ИНТЕРВЈУ | Бојан Ковски, бодипејнтер: Фасцинацијата со човековото тело секогаш била најголем дел во моето творештво

бојан ковски
Фото: Принтскрин / Instagram

Бодипеинтингот е една од најстарите форми на уметност и украсување на телото, создадена пред се за религиозни и ритуални цели уште од почетокот на цивилизацијата. За разлика од тетоважите кои се трајни, овој начин на украсување на телото и лицето е привремен и трае од неколку часа до неколку дена.

Современото пак сликање на телото започнува во 1960-тите, заедно со либерализацијата на односот на западната цивилизација кон голото тело, и до ден-денес постигнува  голема популарност, но и важност во светот на уметноста и комерцијалните „привремени тетоважи.

Од пред пет години оваа интригантна техника кај нас нагласено ја актуализира младиот академски уметник Бојан Ковски, како свој посебен интерес . А колку за тоа време се има “избрусено“ во овој специфичен уметнички израз имавме можност да се увериме на неговата изложба во МКЦ непосредно пред крајот на минатата година.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KOVSKI (@artbykovski)

Како кога и зошто се појави идејата за овој вид на ликовно изразување?

Јас запловев во водите на уметност врз човечко тело многу спонтано, работам фигурација, најчесто актови токму поради мојата работа со тела бев инспириран телото да го искористам како платно. Да се работи на нечие тело е многу поразлично од работа на плоча, самото тело има своја флуидност и форма која што дава целосно нов поглед на изразувањето.

Почетоците беа прилично тешки затоа што ни јас самиот не знаев што правам, но за се што правиме е потребно учење и искуство за да стигнеме до некој степен на знаење па и тогаш е потребно доусовршување. Техниката се учи и менува со текот на времето како процес на развојот на еден автор, а клучните работи се посветеноста на тоа што го правиме и инспирацијата која што не движи кон успехот а тоа се работи на кои што никој не може да не научи туку мораме да ги стекнеме самите.

Во моите почетоци работев со обичен акрил и тоа беше предизвик колку за мене толку и за моделите да ја симнат бојата од нив, но со тек на времето како што се развивав јас и како што учев и можев да си дозволам поквалитетна изработка, дојдов до степен да работам со професионални бои за сликање на тело кои целосно го сменија и изгледот на моите дела.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KOVSKI (@artbykovski)

Колку блискоста на тематиката(наклонетоста кон актот, фасцинацијта со човекото тело) која ја милуваш и негуваш од почеток, имаше улога во превземање на предизвикот?

Фасцинацијата со човековото тело секогаш била најголем дел во моето творештво и она што го негувам како тема. Сликањето на човечко тело ми даде дополнителна слобода и ми овозможи да гледам на еден поинаков начин кон истото а воедно да избегам од стандардниот приказ на телото и да стремам да биде поинакво иако формата е иста. Предизвикот беше баш оттргнувањето од стандардот и она за што нашето око е навикнато да го гледа и впуштање кон надреалното и фантазијата за тоа како нештото може да биде претставено во нов дух да даде нова идеа нов живот без притоа да ја изгуби формата и деликатноста на човековото тело. Тој предизвик сеуште го имам и ми е главниот проблем околу кој што творам, иако идејата за модифицирање на телото и барање на нова форма станува се по зачестена желба и идеа во самиот процес.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KOVSKI (@artbykovski)

Дали интригата дека помеѓу голото тело и набљудувачот единствено е бојата ја прави оваа сликарска техника поатрактивна од останатите?

Сметам дека самата метаморфоза односно преодот од стандардниот во уникатниот приказ на едно тело ја прави оваа интрига во очите на набљудувачот. Атрактивноста доаѓа од интересот за тоа што/како/зошто делото изгледа така, од кај доаѓа идејата и што истата претставува. Претставување на едно тело кое навидум е голо, но истовремено е целосно покриено е една визуелна игра која многу луѓе не ја разбираат но сепак се заинтересирани за истата, овој факт ја прави оваа уметност релевантна и потребна за очите на гледачот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KOVSKI (@artbykovski)

На кој начин настанува конкретната изведба, ја инспирира конкретно тело или замислата инспирира одредено целно тело?

Инспирацијата и идеите колку од мојот приватен живот доаѓаат и од теми коишто гледајќи низ призмата на градење на човечката мисла, се едни од главните на коишто се темели модерното општество, минатото и иднината во која живееме, тоа се идеалите кои што јас како автор сакам да ги претставам пред мојата публика. Во моите дела, без разлика дали на тело или на платно, митологијата поврзана со човековите чувства има за цел да зборува и да пренесе порака на гледачот, не мојата порака која што јас ја имам пренесено на сликата и себе си творејќи ја, туку пораката која што гледачот ќе ја види за себе, она што спојот на неговите чувства и ум при гледање на сликата ќе го создадат како приказна за неговото доживување.

Идеите и инспирацијата си доаѓаат одвнатре, секој во себе носи своја мисла, свој стил и свој вкус, дефинирањето на истиот зависи од поединецот и од средината во која што делува, не можам да кажам дека нешто конкретно постои како визија за бодипејнтот на Ковски, посоодветно би било дека се досега ме доведе до тука, а за натаму стиловите се менуваат, сензибилитетот се менува па ќе видиме како и јас ќе се развивам во иднина и ова мисла ми прави да се радувам за тоа што ќе направам понатаму.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KOVSKI (@artbykovski)

Колкава е разликата, посебната специфика која го одвојува бодипејтингот од сите останати сликарски подлоги?

Јас работам фигурација, најчесто актови токму поради мојата работа со тела бев инспириран телото да го искористам како платно. Да се работи на нечие тело е многу поразлично од работа на плоха, самото тело има своја флуидност и форма која што дава целосно нов поглед на изразувањето. Секој детал и секој момент кој го нанесуваш на телото од секој агол изгледа различно, а воедно и со движењето сета боја што е нанесена се обликува во различни форми кои взаемно со аголот, движењето и самата форма на телото формираат една целина која за мене е целата убавина на оваа уметност и најголемиот предизвик но најважно од се е она што мене ме прави среќен.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KOVSKI (@artbykovski)

Со оглед на целата специфика заради нејзината употребна вредност( естрада. мода, перформанси) дали оваа техника ја приближува повеќе кон применета уметност повеќе од колку кон класичните уметности?

Оваа техника е една симбиоза на двете која што лично не можам да ја одделам на една или друга страна. Самото творење на еден ваков вид уметност е чекорење по една тенка линија којашто не ги пречекорува границите ниту на применета ниту на класичната уметност а воедно води уште една борба а тоа е на уметност и вулгарност.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KOVSKI (@artbykovski)

Кој бил најголемиот предизвик до сега во ова искуство?

Секое ново дело е нов предизвик и нов успех. Јас како автор живеам за предизвиците кои што мојата професија ми ги поставува, тие мене ме прават подобар и ми ја одржуваат желбата за раст во оваа насока.

За мене најголем предизвик сеуште е мојата конзистентност. Самиот натпревар со самиот себе и одржливоста на работа во оваа поле е борба со самиот себе на секој уметник, наидуваме на милиони пречки кои за да се пребродат треба да не се откажеме и покрај целиот притисок кој е ставен на нас. Конзистентна работа во едно поле кое што не секогаш е благодарно е многу исцрпувачка борба воглавном поради моментот дека ја немаме онаа сигурна зона каде знаеме што ќе се случи утре, од каде ќе живееме, како ќе бидеме прифатени или дали сме доволно добри. Овие прашања може да те направат или уништат како творец а посебно кога во она што го правиш си сам и немаш со што/кој да се натпреваруваш или да се огледаш.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KOVSKI (@artbykovski)

Зошто „Метаморфоза“?

Метаморфозата е биолошки процес низ кој поминуваат некои животни, особено инсекти и при тоа го менуваат однесувањето. Сите ја знаеме трансформацијата од ларва кон пеперутка и тој процес е бавен се додека не заврши сопственото оформување до зрелост за полет низ животот. Човековите метаморфози често се случуваат во сонот, но стануваат и желба за стварност, па така, низ само-конструкција се испреплетуваат во конечна слика на плуралното либидо.

Низ ,,редефиниција” на телото и создавање на ново суштество како од некоја друга планета, јас создавам и процес на провокација до гледачот, можеби тајната желба за трансформација – метаморфоза. Пајаковите конци, крлушките, природно мимикричните форми на одредени пеперутки се дел од човековото тело или обратно, телото станува искршена чаура и прекрасна пеперутка. Живите насликани скулптури се придвижуваат во бавни поместувања и така создаваат ненападен перформанс. Телото станува самиот објект на метаморфозата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KOVSKI (@artbykovski)

Колку овие пет години беа и лична и професионална метаморфоза?

Овие пет години поминаа во пет минути, иако јас самиот не можам ни да се препознам во тоа каков сум бил пред пет години. Времето за мене е многу релативна работа и не можам да го дефинирам како појава но затоа развојот од дело во дело го гледам како метаморфоза во мојот свет. Мојот личен развој е директно поврзан со професионалниот и сметам дека двата не можат еден без друг затоа би рекол дека овие пет години ме научија премногу и не доволно, секогаш може повеќе затоа имам поголеми очекувања од себе во наредните пет.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by KOVSKI (@artbykovski)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот