ИНТЕРВЈУ, Емил Рајковиќ: Јас ја живеам кошарката, тоа ме направи тренер на ЦСКА Москва

Рајковиќ (средина) на семинарот на тренери на КФСМ

Како еден македонски стручњак може да стане тренер на еден од најтрофејните европски клубови, тоа го објаснува Рајковиќ. Нашиот тренер вели дека товарот на одговорноста е огромен, но тој верува во себе и дека ќе испише успешна приказна

Македонскиот кошаркарски стручњак Емил Рајковиќ (43) неодамна стана тренер на европскиот гигант ЦСКА Москва. Ниеден друг македонски тренер досега ни одблизу не се вивнал толку високо. Рајковиќ, некогашен кошаркар, тренерскиот занает почна да го работи во домашната средина. Од Тоа сум јас, преку Работнички, МЗТ Скопје, Фени индустри преку полските Стал и Сласк Вроцлав, казахстанска Астана и руски Автодор, патем постигнувајќи многу успеси, стигна до осумкратниот европски првак ЦСКА Москва.

Рајковиќ ќе го води клубот следните две сезони, а претстојната сезона тој нема да се натпреварува во Евролигата, туку само во регионалната ВТБ лига. Емил деновиве во Скопје беше предавач на тренерскиот семинар на КФСМ, каде поразговаравме.

* Какви ви се првите впечатоци од ЦСКА Москва?

– Бев таму неколку дена, ме претставија. Се запознав со раководните луѓе и со некои од играчите. Првите впечатоци се одлични. Тоа е сериозно организран клуб на највисоко ниво и мислам дека ќе имаме одлична соработка со сите таму.

* Што беше клучно ЦСКА да ве ангажира?

– Како што од клубот објаснија на претставувањето, тоа е искуството од ВТБ лигата, компетентноста, комуникативноста, познавањето на рускиот јазик… Тоа се дел од причините поради коишто се решиле за мене. Тоа е нивна одлука.

* Кое беше првото чувство кога станавте тренер на ЦСКА?

– Кога се решија за мене, имаше кратки преговори и следуваше потпишување на договорот. Кога се потпиша договорот, да бидам искрен, почувстував одговорност. Не среќа, не радост, туку одговорност. Сега работата треба да се изработи.

* Колку „тежи“ името ЦСКА Москва на грбот на еден тренер, колкаво е чувството на одговорност?

– Да се биде тренер на ЦСКА Москва, тоа најверојатно ќе го почувствувам во полна мерка со текот на работата и со почнувањето на натпреварите ќе станам свесен за „тежината“ на клубот. Но и сега работејќи на формирање на стручниот штаб, на „ростерот“, во еден клуб каде што работеле легенди на светската кошарка и биле главни тренери имиња како Александар Гомељски, Сергеј Белов, Дуда Ивковиќ, Еторе Месина, чувството на одговорност е огромно. Но, не би бил таму ако не верувам дека можам да го „изнесам“ тоа и да ја направам таа приказна успешна.

* Доаѓате од мала кошаркарска средина, а сепак станавте тренер на ЦСКА. Кој е рецептот за успех?

– Рецепт нема. Клучите елементи на развојот на еден тренер, посебно од средина како Македонија, е големата упорност, опседнатост со кошарката. Јас кошарката не ја чувствувам како работа, туку како живот и затоа навлегувам длабоко во нејзините специфичности. Затоа доаѓам до тие шанси што се укажуваат во текот на работата, во тие 16 сезони во повеќе држави каде сум остварувал одлични резултати. Мислам дека клучниот елемент е тоа што јас практични ја живеам кошарката и ги следам сите светски случувања.Тоа е главното, покрај тие човечки особини што треба да се имаат за да биде некој успешен во било која област.

* Колку вашиот нов ангажман може да придонесе за афирмација и на други македонски стручњаци?

– Цел и пракса ми е со мене во стричниот штаб задолжително да има македонски тренери. Сашо Тодоровски, мојот долгогодишен асистент, ќе биде со мене а и Марко Величковиќ, кој е српски државјанин, но работи со мене уште од времето на Работничи, од пред многу години. Беше со мене и Борче Даскаловски. Гледам со мене да има македонски стручњаци кои подоцна можат да влијаат, да напредуваат. На секој начин сакам да им помогнам со моите конекции на поширок круг наши млади тренери, да дојдат до ангажман во странски клубови, да се развиваат и на тој начин да имаме покомпетентни луѓе во кошарката, кои се двигатели на развојот.

 

* Има ли и други наши тренери кои можат да одат повисоко во Европа?

– Мислам дека има. Не сум меродавен да ги категоризирам тренерите кој е добар или помалку добар. Но мислам дека генерално нашите тренери се талентирани. Само донекаде се согласувам дека Македонија е мала кошаркарска средина, како што велите. Таква мала кошаркарска средина во 2011 бевме четврти во Европа и направивме сензација. Но ние сме и наследници на таа југословенска кошарка која освојувала европски, светски, олимписки медали. Тоа знаење преточено од тие тренери, се пренесува и до мене и до помладите тренери. Не се гледам ни себеси, ни нашите тренери како од мала средина. Светот е отворено место, размената на информации е голема. Кој е подготвен да учи, мислам дека нема толку значење од каде е, од Македонија, Албанија, Србија, Америка…

* Колку ја следите македонската кошаркарска сцена?

– Ги следам сите мечеви на македонската репрезентација, а лигата немам време да ја следам. Квалитетот е паднат, а и јас сум надвор подолго време. Но сега со учеството на МЗТ Скопје во АБА лигата се надевам дека ќе дојде до некое ниво кое што може да се гледа и да биде поинтересно. Јас сум Македонец, моите корени се тука и јас сакам да ги следам и репрезентацијата и клубовите.

* Има ли некој македонски кошаркар кој би можел да настапува во ЦСКА?

– Тешко прашање. Се уште нема играчи кои се можеби на тоа ниво да играат во ЦСКА Москва. Но имаме неколку кои се близу. Го имаме Ненад Димитријевиќ, кој можеби би можел во иднина (да игра во ЦСКА н.з.). Тој е одичен играч, сигурно е квалитет за Евролига. Тој е нашата гордост и играч кој би требало да биде двигател на кошарката. Мора да има некој лидер. Има и млади кои се појавуваат и можат да израснат во нешто. Но ќе треба малку време.

* Дали идната сезона титулата во ВТБ лигата е императив за ЦСКА Москва?

– Приоритети за ЦСКА се секогаш да биде прва, каде и да настапува, и да ги развие своите играчи. Сезонава имаме малку поголема одговорност да развиеме одреден број руски играчи на повисоко ниво за да можат да играат во Евролигата кога клубот ќе се врати. За ЦСКА амбициите се највисоки и само титулата е успех.

* Дали некогаш ќе ве видиме како селектор на Македонија?

– Во минатото имаше многу ситуации и моменти кога јас посакував да бидам селектор на Македонија. Но, некако не доаѓаше до тоа. Во последниве неколку години федерацијата констатно ме повикува да бидам селектор, но ангажманите во клубовите не ми дозволуваат да го направам тоа. Во самите договори е така напишано. Мислам дека во идинина ќе има прилика. Би сакал.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот