ИНТЕРВЈУ Јован Иванов: Расте популарноста на спортското качување, голем е интересот кај помладите!

Во ексклузивно интервју за „Слободен печат“ зборуваше тренерот на „Астибо“, Јован Иванов околу спортското качување, спорт во константен пораст од година на година, а и во нашата земја особено помладите покажуваат голем интерес.

Тоа го докажаа уште еднаш членовите на спортско качувачкиот клуб „Астибо“ на Балканскиот куп „Атомска мравка“ освојувајќи два медали, Михаела Санева и Васил Караѓозов.

Повеќе околу тој настан, што е сè потребно да се биде дел од овој спорт, колку во него се вложува, прочитајте во продолжение.

Колку години постои клубот „Астибо“, што можете да кажете за себе, кога се одвиваат тренинзите и каде?

– Спортското качување во Штип започна во 2003 година откако беше направена првата вештачка карпа надвор од Скопје. Најпрво како секција за спортско качување при друштвото на планинарски спортови „Лисец”, а подоцна како посебен клуб Астибо.

Моментално во клубот членуваат преку 30 качувачи, предводени од двајца лиценцирани инструктори при Македонската Спортско Качувачка Федерација. Тренинзите се одвиваат во скромната болдер вежбална во просториите на ДПС „Лисец“ секој понеделник среда и четврток од 18:00 часот.

Во јануари годинава Астибо беше прогласен за најуспешен клуб во Македонија од страна на МСКФ (Македонска Спортско Качувачка Федерација) според постигнатите резултати за минатата година. Во изминативе 15 години активност, повеќе членови на клубот биле дел од македонската репрезентација, учествувајки на неколку светски и европски првенства. Помеѓу големиот број на успеси во државната лига, од клубот произлегоа двајца државни прваци во сениорска конкуренција и неколку медалисти од Балкански купови и првенства.

Изминатиот период вашиот клуб освои два медали од балканскиот куп „Атомска мравка“ во Скопје, кажете ни нешто повеќе околу настан, кои се освојувачите и колку учесници имаше?

– „Атомска мравка“ е еден од поголемите натпревари на овие простори за деца до 16 годишна возраст. Конкуренцијата е доста голема, имајки во предвид дека оваа година беа пријавени преку 120 натпреварувачи од пет различни држави на Балканот. Нашиот клуб го преставуваа 16 натпреварувачи од кои шест влегоа во финале. На крај со медал се закитија Михаела Санева (трето место во категорија Youth B) и Васил Караѓозов (второ место во категорија Youth Е).

Ова не беа први медали за двајцата, Михаела е дел од младинската репрезентација и веќе неколку години освојува медали на „Атомска Мравка“, а Васил како наш најперспективен натпреварувач до сега освојуваше медали на балкански купови во Србија и Бугарија.

Како ја гледате состојбата во македонското спортско качување, дали има интерес за овој „адреналински предизвик“?

– Популарноста на овој спорт е во константен пораст од година на година. Последните години спортското качување добива сè поголема масовност, како резултат на промоцијата во големото олимписко семејство. Најзачудувачки факт во нашиот случај е сè поголемиот интерес кај помалите генерации, уште од пред школска возраст.

Морасме да напоменеме дека сè почесто се среќаваме во нови членови кои биле упатени да спортуваат од доктор со стриктна препорака за спортско качување.

Што е потребно од опрема со цел да се занимаваат луѓето со овој спорт, дали постои некој лимит, на пример да речеме во годините?

– Опремата е многу битен фактор во овој спорт, пред сè од безбедносни причини. Всушност, единствен дел од опремата кој помага во перформансот на качување се патиките. Сè останато служи за безбеност при качувањето. Кацига, јаже, појас, карабинери, алатки за осигурување и уште голем број парчиња опрема се основен сет кој еден качувач треба да го поседува.

Во однос на годините, единствена граница е онаа за почеток. На последниот натпревар, нашиот најмал натпреварувач Леон беше роден во 2014 година и качуваше на насока на која претходно се искачи 60 годишен качувач, за да ги упати најмалите натпреварувачи како и до каде треба да е движат во насоката.

Спортското качување станува олимписки спорт, колку дисциплини постојат и дали можеме да се надеваме во блиска или далечна иднина да имаше наш претставник на најголемите натпреварувања?

– На Олимписките игри во Токио за прв пат ќе имаме можност да го видиме спортското качување како олимписки спорт и тоа во сите три дисциплини (водство, болдер и брзинско качување).

Сепак, моделот на олимпијадата е изменет во однос на стандарниот, па така, победници ќе бидат оние кои имаат најдобри резултати во комбинација на сите три дисциплини.

Ова правило ќе биде изменето за наредната Олимпијада во 2024 година и ќе бидат вклучени посебни медали за секоја дисциплина.

20 во машка и 20 во женска конкуренција е бројот на натпреварувачи кои се борат за норма, додека во 2024 бројот на учесници ќе биде видно зголемен.

Желбата за наш преставник на Олимпијада е голема, но реалност е дека до таков подвиг треба многу време и напорна работа. Моменталната генерација на млади членови во нашиот клуб ја нарекуваме „олимписка”, име кое служи како патоказ во кој правец треба да се стремат сите нови и идни качувачи.

Кои се вашите желби во наредниот период како клуб, што е потребно за подобра афирмација на спортското качување со цел да се развие и во повеќе градови ширум земјата?

– Инфраструктура, едукација, промоција и пред сè  желба за работа. Потребни се луѓе кои сакаат да работат и луѓе кој сакаат да помагаат. Ситуацијата во нашиот клуб е неизвесна, бројот на членови е сè поголем, бројот на успеси исто така, духот и посветеноста е на високо ниво, но условите во кои работиме стануваат полоши.

Имаме потреба од нови проширени простории, современа болдер вежбална и пред сè вештачка карпа. На почетокот на годината беа презентирани неколку наши идеи за проширување и обновување, но сеуште не добивме соодветна помош од луѓето од кои го баравме тоа.

Но, работата на клубот не застанува, решени сме до крајот на годината да дадеме максимум на сите натпревари и да го одбраниме епитетот на најуспешен клуб во државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот