ИНТЕРВЈУ Илина Арсова: Човекот не може да освои планина туку дозволува таа да го освои него

„Прес конферниција“ е насловот на неделното мега интервју со познати личности од сите области на јавниот живот. Од политиката, науката, културата, спортот, естрадата. Авторот на интервјуата Зоран Иванов, секоја среда на страници на весникот, за своите соговорници ќе дефинира лепеза прашања од интерес за најшироката читателска публика на Слободен печат.

Илина Арсова е позната македонска алпинистка, која со успех го заврши исклучителниот алпинистички подвиг „Седум врвови“, искачувајќи се на сите седум највисоки врвови на седумте континенти, и стана првата Македонка која успеа да ја комплетира оваа листа. Но, тоа не е нејзиниот единствен успех – таа листа е многу подолга и се протега во разни сфери од животот – таа е дипломиран ликовен уметник (во класата на Рубенс Корубин и Јован Шумковски), магистер по јазици (Филолошки факултет „Блаже Конески“), магистер по бизнис и меѓународна трговија (Универзитет Орлеан, Франција), дипломиран туристички работник (Факултет за туризам Охрид), туристички водич, ски-инструктор, планинарски спасител…

Со неа разговараме на разни теми, за предизвиците на алпинизмот, за неговата смисла и длабочина, за откритијата и за соочувањето со себеси, за односот на државата кон тие што ја промовираат во светот, за политиката и за активизмот, за идните планови…

Алпинизмот е спорт или вештина?

Би рекла тоа е комбинација од повеќе спортови, вештини и практични искуства. На пример во совладување на стрмен терен на голема височина, планинарот, алпинистот, се организира во експедициска група каде задачите се делат во тимот. Секој член треба да биде психофизички подготвен за поминување на таков терен и да биде изложен на екстремни температури и ризик. Треба да владее техники за качување карпа и мраз,  работа со јажиња и извлекување од глечер, укажување на прва помош за себеси, партнерот или опремата, но да има познаваања и од метерологија, геоморфологија, топографија и ориентација.

Не`погледнавте дури и од Монт Еверест, какви сме оттаму, ние луѓето воопшто?

Со секој искачен врв се повеќе се згрозувам од насоката во која се движи човештвото особено во урбаните средини со наметнат прекумерен конзумеризам. Се воодушевувам на едноставноста на животот на локалното население кое живее во пазувите на планините како и оние рурални средини кај нас, каде вистинските вредности сеуште се донекаде зачувани.

А Македонија, го оставивте знамето на врвот на светот, каква, како чувство, е Македонија од толку високо и од толку студено?

Тоа чувство ме одржуваше силна до врвот. Да ја направам горда нашата земја и да ги израдувам сите тие луѓе кои виртуелно ме следеа до врвот.

Седмиот континент, седмиот врв на Антартикот, тоа безгранично бело синило, во неколку зборови како ќе ни го преставите?

Навистина прекрасно искуство. Најсуровиот, најдалечниот, најстудениот, но и најчистиот континент. Мислам дека толку моќно ја дожиевеав таа енергија што заборавив на сите предизвици од студ и неуспех, кои пред да тргнам ја мачеа мојата потсвест.

Каде, на која од тие седум континентални највисоки висини, од тие најголеми предизвици на кои стапнавте, ви беше најмачно, најстудено, најсурово?

Тоа верувам беше неповторливо суровата Аласка, со врвот Денали, кој е и единствен каде се искачив од втор пат (2016), четири година подоцна од првиот обид во 2012.

 А каде, ако тоа може така да се каже, ви беше најпријатно?

Тоа е навистина тешко да се одреди. Секојпат сум среќна кога сум на планина, иако тоа не е синоним на „пријатно“. Секојпат е студено и напорно, но токму тоа ме потхранува во мисијата за поместување на сопствените граници. Сепак ако треба да издвојам чувството беше незаборавно на Еверест, Денали и на Антарктикот, а и планината Ама Даблам, која ми е една од омилените, но и вулканите во јужна Америка, …, всушност ги има многу …

Во алпинизмот веќе освоивте се`, се што е највисоко и најдалеку, што сега, каде натаму ќе ита Илина Арсова?

Апсолутно дека не е се’ освоено и не може да се освои. Мојата филозофија е дека човек не може да освои планина туку планината да му дозволи да стапне, или не на нејзиниот врв. Исто така станува збор за различни спортови и различнни предизвици кои јас ги практикувам како планинарење на големи височини, искачување карпи, алпинизам, ски алпинизам и слично. Секоја дисциплина си има свој предизвик.

Некој некогаш ве видел ли на штикли?

Секако. Кога имам време за тоа и јас знам да се дотерувам и да изгледам елегантно.

Готвите, нешто за кулинарството по дома или се`е подредено на некаква мистична молекуларна, на некаква космонаутско алпинистичка исхрана?

Да, многу сакам да готвам особено ако поканам пријатели. Сакам да приготвувам наши традиционални јадења но комбинирам и со поегзотични состојки. Кога готвам за да се прехранам себеси често сакам едноставна храна, но богата со она што ми треба. Мислам дека имам добра комуникација со телото и точно знам што тоа сака. Јадам доста семиња, леќа, јајца, нешто тестенини, неизбежното благо особено на почеток на месецот или во деновите кога жените се полудени 🙂 Јадам и месо, но не премногу и тоа ако некој го понуди на маса или ако со пријатели јадеме надвор.

Што ве турка во опасности, од каде поривите, генетски се или уникатно ваши?

Мајка ми е во душата голем авантурист, слично и татко ми. Тие не одгледале во духот на природата и авантурите. Јас уште како многу мала сум пројавувала желба да патувам низ светот  и колку што се сеќавам, тоа го искажував во сите есеи на слободна тема по македонски и англиски јазик. Ме воодушевуваше волонтерската работа во подрачја зафатени од природни катастрофи. Адреналинот би рекла од секогаш бил мој сопатник, а спортовите беа најздравиот начин за да го насочам и канализирам.

Алпинистка и уметнчка, каде ви е вгнездена примарната инспирација, во алпинизмот за уметноста или во уметноста за алпинизмот?

Започнувам како студент на ликовна академија во 2001 година, со потајни сништа за искачување на големите планини. Од 2002-ра година почнувам да качувам карпи и посериозно да се бавам со високогорско планинарење и алпинизам, истовремено се бавев со параглајдерство а ги зајакнував и вештините за скијање по длабок снег. Низ годините овие две насоки многупати се преплетуваа и надополнуваа за да дојдат до една неразделна врска и меѓусебна инспирација.

При секоја нова експедиција, со секој чекор кон врвот, си го ставате животот на коцка, го знаете ли тоа?

Доколку се почитуваат правилата на игра, ризикот го сведуваме на минимум. Животот ни е на коцка секојпат кога ќе излеземе на улица. Свесна сум дека во моите експедиции сме изложени и на опасности кои не зависат од нас. Многупати смртно сум се уплашила и сум си рекла дека нема повеќе да го правам тоа, но поривот кон нови авантури бил секојпат појак.

Малку географија, по континетти кои се и на која надморска се седумте светски алпинистички чуда чии врвови ги допревте со вашата дланка?

Хронолошки по мојот пат:

Аконгагва, највисок врв на Ј.Америка 6962м (2011)

Килиманџаро, Африка 5895м (2012)

Еверест, Азија 8848м (2013)

Елбрус, Европа 5642м (2014)

Денали, Аласка 6195мм (2016)

Пунџак Џаја, Австралија и Океанија 4884m (2019)

Винсон, Антарктик 4892м (2019)

По се`досега, како ви изгледа патуљастото Водно, вашата прва детска планинарска љубов?

Не пропуштам да се искачам на Водно секогаш кога сум во Скопје. Одлично е за тренинг и рекреација. Затоа треба да го чуваме, наместо да градиме и да го девастираме!

Бевте многу разочарана што по Монт Еверест државната агенција за спорт го игнорираше вашиот вонреден успех, првата Македонка на кровот на светот, ве држи уште таа резигнираност?

Битно е дека заедно ја завршивме мисијата 7 врвови како прва Македонка, втора жена од Балканот и една од 60-те жени на светот.

Јавноста беше на ваша страна за спортскиот оскар, е ли тоа барем мала сатисфакција за вас?

Секако. Многу ми значи поддршката на јавноста и уште повеќе кога знам дека ова што го правам е поттик и инспирација за многумина.

Експедициите по сите континенти чинат многу пари, од државата имате ли било каква помош, било каков поттик, опрема, пари, било што?

Државата целосно ги поддржа последните две експедиции од проектот 7 врвиви. Тоа се случи во 2018-та / 19-та а до тогаш немав добиено значителна поддршка, со исклучок на експедицијата Монт Еверест во 2013 каде како главен поддржател беше ЕЛЕМ а потоа и АМС како и други помали спонзорства. Опрема набавував преку спонзори а четсопати истата ја позајмував кога немав буџет за да ја набавам. На пример на Монт Еверест се искачував со вреќа за спиење од 1989-та година, од алпинистот Јован Поповски  кој истата ја користел за време на првата македонска хималајска експедиција кога нашиот Диме Илиевски Мурато станува прв македонец на врвот на светот.

Ги масакриравме македонските планини, им ги испосековме шумите, ги оголивме, што всушност ние правиме со природата и со татковината?

Тоа се случува секаде низ светот, ние само ги повторуваме туѓите грешки, сеуште не свесни дека истите многу скапо ќе не чинат. Сепак природата е појака од нас, таа ќе се обнови и ќе живее и после човечкиот вид.

Политиката, партиите, не ве интересираат?

Во денешната состојба во која ни се наоѓа општеството, да каже некој дека „не го интересира политика“ значи дека нема основна свест за граѓанска одговорност и дека нема поим која е причинско-последичната врска меѓу неговиот живот за кој постојано се жали (ниска плата, високи сметки, загадена животна средина, лоши закони, селективно (не)применување на законите, корупција итн.) и политичарите кои платени со наши пари носат одлуки во своја, не во наша корист. Сѐ е политика, човекот по природа е политичко суштество. Основниот колективен договор за функционирање на нашето општество се заснова на политики/политика. Ако „обичниот“ човек бега од процесите на носење одлуки, не е активно вклучен и/или не ја контролира работата на политичарите, тој придонесува за сопствената пропаст.

Се изморивте од борбата за Охрид и воопшто за еколошка Македонија, спласна ли вашиот граѓански активизам, исчезнува ли ентузијазмот?

Тоа што можеби не постирам на таа тема на социјалните медиуми не значи дека е намален ентузијазмот, само дека се делува преку други форми на активизам.

Градот на УНЕСКО е во фокусот, неодамна пак упативте апел да запре урбаното дивеење, но властите како уво да не ги боли, па има ли смисла борбата за градот?

Јас се борам за езерото, националниот парк и природните богатства. Според мене тоа сегогаш има смисла.

Несомнено, алчноста и примитивизмот го уништуваат Охрид, сега живеете и работите таму, ќе останете ли или ќе фаќате дим и оттаму?

Има многу места низ светот кои ги чувствувам како свој дом, Охрид е сеуште едно од нив.

Кој е ваш овдешен политички фаворит?

Драгана Велковска, активистка за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје. На нашето општество му се очајно потребни такви политичари кои се пред се’ активисти, волонтери. Ги повикувам долгогодишните посветени активисти, волонтери да се организираат и да се кандидираат на локални избори, бидејќи нема друг начин да излеземе од оваа постојсно неизвесна ситуација.

А светски политички лидер?

Хејзел МекКалион, поранешна градоначалничка на Мисисага, КА. Мајка, спортист, политичар и бизнис жена, со мандат од преку 40 години кога Мисисага прекрасно се развива, а нема ниту еден долг према никого.

Спортски?

Нада Ицева, Оливера Бикова, Атина Бојаџи, Елица Змејкова … и сите жени кои испишувале спортска историја кршејќи ги стереотипите и очекувањата на опшеството.

Имате ли некаква порака за материјалистите?

Среќата со пари не се купува и најубавите работи во светот се бесплатни.

Оваа прес конференција со вас ве прашува и за тоа каде Илина е родена, каде растела и учела и што се`од школите испозавршила?

Родена сум во Скопје. Учев во О.У. Кочо Рацин, потоа гимназија Јосип Броз Тито. Во 2005 та година завршив ликовна академија, педагошки оддел со сликарство, во класата на Рубенс Корубин и Јован Шумковски. М-р сум по јазици бизнис и меѓународна трговија, филолошки факултет Блаже Конески и универзитетот од Орлеан, Франција. Во Охрид се запишав на факултетот по туризам каде ги завршив испитите и се стекнав со звање туристички водич. Имам поминато и доста обуки од областа на спортот: Ски инструктор, ИРАТА техничар за работа на висина, судија по спортко качување и спасител при единицата за итни интервенции на Црвениот Крст на град Скопје, планинско спасителна служба каде што волонтирав на терен од 2006-та до 2008-ма година.

И што натаму, каде Арсова ја гледа својата перспектива?

Сега за сега перспективата ја гледам во мирен, едноставен живот исполнет со многу креативност и спорт. Еве карантинов е добра подготовка за тоа. Секако не би ми дошло лошо да искачам уште некоја поголема планина, а ги има уште многу, со надеж некои подобри времиња во пост вирусната ера. А дотогаш за општо добро, сите седиме дома нели?!

Практично освоивте се`, остана ли уште нешто за освојување, нечие срце можеби?

До скоро освојував туѓи, сега го освојувам своето срце!!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот