ИНТЕРВЈУ | Јован Деспотовски: Од инвеститорите очекуваме високи плати и значајни уплати во Буџетот

Јован Деспотовски / Фото: МИА

Вратите за сите инвеститори се отворени, но дали и каква државна помош ќе добијат, сега зависи од анализа на нивните десетгодишни инвестициски планови и профилот на компанијата. Од ова профилирање, однапред ќе знаеме колку и кога државата и граѓаните ќе добијат назад за секое евро што би се дало како поттик за инвестирање, за секој метар квадратен државно земјиште

Во изминативе години, голем број економии во транзиција, формираа слободни зони или т.н. индустриски паркови, во кои нудеа одлични услови за привлекување странски инвеститори.

Експертите се децидни дека сè додека не добиеме датум за почеток на преговори со ЕУ, немаме обврска да ги менуваме условите или да ги затвораме зоните. На долг рок, нашата цел е да се приспособиме и да прифатиме дел од современите модели на поттикнување инвестиции, што веќе ги развиваат напредните економии.

Неодамна, ЕУ побара од македонската влада да се изјасни дали ја прифаќа препораката за промена на режимот за работа на странските компании во индустриските зони во рамките на посветеноста за членство во ЕУ. Рокот е до 2022 година, а целосната имплементација на промените во даночната политика мора да заврши до 2025 година. Што е суштината на ова барање и дали ќе има некакви промени во зоните?

– Не, нема да има промени во условите за работа за компаниите во ТИРЗ. Целта на дијалогот со претставниците на ЕУ и на ОЕЦД е да се прецизираат или да се изменат одредени елементи во даночната регулатива, а кои се однесуваат на персоналниот данок во ИТ-дејноста. Практично, ниту една од компаниите што во моментот работат во ТИРЗ нема да биде засегната со овие измени. Од оние повеќе од 20 нови инвестициски проекти, за кои преговараме, се од фармацијата, градежните технологии, електрониката и други дејности, кои воопшто предмет на разговор за измени во овој период.

На долг рок, нашата цел е да се приспособиме и да прифатиме дел од современите модели на поттикнување инвестиции, што веќе ги развиваат напредните економии. Индустриските паркови се дел од тој процес и веќе размислуваме како успешно да го примениме во Северна Македонија. Дали и кога тоа ќе подразбере измена на режимот на работа на ТИРЗ, ќе видиме. Тоа нема да се случи прекуноќ, а наша обврска е тој процес да биде организиран, отворен и да ги вклучи сите засегнати страни. Притоа, како сериозна држава, докрај ќе ги испочитуваме сите обврски преземени со договорите со странските инвеститори, без исклучок.

Секоја земја води своја битка за привлекување странски инвеститори, а така се однесуваме и ние. Бенефициите што се нудат се модифицирани во зависност од државите, но што, според Вас, е џокерот за некој да ѝ даде предност на нашата земја?

– Многу е важно да играте фер и со отворени карти кога преговарате со инвеститорите. Сите страни да знаат кои се правилата на игра, што вложуваат и што добиваат за возврат. Просторот за игра е ист за сите – според правилата на ЕУ, државната помош не може да надмине 50 отсто од инвестицијата. Но, она што нè прави нас различни е новиот концепт на привлекување инвестиции. Вратите за сите инвеститори се отворени, но дали и каква државна помош ќе добијат, сега зависи од анализата на нивните десетгодишни инвестициски планови и профилот на компанијата. Тоа значи процена на тоа колку се сериозни, колку „тежи“ постојниот и новиот предложен бизнис, каков тек на приходи планираат, ниво на плати и работни места. Од ова профилирање, однапред ќе знаеме колку и кога државата и граѓаните ќе добијат назад за секое евро што би се дало како поттик за инвестирање, за секој метар квадратен државно земјиште. Според овие бројки, потоа креираме индивидуализиран пакет за поттикнување на секоја инвестиција за која сметаме дека е од интерес за државата, но и за инвеститорот.

Престанавме да бидеме предвидливи. Воведовме динамичен модел на работа, а ваквиот нов концепт веќе дава и конкретни резултати. Само од почетокот на 2021 година досега се отпочнати или се пред отпочнување над 120 милиони евра нови странски инвестиции во Северна Македонија. Огромен чекор напред е и членството во НАТО, бидејќи инвеститорите бараат и стабилност и предвидлива околина.

Останувате на проекциите за 1 милијарда нови странски инвестиции до крајот на мандатот. На што се темели ова и колку пандемијата ги отежнува одлуките за некој инвеститор да се реши и да почне инвестиција надвор од матичната земја?

– Јас сум човек што не сака да зборува во идно време и со „ќе“, туку секогаш зборувам врз база на анализи и реални бројки. Со новиот паметен пристап, успеавме да поттикнеме интерес и кај над 30 компании, актуелни и потенцијални инвеститори за обем на инвестиции од повеќе од 425 милиони евра, кои треба да донесат нови 8.500 работни места. Дека пандемијата не е пречка за нови инвестиции, доказ е и првата јужнокорејска инвестиција во земјава. На шега реков дека ова е инвестиција што најдолго патувала до Северна Македонија. Дури 8.400 километри. Успеавме со 0 денари за скапи хотели, патувања и промоции да постигнеме договор што тежи 30 милиони евра.

Практично покажавме дека сме способни да го искористиме инвестицискиот потенцијал на актуелните инвеститори во земјата. Многу брзо, во следните недели, очекуваме објавување и на најголемиот договор за странска инвестиција досега во земјата. Сето ова, како и новините што допрва ќе ги воведеме, а кои се дел од новиот, амбициозен план на Министерството за финансии за поттикнување забрзан раст, нудат сериозна основа за таргетирање 1 милијарда евра инвестиции до 2024 година, како и нови 15.000 работни места. Со тоа, во 4 години ќе постигнеме исто онолку колку што е постигнато во претходните 20.

Не робуваме на панделки и камери

Периодов се крена голема прашина околу заминувањето на италијански ГЕОКС од Србија. Во контекст на ова, би било важно да се објасни дали Македонија има заштитен механизам доколку некој странски инвеститор донесе одлука да го затвори бизнисот практично прекуноќ? 

– Не сме имале случај на затворање на капацитет и отпуштање луѓе, но во реалната економија ризикот секогаш постои. Никогаш не сум ѕиркал „преку ограда“, кај соседите. Ниту кога ќе се пофалат дека се успешни во носење странски инвестиции, ниту кога им се случува затворање компании и отпуштања. Едноставно, и ние, и тие, и сите во овој регион треба да учиме едни од други, да не ги повторуваме грешките. Минатата година, но и оваа внимателно ги следиме податоците за работење на компаниите. Отворивме дијалог со сите и, во неколку наврати, со таргетирани одлуки на Владата, успеавме да заштитиме работни места. Новиот пристап подразбира целосен фокус на квалитетни инвестиции и дефинитивно напуштање на концептот на „евтина работна сила“. Придобивка од инвестициите треба да имаат сите граѓани, општеството, а не само оние што инвестираат и, евентуално политичарите, што се сликаат со нив. Можеби пред 10-12 години, пораката за „Македонија земја на евтина работна сила“ и имала некаква економска оправданост, иако и тоа е за дискусија. Но денес, во 2021 година, инвеститорите треба да знаат дека очекуваме и високи плати и значајни уплати во Буџетот, а за тоа сме подготвени да дадеме квалитетна услуга и поддршка, како држава.

Оваа Влада, јас како носител на јавна функција, покажавме дека не робуваме на лопати, панделки и камери, притоа заборавајќи ги луѓето и нивните реални потреби. Затоа впрочем и платите денес се двојно, па некаде и повеќе над она што го имавме пред неколку години.

Видео на денот