ИНТЕРВЈУ Елена Велевска: Безобразно е да се фалам колку заработувам, кога живееме во земја каде плата е 200 евра!

Минатата и оваа година на фолк-пејачката Елена Велевска и поминаа работно со многу настапи, но и турбулентно, со многу пресвртници во нејзиниот приватен живот.

Како гром од ведро небо дојде информацијта од пред неколку месеци кога таа јавно прозбори дека била жртва на семејно насилство од сега веќе поранешниот сопруг Маријан, за по неколку недели истото да го демантира. Само што помисливме дека сепак Елена го спаси бракот, медиумите, како последна информација за нејзиниот приватен живот, напишаа дека сопругот на пејачката ја напуштил и си заминал за Австралија.

За кариерата, за колешките, за приватниот живот, Велевска во интервју за „Слободен печат“ искрено одговори на сите прашања.

Важиш за една од најбараните, но и најскапи фолк-пејачки на нашата естрада. Ако се вратиш петнаесетина или дваесет години назад, каков беше патот до она што си сега?

–  Ист како и денес. Многу е тешко да наметнеш нешто ново, поинакво. Јас пред 15 години направив работи кои дотогаш никој не ги направил. Понудив нешто поинакво, од музика до видеоспот, песните кои ги промовирав во тоа време се слушаат до ден денес. Сама си го наметнав тоа и така функционирам до ден денес, сакам да сум поинаква и јас сум сама на себеси конкуренција најголема, сакам од претходниот проект да сум подобра и ми успева, публиката го прифаќа тоа, а за мене тоа е најважно. Ако работите со љубов, посветени сте, вложувате труд, успехот е загарантиран. Јас исто функционирам кога е мојата кариера во прашање од некогаш до ден денес.

Елена Велевска

Велат дека славата, колку што е убава, толку може и да биде непријатна. Има ли моменти кога ти пречи што си популарна?

–  Сама сум ја одбрала оваа професија свесно и со самото тоа сум ги „прифатила“ сите ризици кои ги носи. Славата годи, секој кој вели дека не е така, не ја говори вистината. Јас не сум ништо поразлично од некоја госпоѓа која работи во некој локален маркет, ги имаме истите проблеми, работиме со луѓе. И мене ми се случува да сум ненаспана, нервозна, нерасположена, но никогаш не ми пречела популарноста. Ако имав каков било проблем со тоа ќе работев во некоја канцеларија од 9 до 16 часот, но јас не сум тоа.

Рековме дека си една од најплатените пејачки на нашата фолк-сцена. Возиш скап автомобил, живееш во голем стан, носиш брендирани парчиња облека, престојуваш во скапи хотели… Со други зборови, се исплати да си пејач и популарен во нашата земја?

– Никогаш не сакам јавно да зборувам за тоа колку имам, што имам, примитивно ми е. Живееме во земја во која просечна плата е 200 евра и повеќе од безобразно е јас или кој било да се расфрла со сума на пари и да биде трн во око. Јас сето ова што го имам, го имам заработено, мојата кариера трае повеќе од 20 години. Не сум опседната со тоа што го носам дека мора да е бренд. Носам парчиња гардероба од брендови кои се достапни за сите. Еден од најголемите животени успееси е од она кое што сакате да го работите да знаете пари да направите и да можете да живеете нормално, пристојно. Се исплати доколу вложуваш, јас во мојата кариера многу вложувам и тоа ми се враќа, мојата публика го препознава тоа.

Елена Велевска

Но, да бидеме искрени не е се така розово и во светот на музиката. Има местенки, озборувања, непристојни предлози и што ли уште не. Имало ли моменти кога си сакала да се откажеш и да се посветиш на нешто сосема друго?

– Апсолутно, како и во секоја професија така и во оваа има луѓе кои сакаат да ти наштетат, љубоморни се… Во оваа професија ако немаш расчистено со егото ќе си имаш проблем. Не можеш ти секогаш да си најдобар, не можеш секогаш ти да имаш полни концерти, кога и на „поголемите“ им се има случено да имаат промашено песна, турнеја и во тоа нема ништо страшно. Отсекогаш сум се трудела да бидам најдобра верзија од себе и единствен „натпревар“ што го водам е со самата себе. Кој што си прави, за себе си прави. Никогаш не сум сакала да престанам да се занимавам со оваа професија, себично би било од моја страна доколку помислам на такво нешто, а имам публика и кариера која трае повеќе од 20 години. Постојат моменти кога се заситувам и правам пауза и повторно нов почеток. Со секој нов проект, песна за мене е нов почеток.

Твојот приватен живот е постојано мета на медиумите. Се разведе, се смири, па потоа излезе информација дека сопругот Маријан се отселил во Австралија… Каков е сега твојот љубовен или брачен статус?

–  Сама на себе си станав досадна кога е таа тема во прашање и си ветив дека за прашањата поврзани со она кое што се случи изминатиот период, ќе молчам. Кажав сè што имав да кажам и повеќе од доволно е. Во мојот живот не се случува ништо поинакво од она на секој кој го чита ова.

Ти пречи ли кога пишуваат за твојот приватен живот?

– Досадно е веќе, изминатиов период имаше повеќе лаги поврзано за мене, отколку вистина, но и тоа е дел од професијата. А конкретниот одговор го имате во претходното прашање.

Елена Велевска

Мајка си на три деца, имаш кариера каква што секоја твоја колешка би посакала. Како успеваш да стигнеш да ги завршиш и домашните обврски и обврските околу твојата професија?

– Па не знам колку баш секоја моја колешка би посакала…(се смее). Шега на страна, мене не ми претставува ништо проблем, мојот најголем успех се децата, па кариерата, се справувам со сите предизвици да можам на нив да им пружам пристојно детство. Не се разгалени воопшто, не одат во приватни училишта и немаат ништо повеќе од тоа што има секој нивни врсник. Кога го работиш она кое те исполнува можеш сè.

Многумина се прашуваат како е можно Елена да изгледа така после родени три деца. Која е тајната за таквиот изглед?

–  Често ме прашуваат како успевам да изгледам како што изгледам и секогаш го одговарам истото. Работам на себе, вежбам и внимавам на исхрана. Нема ништо спектакуларно тука. Обврските околу децата придонесуваат плус да сум во кондиција…

Елена Велевска

Верувам дека летово имаше време да ги наполниш батериите. Каде одмораше?

– Летото е моето годишно време, сакам сонце, лежалка, коктел и исклучување од секојдневните обврски. Покрај професионалните ангажмани, неколку концерти низ земјава и надвор, најдов време и за одмор. Софија, Марко и Калија обожаваат вода, сакаат да пливаат и секој слободен момент заминувавме најчесто во соседството и уживавме. Секој слободен момент поминат со децата ми е еликсир, тие се мојата енергија и мотивација за да продолжам понатаму и знам дека сето она што го правам вреди кога ќе ги видам насмеани.

Што е следно ново на музички план?

– Направив мала пауза кога е музичката кариера во прашање. Последно авторско од мене беше песната „Добредојдовте во Македонија“. Паузата ја направив поради тоа што не можев да најдам песна која е добра, квалитетна, поинаква. Преслушував многу песни и најдов една која е различна од сè она што досега мојата публика го има слушнато од мене. Јас мојот дел го завршив во студио, песната е готова и деновиве снимам видеоспот, а во октомври следува промоција. Во меѓувреме следува еден интересен проект и повторно нешто ново, комбинација од старо и ново… Одморена сум, што за мене е најважно. Периодов следуваат многу нови проекти со кои ќе ја израдувам мојата публика. Нови проекти, песни, можеби дует… Но да не откривам сега сè, ќе се дружиме во периодов кој следува со Вас (новинарите), вашите читатели и мојата публика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот