Интервју Бојан Миовски: Да ги браните боите на македонската репрезентација е нешто многу значајно!

Секоја околност не треба да биде пречка, тука само мотивација за поголем успех, вели играчот на унгарски МТК, Миовски.

Годината на фудбалски план ја прославуваме со историски успех на македонската сениорска репрезентација и пласманот на Европското првенство, прво во историјата за нас во сениорска конкуренција.

Но, секако не треба да се заборави и фактот дека и нашата млада У21 селекција со сите сили предводени од селекторот Благоја Милевски се бореа годинава за учество на нов континентален собир. Иако целта не е остварена, второто место во евроквалификациите зад Шпанија, а пред Израел, Казахстан, Фарски острови и Црна Гора, ветува дека имаме иднина на која можеме да сметаме, и секако голем поттик кон уште подобри резултати пред наредните предизвици.

На тоа се надева и верува нашиот фудбалер Бојан Миовски, роден во Штип (21), кој до сега ги бранеше боите на младата У21 репрезентација, играше, помогна со сиот свој максимум, придонесе со погодок во последниот триумф во Скопје против Црногорците во Скопје (2:1).

На клупски план е задоволен од неговите настапи во унгарскиот клуб МТК Будимпешта кој бележи одлични резултати во шампионатот, неговиот учинок досегашен сезонава е пет гола од осум настапи. Претходно играчот беше дел уште од Ренова, Македонија ЃП, Работнички и Брегалница Штип.

За У21 селекцијата, големиот резултат на сениорите во Лигата на нации, желбите за во наредниот период, повеќе прочитајте во интервјуто на Миовски за веб изданието на „Слободен печат“ во продолжение.

Беше дел од една надежна У21 генерација, помогна за доброто на младата репрезентација, кои се твоите впечатоци од настапите со тимските колеги?

– У21 е доста квалитетна и добра репрезентација, навистина ми беше чест што имав можност да помогнам и да бидам дел од нив. За жал, не успеавме да се квалификуваме на Европско првенство имако имаме доста квалитет, едноставно среќата не беше овој пат на нашата страна.

Имавте доста успешен квалификациски циклус, второ место, веруваш ли дека имаме во најава одлична фудбалска иднина?

– Второто место е сепак успех за млада репрезентација со оглед на тоа дека живееме во време на пандемија секој успех е многу значаен особено за млад фудбалер. Инаку верувам многу дека ќе имаме блескава иднина и многу ќе се зборува за успесите на македонската репрезентација.





Сигурно со големо внимание ги гледаше и настапите на сениорите кои успеја да остварат голем успех, пласман на Европско првенство, едно твое видување..

– Пласманот на Европското првенство е најголемиот успех за фудбалерите исто така и за сите љубители на фудбалот, тоа беше момент кој секој ќе го памти и ќе се секава дека и Македонија била дел од најдобрите во Европа.

Играч на унгарскиот фудбалски клуб МТК, колку си задоволен од досегашните настапи, тимот има четири победи од последните пет меча во шампионатот. Моментно на четвртото место на табелата со 18 бодови, пет помалку зад водечкиот Ференцварош.

– Мислам дека и позадоволен во моментот и не можам да бидам, пресреќен сум за секој успех на мојот клуб како и за секој постигнат погодок кој придонел за доброто на клубот. Ќе се трудам да дадам и понатаму сè од себе за овој клуб.

Здравјето како и секогаш е приоритет, кои се твоите желби до крајот на годината и секако за наредната, да се надеваме дека ќе те гледаме и во А репрезентацијата…

– Здравјето во овој период е најважно, желбите до крајот на годината и во иднина ми се секако што повеке успешни настапи, повеќе постигнати голови и успеси на тимски план. Настап за А репрезентацијата е сон на секој фудбалер, да ги брани боите на својата држава е нешто многу значајно.

И за крај што според тебе треба да го краси еден фудбалер, воопшто спортист за на крајот од натпреварот, борбата, да верува во успех, на добар резултат?

– Еден спортист пред сè треба да биде трпелив, да верува во себе и својот квалитет, секоја околност не треба да биде пречка, тука само мотивација за поголем успех.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот