ИНТЕРВЈУ Димитар Ѓорѓиев: Кикбоксот е предизвикувачки, само упорни и ќе дојде резултатот!

„Слободен печат“ направи интервју со македонскиот кикбоксер Димитар Ѓорѓиев кој има три последователни златни медали од светски шампионати во својата кариера.

Во изминатиот период во дисциплината киклајт настапи во Анталија каде што се закити со бронза, а на СП во Турција учествуваа и неговите репрезентативни колеги Климент Гроздановски (бронза) и Стефан Михајловски.

Во категоријата -84 кг. триумфираше со 3:0 против Емануел Шмолек (Унгарија), со истиот резултат беше подобар од Австриецот Михаел Голоб, а со 2:1 загуби од Един Вучељ (Босна и Херцеговина). Бронзен беше и Италијанецот Рубен Борело.

фото:фејсбук

Воедно дознајте колку време тренира, која беше неговата мотивација, дали доволно се вложува во оваа боречка вештина, што е потребно да го краси спортистот за да оствари забележителен успех, сето тоа прочитајте во продолжение.

Колку време тренирате кик бокс, за кој клуб, и колкав период сте дел од македонската репрезентација?

– Околу 13 години тренирам кикбокс, без паузи поголеми од 10 дена. Започнав во мојот роден град во кикбокс клубот „Гладијатор“ кој сеуште постои и имам одлична соработка, мојот втор клуб после неготинскиот е КБК „Работнички Адора“ во кој сум и тренер и се натпреварувам за него од 2018 година. Во кикбокс репрезентацијата сум од 2010 година.

Што ве мотивираше да бидете дел од оваа боречка вештина?

– Сеуште не знам, едноставно пробав и ми се допаѓаше. Кикбоксот како спорт е предизвикувачки и интересен, има многу адреналин, па можеби и заради тоа.

Настапивте на Светското првенство во Анталија каде што освоивте бронзен медал, кажете ни нешто повеќе од овој настан?

– Светското првенство кое се одржа во Анталија, се организира еднаш на две години. Доаѓаат државните прваци во своите категории. Секоја држава си ги носи своите фаворити и е најбитното првенство за нас.

Кои се вашите најголеми досегашни успеси на домашната и меѓународната сцена годинава и севкупно во минатото?

– Најбитни ми се трите последователни златни медали од светските првенства во 2011, 2013 и 2015 година. Ланското злато од Европското првенство и нормално златните медали од меѓународните купови.

Дали и колку според вас кик боксот се цени и вреднува во нашата земја. Дали самите натпреварувачи имаат доволно центри, сали, услови за тренирање, дали доволно се вложува со цел овој спорт уште повеќе да се промовира?

– Нормално дека секогаш може и повеќе. Според вложеното ние имаме одлични резултати, среќен сум што сè повеќе кикбоксот си го зазема местото каде што припаѓа и го добива позитивното внимание, салите и спортските центри ќе си дојдат, само доколку работиме напорно. Јас имав таква среќа да добијам огромна поддршка за формирање на професионален кикбокс центар, се надевам во иднина ќе има многу такви во Македонија.

Што треба да го краси човекот, од физички и психички аспект, здравствено и со исхрана, за да успее во намерата да оствари добар резултат и биде дел од победничкиот подиум во кик боксот?

– За добар резултат според мене треба спортистот да биде упорен, да не пропушта тренинзи и да вежба затоа што тој лично сака, не за да живее туѓ сон. Нормално резултатот ќе дојде, кај едни порано, кај други подоцна.

По што најмногу ќе ја паметите 2019 година и кои се вашите желби за во 2020-та на личен и професионален план?

– Најважен момент во 2019 ми е првиот голем настап на мојот клуб на меѓународниот турнир во Ниш, имавме 10 натпреварувачи и сите прикажаа одлични борби. Пресреќен сум што имам таков тим до мене. Нормално бронзата од Светско првенство не е слаб резултат, но тоа веќе сум го искусил. За во 2020 година би посакал здравје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот