ИНТЕРВЈУ Бујар Османи: Најдобро за државата е да продолжи да владее актуелната влада

бујар османи
Бујар Османи, министер за надворешни работи/ Фото: Слободен печат

Дестабилизирањето на Владата во овој момент, вклучувајќи и промена на премиерот, ќе ја отвори Пандорината кутија со голема неизвесност дали ќе се успее навреме и дали ќе може воопшто да се обезбеди повторно стабилност на Владата која ќе се справи со предизвиците и можностите.

Во моментов најдобра алтернатива за државата е да продолжи да владее актуелната влада на чело со премиерот Зоран Заев, вели Бујар Османи, министер за надворешни работи и висок функционер на коалицискиот партнер во Владата ДУИ, во интервјуто за „Слободен печат“, од кое денеска објавуваме еден дел, а остатокот в понеделник.

Коалициските партнери очекуваат премиерот да ја повлече најавената оставка во интерес на граѓаните и државата.

– Во декември земјата има историска можност да ги почне преговорите за членство во ЕУ и затоа во овој момент не е потребна неизвесност со избор на нова влада или предвремени парламентарни избори – вели Османи.

По изборите рековте дека граѓаните имаат потреба од стабилност и предвидливост, критикувајќи ја оставката на премиерот Заев. Од друга страна, неговите политики, односно политиката на СДСМ на овие избори не добија потврда од мнозинството гласачи.

– Не се согласувам со оценката дека политиките на Владата не добиле поддршка на овие избори. Се гласаше на локални избори. Не знаеме дали не биле избрани кандидатите или политиките на централната власт. И да е така, погледнете ги гласовите, владината коалиција има многу повеќе гласови од опозицијата. Од двата аспекти воопшто не е доведен во прашање кредибилитетот на оваа Влада. Разбирам дека премиерот внесе нов етички критериум, нов стандард во политичкото делување. Но, на вагата треба да се стават новите етички стандарди и предизвиците пред кои се наоѓа државата. Треба да биде пресудна одговорноста што секој од нас како политичар ја има кон граѓаните и државата. Дестабилизирањето на Владата во овој момент, вклучувајќи и промена на премиерот, ќе ја отвори Пандорината кутија со голема неизвесност дали ќе се успее навреме и дали ќе може воопшто да се обезбеди повторно стабилност на Владата која ќе се справи со предизвиците и можностите. Предизвиците се сериозни, ние сме во ек на пандемија, пред голема енергетска криза и пред историска можност во декември да ги почнеме преговорите за членство со ЕУ, со сите ризици што ги носи непочнувањето на преговорите и можноста за одвојување на Албанија. Кога ќе се поставите како политичар кон тоа што може да се случи со државата и кон предизвикот за внесување нови етички стандарди, треба да се избере интересот на граѓаните, а не она што го чувствувате во моментот.

Но нема сигнали дека Заев ќе ја повлече оставката. Почнавте ли да разговарате во коалицијата за натамошната разврска?

– Не само ние, сите коалициски партнери беа едногласни, дека дестабилизирањето на Владата во услови кога нема јасна алтернатива не е добро. Опозицијата ниту има можност, ниту бројки, ниту волја, ниту капацитет да преземе одговорност. Во услови кога немате таква алтернатива, секое дестабилизирање е создавање проблем без идеја како понатаму. Тоа е сериозно неодговорно кон граѓаните и државата. Коалициските партнери беа едногласни дека тоа не треба да се случи и дека одговорноста е на сите нас – да бидеме сериозни кон моментот во кој се наоѓаме. Ние ќе продолжиме да комуницираме со ставот дека во моментов не гледаме излезна алтернатива, освен да продолжи да функционира оваа Влада.

Ако премиерот опстои на одлуката да поднесе оставка, кои ќе бидат позициите на ДУИ во разговорите со идниот мандатар и дали ќе инсистирате да ги задржите истите ресори?

– Кога имате одговорност, размислувате за повеќе опции – опција еден, опција два, три итн. Во овој случај, ние засега не гледаме опција два и затоа сме фокусирани на успех на првата опција, а тоа е продолжување на овој состав. Доколку имаме изгледна втора опција, која е во можност да одговори на предизвиците, се разбира тогаш ќе почнеме да ги споредуваме опциите. Во моментов, не само ние, сите коалициски партнери не гледаат втора опција и во такви услови не треба да експериментирате, туку да ги исцрпите сите можности на првата опција.

 

Видео на денот