната средина. Верувам дека во иднина уште повеќе ќе ги зацврстиме односите со Владата, општина Кочани, но и со граѓаните и граѓанските организации, бидејќи ние сме тука за да останеме, да продолжиме да растеме и да се развиваме и да вложуваме во заедницата во која работиме.

Кога сме веќе кај инвестициите, какви се вашите идни планови? Дали планирате понатамошен развој, можеби нови вложувања во унапредување на процесите?

Откако ја преземавме фабриката пред нешто повеќе од пет години, ние практично не сме престанале да вложуваме. Во изминатите години имаме вложено над 8 милиони евра во унапредување на технологиите за заштита на животната средина, подобрување на квалитетот на производите, како и зголемување на капацитетот, со посебен пристап кон чистите технологии и адаптација за рециклажа. Денес, фабриката ги задоволува капацитетите за рециклажа на целата отпадна хартија на ниво на Република Северна Македонија. Моменталниот капацитет за рециклирање е околу 15.000 тони отпадна хартија годишно, која Пејпар Мил ја претвора во современи и квалитетни хартиени продукти. Во следните 2 години планирани се инвестиции од 2 милиони евра во двојно зголемување на капацитетот на производство, со што ќе се зголеми потребата за собирање и рециклирање на отпадна хартија на околу 30.000 тони на годишно ниво, што е практично целата количина која се собира на годишно ниво во Република Северна Македонија. Со самото зголемување на капацитетите, Пејпар Мил би го зголемил и бројот на вработувања за 5 до 7% во текот на наредните две години. Дополнително, планираме и таканаречена вертикална интеграција – инвестиција од 3 до 5 милиони евра со која би се овозможило создавање и производство на нов производ, а со што дополнително би се зголемил и бројот на нови работни места.

Сосема за крај, вие сте извозно ориентирана компанија. Во вашето продуктно портфолио се вбројуваат производи од хартија кои ги пласирате на меѓународниот пазар. Што конкретно произведува Пејпар Мил и каде се извезувате?

Пејпар Мил произведува повеќе типови на хартија кои се добиваат со рециклирање на стара хартија. Производите на Пејпар Мил се всушност џамбо ролни со различни димензии кои ги произведуваме по нарачка на купувачите и се користат за производство на најразлични хартиени продукти – од висококвалитетни картонски кутии до специфични хартиени вреќички за пакување на храна. За производите се води строга контрола на производството потпомогната од Валмет системот со интегриран Метсо скенер, како и преку сопствената лабораторија, како крајна контрола. Морам да истакнам дека со низа иновации, застарените системи во фабриката се надградени и денес тие ги достигнуваат современите стандарди. Што се однесува до нашите купувачи, Пејпар Мил ги продава своите производи во повеќе земји во регионот и ние со гордост можеме да кажеме дека работиме со најголемиот број на производители во радиус од 1.000 км од нашата фабрика. Наши купувачи се компании кои се меѓу најголемите производители на картонски кутии и хартиени ќеси, како и на останати типови на хартиени производи.


Комерцијален ПР текст

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот