Интервју | Фра Жељко Николиќ: Божиќ е близината што ги помирува раздвоените

Не сакам да коментирам за дневно-политичката состојба, но политичарите ја искористуваа можноста да приграбат за себе и особено е загрижувачки што не чувствуваат никаков срам или вина заради тоа, вели фра Жељко Николиќ, чуварот на францисканскиот манастир „Свети Петар и Павле“ во Тузла. Во интервјуто за „Ослобоѓење“, тој зборува и за предизвиците на годината зад нас, но и за оние што допрва доаѓаат, за Божиќ и за делувањето на Црквата во време на пандемија

„Ослобоѓење“: Тешка година е зад нас. Дали луѓето, но и политичарите, се спротивставија на огромните предизвици во кои се најдовме, од мигрантската криза до пандемијата?

Фра Николиќ: Ми се чини дека релативно брзо го заборавивме времето во кое се најдовме пред дваесет години. Ние како заедница, како општество воопшто, не одговоривме на сите предизвици што претстојат. Ниту кон мигрантската криза, со која сè уште имаме големи проблеми, ниту кон коронавирусот, кој нè затекна апсолутно неподготвени. Дури и денес, не верувам дека даваме добар одговор на оваа ситуација.

Не само што не успеаја политичарите, туку и сите ние како општество. Освен што короната нè оддалечи едни од други, ми се чини дека – мислам на поединци, како и на системот – покажавме неподготвеност како поширока заедница да им помогнеме на луѓето што дојдоа тука од далечни делови на светот, но и да се грижиме за нашите луѓе погодени од болеста. Свесен сум дека голем товар падна на здравствениот систем, но човекот се чувствува грдо кога ќе се јави и ќе каже дека има симптоми, а тие одговараат: „Пијте парацетамол“. Дали можевме да сториме повеќе, веројатно можевме; дали требаше да сториме повеќе – дефинитивно требаше. Се изгубивме во целата оваа ситуација.

„Ослобоѓење“: Како луѓето повторно да ги зближиме и што може да се стори за работите да профункционираат?

Фра Николиќ: Се надевам дека ова новото нормално ќе се промени и ќе се врати на она што беше, никој не може да гарантира дека така ќе се случи, но искрено се надевам дека ќе најдеме дел од таа вистинска добрина што ја имаме во нас самите, но која малку ја заборавивме. Ние ја свртуваме главата едни од други, што е грдо за нас како заедница што споделува и добро и зло, не гледајќи ниту на религија, ниту на боја на кожа или на која било друга ориентација. Треба да покажеме уште малку дека сме тука едни за други, човек за човек, а останатото ќе се изнедри од тоа.

„Ослобоѓење“: Ова беше можност и за зближување во семејството. Ја испуштивме таквата можност?

Фра Николиќ: Мислам дека и во тоа потфрливме. Ако малку се поразговара со луѓето, можете да видите дека оваа пандемија, покрај тоа што ги принудува луѓето да бидат повеќе едни со други во домовите, покажа дека основната човечка единица на семејството носи и многу проблеми. Малку е грдо и тажно да се види кога некој ќе му даде на детето мобилен телефон само за да го „симне“ од дневниот ред. Пандемијата покажа големи проблеми во самите семејства, во еден вид домашна атмосфера како да се појавија многу грди работи и може да се види дека луѓето тешко ја поднесуваат блискоста едни со други, со своите најблиски. Ми се чини дека присуството, таа затвореност и неможноста на човекот да оди некаде и да биде со пријатели, покажаа дека и тука има проблеми.

„Ослобоѓење“: Дали и како Црквата, но и другите верски заедници ја почувствуваа оваа криза?

Фра Николиќ: Црквата дефинитивно ја почувствува пандемијата во смисла дека верските собири беа ограничени, па дури и забранети. Тоа произведе неубаво чувство дека црквата е празна, и вие сте испратени за луѓето, не ве праќаат во празна црква, бидејќи црквата е народ, градбата може да биде ваква или онакв, но луѓето се суштината на црквата. Од тој аспект, беше тешко да се држиме настрана од верниците, особено затоа што сметавме дека можеби им требаме повеќе од кога било, во смисла на зборување и обезбедување духовна поддршка, за да им помогнеме на луѓето да најдат излез од целата оваа ситуација. Воопшто не беше лесно, особено во првата половина на годината.

Ми беше многу тешко да им кажам на луѓето да не доаѓаат в црква, но јас сум свесен дека го правам тоа за нивно добро, иако верувам дека не им беше лесно да го прифатат тоа.

„Ослобоѓење“: На политичарите им беше многу полесно, ја искористија можноста да приграбат за себе…

Фра Николиќ: Не сакам да коментирам за дневно-политичката состојба, но политичарите ја искористуваа можноста да приграбат за себе и особено е загрижувачки што не чувствуваат никаков срам или вина заради тоа. Занимавањето со политика не треба да биде за стекнување на материјална добробит, туку за општата заедница. Дури и оние разлики што ги имаме во политичка смисла не треба да бидат пречка за работа за општо добро. Потфрлија и политичарите, но потфрливме и ние, кои повторно избраа луѓе што не се таму за да работат за општо добро.

„Ослобоѓење“: Што очекувате во следната година?

Фра Николиќ: Се надевам дека ќе научиме нешто од оваа година за следната. Таа ќе ни го донесе предизвикот за вакцинација и веќе е сигурно дека некои се спротивставуваат на тоа, некои не сакаат да се вакцинираат. На тоа не треба да се гледа како на теорија на заговор, туку едноставно треба да се гледа така што вакцината е одговор на човештвото на ситуацијата во која се наоѓаме и треба да биде прифатена како нешто позитивно. Не треба да се оддалечуваме, туку да го извлечеме најдоброто од ситуацијата која е многу тешка. Искрено се надевам дека ситуацијата ќе се подобри во нашето општество и ако не можеме да очекуваме помош од луѓето од врвот, тогаш ние, обичните луѓе, граѓаните, треба да покажеме поголема солидарност едни кон други.

„Ослобоѓење“: Која е вашата Божиќна порака оваа година?

Фра Николиќ: Можеби никогаш порано на христијаните низ целиот свет, но и на сите нас во оваа ранета земја Босна и Херцеговина и во нашата Тузла, ни требаше божествената близина, како смисла и одговори за овој Божиќ. Во „болниот свет“, да го цитирам Томас Халик, и во оваа земја и град, оптоварен со стари проблеми од сите наши неразбирања и недоразбирања, ни треба нов, појасен и поинаков говор за Божиќ. Нема да го најдеме ниту во потрошувачката треска на супермаркетот или во раскошните и светкави украси во нашите домови, цркви и плоштади, а можеби нема да го најдеме ниту во патетичните проповеди и пораки на религиозните професионалци.

Можеби ќе го најдеме во неискажаниот и замолчен чин на елементарната солидарност со сиромашните на овој свет, во подадената рака на утеха за болните, во грчовитата борба во недостаток од близина со друг човек, брат, како што го именува Фрањо од Азис, да станеме пријатели, придружници и доносители на надеж којшто „болниот свет“, нашата земја и нашиот град може да ги претвори во места за внимателно заедничко живеење.

Божиќ е одговор не само на важни прашања во доменот на верувањата, туку и на оние што се однесуваат на обичниот човек: прашања за политичката одговорност, за социјална правда, за солидарноста и за посветеноста на соживот, дијалог и елементарна блискост со другите.

Преземено од „Ослобоѓење“ од Сараево

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот