ИНТЕРВЈУ Филип Савовски: ЕП е големо искуство и мотив да работам на остварување на целите

Најдобрите македонски одбојкари по вторпат настапија на континенталните собири/Фото: Македонска одбојкарска федерација

Коорганизатори сме на следното Европско првенство во 2023 година, тоа е шанса за Македонија да покаже со какви играчи и со каква репрезентација располага – вели нашиот репрезентативен среден блокер.

Македонската машка одбојкарска сениорска репрезентација предводена од селекторот Душко Николиќ настапи по вторпат на Европските првенства, годинава за разлика од пред две години кога дебитиравме, остваривме послаб пласман и претрпевме пет порази во групата „Ц“ во финскиот Тампере.

Нема сомнение дека желбата и натаму постои за надигрување со најсилните во Европа, во 2019 имавме две победи, го урнавме европскиот вицешампион среде Љубљана. Неуспехот во Тампере треба само уште повеќе да ги мотивира одбојкарите да работат, со потребните анализи, со вложувања, стратегија и срце на теренот, да се круниса на најдобар можен начин на следните предизвици, а особено на Европското првенство 2023 кога Македонија ќе биде еден од коорганизаторите.

Филип Савовски дебитираше на ЕП 2021 на натпреварот против Холандија/Тампере, Финска/6 септември 2021/Фото: EFE/MAURI RATILAINEN

Дека нема предавање, не треба да се гледа назад, туку само напред кон потребните резултати со труд и волја, а на тоа се надева и верува еден од помладите и перспективни играчи, Филип Савовски (роден 04.08.2002 год., Пробиштип), средниот блокер кој дебитираше на ЕП овој месец против Холанѓаните и веднаш ги импресионираше љубителите на одбојката, прогласен за најдобар сервер на натпреварот.

Како започна љубовта кон одбојката?

– Љубовта спрема одбојката започна сосема неочекувано и сè се случи многу спонтано. Јас од својата најрана возраст тренирав и се занимавав со фудбал, одбојката ми беше сосема секундарен спорт, но еден ден додека играв со пријателите фудбал на еден терен во близина на мојот дом се запознав со мојот прв тренер, Љупчо Русевски. Тој е моментално тренер на одбојкарскиот клуб „Весна Пробиштип“ поради мојата висина и моите предиспозиции тој ми предложи да започнам со тренирање одбојка. На почеток како и секое нормално дете не сакав и ниту помислував така, по една недела на негово настојување се одлучив да пробам и од тогаш сè започна и еве сега одбојката е дел од мојот живот.

Филип Савовски во дресот на македонската репрезентација на ЕП, нашата голема одбојкарска надеж/Тампере, Финска/8 септември 2021/Фото: EPA-EFE/MAURI RATILAINEN

Верувате ли дека има интерес за одбојката во Македонија и за истата да се промовира?

– Интерес за одбојката во Македонија се разбира дека има, но за жал во Македонија нема доволно стручен кадар кој би можел да ги задржи децата кои ја сакаат одбојката и кои сакат да се занимаваат со нејзе. Затоа сме сведоци на многу згаснати одбојкарски таленти во Македонија, и повеќето спортисти ја бараат својата шанса во соседните земји.

Ваш досегашен клуб беше Џио Струмица, а во претстојната сезона ќе го имате и првиот интернационален ангажман во редовите на српскиот клуб Војводина.

– Да, оваа година го потпишав мојот прв интернационален ангажман. Клубот во кој потпишав е средина која е најдобра за мене. Во моментот се работи многу квалитетно на врвно професионален начин и мислам дека ова е најдобриот клуб за мојот понатамошен развој и кариера.

Момент од натпреварот на Македонија против селекцијата на Русија/Тампере, Финска/8 септември 2021/Фото: EPA-EFE/MAURI RATILAINEN

Неодамна со најдобрата македонска репрезентација настапивте, т.е дебитиравте на Европското првенство, пет натпревари во Тампере, резултатски не поминавме најдобро. Колку за вас овој настан значеше многу, искуство кое може да помогне уште повеќе во развојот како професионален одбојкар?

– Да, имавме пет натпревари на Европското првенство во Тампере, не успеавме да се избориме за осминафинале. Јас го имав и својот дебитански настап на Европските натпреварувања. Играв три од пет натпревари на шампионатот, тоа е за мене едно големо искуство и мотив да работам на остварување на своите цели и градење како играч. Можам да кажам дека тоа ми е мотив за следното Европско на кое сме едни од коорганизаторите да изборам место во најдобрите 7.

Од Одбојкарската федерација на Македонија е најавено дека нашата земја ќе биде еден од коорганизаторите на ЕП 2023, дали тоа е шанса да се покаже сиот квалитет и потенцијал на репрезентацијата пред навивачите?

Тампере е во минатото, ЕП 2023 треба да биде „круна“ на оваа одлична генерација/Фото: Македонска одбојкарска федерација

– Тоа е голема шанса да се покаже со какви играчи и со каква репрезентација Македонија располага. Веќе имаме искуство, две европски првенства (2019 и 2021 година), веќе не ни е непознато и мислам дека Европското првенство е моментот кога македонската одбојкарска репрезентација ќе блесне и ќе се покаже во најдобро светло пред нашите верни навивачи.

Играте на позицијата среден блокер, забележливо беше на Европското дека вашиот сервис им правеше проблеми на противниците, со ас го имавте и првиот поен на дуелот со Холандија, после кој и бевте прогласени за најдобар сервер на мечот, со вкупно три аса. Која е вашата моментална висина и дали истата помага во текот на играта или се важни и други сегменти на теренот, во намерата да се реализираат поените?

– Јас играм на позицијата среден блокер, мојата моментална висина е 209 см. Висината во нашиот спорт е неизбежен елемент секако како и во сè друго има исклучоци, но висината е еден од главните сегменти во одбојката.

Која е вашата најголема подршка кон патот на успесите?

– Се разбира мојата најголема поддршка се моите најблиски, моето семејство, мајка ми, татко ми и мојата сестра.

Порака за младите кои сакаат да се занимаваат со одбојка, воопшто спорт?

– Секој кој се занимава со спорт всушност со било што знае дека има моменти кога ни е премногу тешко до степен што сакаме да се откажеме и има моменти кога ние толку добро што мислиме дека подобро не може во сето тоа треба да знаеме дека кога ни е тешко ќе помине и ќе дојдат добрите моменти, но и кога ни е добро, да не заборавиме како ни било кога ни било тешко..

Спектакуларно финале, Италија со пресврт до седмо европско одбојкарско злато

Видео на денот