ИНТЕРВЈУ Дејвид Гир, шеф на делегацијата на ЕУ во Скопје: Фокусирајте се на реформите, не на иницијативи и референдуми

Дејвид Гир - ЕУ амбасадор во РМ / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Пристапниот процес во ЕУ не може да биде проект на една влада или една политичка партија бидејќи за него треба време, ќе трае. И ќе го поминат различни влади. Такво е искуството на сите земји, вели евроамбасадорот Дејвид Гир во интервјуто за „Слободен печат”.

l Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен доаѓа оваа недела во Скопје. Што да очекуваме од неа, во фокусот ќе биде евроинтеграцијата или енергетската криза?

– Претседателката Фон дер Лајен доаѓа во посета на регионот и ова е дел од нејзиниот континуиран ангажман околу Западен Балкан кој се смета за партнер на Унијата. Посетата ќе биде пред сѐ за евроинтеграцијата, сега кога ги почнавме преговорите, и се разбира за енергијата за што веќе расправаше Европскиот совет.

l ЕУ на последниот Совет постигна консензус за ограничување на целите на енергијата, но лидерите ќе продолжат да разговараат за тоа. Кога може да очекуваме нешто конкретно?

– Пред неколку дена имаше согласност за акциски план за преземање различни мерки и Комисијата ќе продолжи и понатаму да работи на некои од овие прашања. Едно од поголемите прашања во однос на цената е решено и нормално е дискусиите да продолжат интензивно. Она што треба да го направиме, она што го правиме е да ги увериме партнерите овде дека се дел од дискусиите во ЕУ, а ургентноста ја разбираат сите.

L Во однос на евроинтегративните пораки, во извештајот на ЕК стои дека пристапниот процес и спроведувањето на реформите мора да биде национален проект. Како да се направат реформите во владеење на правото, судството, борбата против корупцијата, јавната администрација, ако пратениците не можат да се согласат, на пример, за уставните судии?

– Има многу прашања во врска со тоа. Прво, сега кога земјата е преговарач има големи можности и одговорности, па и интензивна потреба од вистински напредок на реформската агенда. Земјата треба да ги спроведе реформите зашто тоа е патот кон ЕУ и најбрзата и единствена рута за приклучување. Извештајот покажува каде има слабости и што треба да се направи, но и каде има напредок. Во основа, во многу области има ограничен или слаб напредок и се повикува на натамошен напредок. Секако, пристапниот процес треба да биде, мора да биде национален проект. Не може да биде проект само на Владата, мора да се вклучат сите институции – Парламентот, граѓанскиот сектор и бизнисот.

L Кога го споменавте Парламентот, во извештајот конкретно се изразува жалење за фактот дека таму има поларизација што блокира одреден број закони. Во основа се наведува дека реформската агенда е од национален интерес, на сите политички играчи и затоа треба да застанат заедно и да одат напред со реформите.

– Парламентот е „критичен”, но не е единствен. Има многу работи што треба да ги направат другите. Реформа на јавната администрација, судството… Има работи што може да ги направи Владата, но има работи што треба да ги направи Парламентот и некои целото општество. Добрата вест е дека преговорите почнаа, но скринингот кој е во тек треба да оди паралелно со реформите.

L Како да се надмине оваа поларизација? Еве Вие велите дека преговорите почнале, тоа го вели и власта, а опозицијата вели дека не почнале. И тоа е поларизација.

– Нема сомневање, процесот почна. Но поважно е дека по скринингот имаме уште долг пат за одење. Многу работи треба да се направат и треба да има консензус, а консензусот треба да дојде од политичките тели. Тоа не значи дека не треба да има опозиција. Се разбира дека треба. Но, моторот за пристапниот процес треба да биде воден од политичките сили. Не може да биде проект на една влада или една политичка партија бидејќи за него треба време, ќе трае. И ќе го поминат различни влади. Такво е искуството на сите земји.

Дејвид Гир – ЕУ амбасадор во РМ / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

L Без оглед колку реформи ќе направиме, ако уставните измени не поминат до наредната година, сѐ паѓа во вода, мислам во однос на пристапниот процес. Зборувате ли со политичките партии за уставните измени и очекувате ли да ги усвојат?

– Не би рекол дека сѐ паѓа во вода, но имаше согласност за измена на Уставот и ако тоа се случи, земјата ќе премине во наредна фаза на крајот на скрининг процесот. Очекуваме дека така ќе биде, а ако не се случи, очекувам дека процесот ќе запре таму. Важно е дека нема вето, сѐ е во рацете на оваа земја. Земјава има добро досие за меѓуетнички односи и предложените измени ќе го зајакнат. Среќни сме да зборуваме со сите за реформите и за уставните измени. Се разбира, тоа е суверена одлука на државата, но фокусот треба да биде повеќе на другите реформи отколку на иницијативите како што е да не се прифатат уставните измени или референдумот. Политичките тела треба да ја преземат својата одговорност ако стратешката цел на земјата е да оди напред и да се приклучи на ЕУ.

L Верувам дека ги следите изјавите на бугарските политичари и членови на ЕП кои се интензивираа во изминатиот период, вклучително изјавите на Џамбаски, Ковачев и на пратеникот Костадинов. Како вие реагирате на овие изјави?

– Пред сѐ, да кажам дека го видов соопштението од бугарското МНР за изјавите на Џамбаски дека не го рефлектираат ставот на бугарската Влада и повика на воздржување од ваков говор. Како дипломат нема да коментирам изјави на одделни политичари, но велам дека обврска на секого во јавниот живот во ваква ситуација е да промовира позитивни односи меѓу луѓето, позитивен однос меѓу двете земји и тоа е обврска на сите нас. Што се однесува до изјавата на пратеникот Костадинов, секогаш ќе има луѓе кои јавно ќе даваат изјави кои не се продуктивни, не помагаат за добри соседски односи. Некогаш изјавите може да помагаат некогаш да бидат многу навредливи. Но важно е дека сите ние правиме сѐ што можеме и во сечиј интерес да видиме позитивни односи.

Дејвид Гир – ЕУ амбасадор во РМ / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

L Што може ЕУ да направи да го надминеме спорот со Бугарија, бидејќи ги помина границите на билатерален спор?

– Мислам дека двете земји направија нешто важно, го имаат Договорот за соработка, покажаа дека можат да соработуваат на голем број прашања и веќе се зафатија со некои тешки прашања. Тоа е позитивен развој, билатерални контакти и канали кои треба да продолжат. И не е на ЕУ да се вклучува во тој билатерален однос. Целиот интегративен процес е голема помош за градење добрососедски односи, ние помагаме од наши фондови за подобрување на прекуграничната соработка, но значајна е билатералата меѓу двете земји.

L Се помина ли границата со отворањето клубови и здруженија со имиња на соработници на фашизмот?

Многу луѓе ме прашуваат за тоа и, разбирам, луѓето се загрижени. Но, генерално оваа земја има добро досие за односите меѓу заедниците. Второ, важно е правата на различните заедници да се почитуваат во согласност со меѓународните закони. Во исто време треба секој да го почитува достоинството на другите и да има меѓусебно разбирање. Значи треба да се почитуваат правата на другите, но заедно треба да промовираат меѓусебно разбирање, а не поделби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот