ИНТЕРВЈУ Јована Кипријановска: Европското првенство е многу важно за женскиот ракомет во Македонија

јована кипријановска
Јована Кипријановска, ракометарката на ЖРК Куманово/Фото: Кочо Сотировски/24 Ракомет

– Ракометот е еден од најразвиените спортови во Македонија, но за жал во женскиот ракомет има поголем пад отколку подобрување за разлика од минатото – вели ракометарката на ЖРК Куманово, Кипријановска.

Јована Кипријановска игра со срце на теренот, со огромна желба и волја, а тоа веќе го докажува на терените. Десниот бек блеска на натпреварите со нејзините игри и погодоци, воедно придонесува за одличните резултати на нејзиниот клуб Куманово кој моментно е на првото место во нашата најквалитетна женска ракометна лига со 14 победи од 14 натпревари.

На последниот лигашки дуел Кипријановска забележа 12 голови во триумфот над Феникс АМС и екипата најавува сериозни амбиции во трката за титулата, иако има уште доста да се игра.

Воедно Кипријановска ги брани боите на најдобрата македонска репрезентација и се радува на настанот кој сите со нетрпение го очекуваме, а тоа е Европското сениорско првенство кое ќе се одржи во три земји, Македонија, Словенија и Црна Гора во периодот од 4 до 20 ноември 2022 година.

Кога почнавте да тренирате ракомет и што ве инспирираше да бидете дел од овој спорт?

– Со ракометот започнав на 12 години. Таа година почнаа да се пријавуваат мали девојчиња на ракомет и татко ми ми предложи да пробам бидејќи тој има тренирано како млад. Уште од првиот тренинг ми се допадна спортот и тимската игра.

На клупски план сезонава ги браните боите на Женскиот ракометен клуб Куманово, колку сте задоволни од настапите, секако тимски и индивидуално, и дали има простор за напредок во играта?

– Целата моја ракометна приказна досега е во ЖРК Куманово. Од сите години можам да кажам дека сум многу задоволна, секоја година клубот гледа да ни пружи најдобри услови за тренирање, ние работиме најдобро што можеме и мислам дека резултатите сами си доаѓаат на крајот. Оваа година сме помлада екипа, но тренираме напорно и мислам дека прикажавме добра игра во последните натпревари. Има многу простор за напредок затоа што сите сме млади и гледаме да бидеме се подобри и подобри, се надополнуваме една со друга и имаме доста натпревари за да собираме искуство за понатаму.

јована кипријановска
Кипријановска со женскиот ракометен клуб на Куманово реди победи во првенството/Фото: Кочо Сотировски/24 Ракомет

Оваа година, заедно со Црна Гора и Словенија ќе бидеме домаќини на Европското првенство. Што значи за нас како земја овој предизвик, сигурно би била убава можност за промоција на женскиот ракомет во Македонија?

– За нас овој настап има преголемо значење бидејќи најпрво Македонија после многу години ќе биде на Европско првенство и тоа е многу важно за развивање на женскиот ракомет во Македонија. Репрезентацијата е подмладена и за сите ракометарки оваа е многу значаен настан за напредување и стекнување на искуство кое ќе им користи на сите за понатамошните достигнувања.

Велат дека ракометот е спорт број 1 во Македонија. Дали тоа според вас се чувствува од секаков аспект, покрај добрите резултати во минатото или верувате дека треба и во иднина да се вложува доста во развојот на ракометот во машка и женска конкуренција, започнувајки од основните услови како тренинзите?

– Ракометот е еден од најразвиените спортови во Македонија, но за жал во женскиот ракомет има поголем пад отколку подобрување за разлика од минатото. Сите ние би сакале да можеме да останеме дома и да тренираме во врвни услови и да играме добра лига во која можеме да напредуваме, но за жал денеска доколку сакаш да продолжиш како професионален играч тогаш тоа е многу тешко со условите кои ги има тука. Сите поголеми клубови се трудат да направат услови, но тоа не е доволно и не може да се спореди со другите земји каде ракометот е на многу повисоко ниво.

јована кипријановска
Кипријановска ги брани боите на македонската женска сениорска репрезентација/Фото: Кочо Сотировски/24 Ракомет

Како изгледа еден ваш обичен ден, покрај обврските во ракометот?

– Скоро секој ден ми е исполнет со ракометни обрски, наутро имам теретана, потоа одмарам и се спремам за наредниот вечерен тимски тренинг, а кога немам обврски со ракометот гледам да се одморам, да поминам време со најблиските и да одвојам време за факултетот.

Кој е вашиот спортски идол и зошто?

– Има повеќе играчи кои ги гледам како Кристина Неагу, Ана Грос, Анна Вјакхирева и некои други, и од сите нив гледам да го земам најдоброто од играта и професионалниот спортски живот.

Што сакате да ви се оствари во 2022 година, кои се вашите искрени желби?

– Најпрво сакам да останам здрава и сите околу мене исто така, желба ми е да напредувам и да ги остварам највисоките цели на репрезентативен и клупски план.

Што треба да го краси еден ракометар, спортист за да може да верува во успех, во добар резултат?

– Најпрвин да го сака спортот, да биде упорен и истраен, да не се возвишува, да има големи амбиции и 100% да се вложува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот