ИНТЕРВЈУ Александар Наумоски: Визијата за модерно и урбано Ѓорче веќе е реалност

Задоволен од досега сработеното, но и со ветување за реализација на зацртаните проекти, градоначалникот Александар Наумоски, како што самиот вели, роден ѓорчепетровец, во интервју за Слободен печат истакнува дека зад себе остава капитални проекти за сите генерации и дека општината прераснала во препознатлива и посакувана средина за живеење.

Се ближат локалните избори и крајот на Вашиот актуелен мандат. Што планирате да направите во овој период во Општина Ѓорче Петров?

– Без разлика на локалните избори и истекот на мандатот, продолжуваме со исто темпо како и досега. Планираме реализација на зацртаните проекти, од кои голем дел се капитални што веќе ги стартувавме. Донесовме развоен, добро балансиран буџет за 2021 година, со фокус на капитални инвестиции, системска функционалност и социјално-економска поддршка за справување со последиците од пандемијата. Интензивни се градежните активности за доградба на подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во Хром. Во зависност од финансиските средства се надеваме во меѓувреме и на изградба на училишна спортска сала во Хром – горлив проблем, кој имотно-правно долг период не беше решен. Стартувавме со доградба на училиштето „Тихомир Милошевски“ во Ново Село. Со одлична динамика се движи изградбата на најсовремената градинка во земјата во Волково и доградбата на три нови занимални на градинката „Детелинка“. Ѓорче Петров за првпат во историјата добива затворен базен. Во завршна фаза е реализацијата на Корзото. Целосно го променивме уличното осветлување со најсовремени штедливи лед светилки со што ја зголемивме безбедноста по улиците, а кражбите се намалени речиси на половина, според безбедносниот билтен на полицијата. Вложуваме многу и во спортот со што непрекинато помагаме на индивидуални спортисти и на клубовите во Ѓорче Петров.

За три години изградивме 40 километри канализација во руралниот и урбан дел. Веќе добивме средства од ТАВ програмата за фекална канализација во Орман и истовремено во тек е постапка за испитување на горните зони во Кучково за наоѓање вода за трајно решавање на водоводот. Деценискиот проблем во Стопански двор со одлевање на минерална вода од бушотината го решивме. Со проектот на Светска банка „Проект за поврзување на локални патишта“, кој се спроведува преку Министерството за транспорт и врски  следат темелни реконструкции на улиците „Антон Кецкаров“ и „Кузман Шапкарев“, а со новиот буџет планирани се реконструкции и на дополнителни 22 улици. За потсетување, досега реконструиравме скоро 40 километри пат. Планираме и натаму да продолжиме со изградба на нови урбани катчиња и подигнување нови зелени површини. Општината е една од четирите општини во земјата каде во изминатите две години се организираат јавни дискусии за креирање на буџетот и меѓу најтранспарентните општини за што добивме признанија од релевантни фактори. Ова е само дел од сработеното. Препознатливи сме по темпото на работа, остварените капитални инвестиции и реализираните 80 отсто од програмата од претходните локални избори. Планирам и натаму, заедно со мојот тим и Советот тој примат да го задржам на највисоко ниво.

Опозицијата Ве обвини дека, според планот за работа, за осум месеци во Општината треба да се донесат дури 25 детални урбанистички планови. Зошто толку брзање и зошто токму сега непосредно пред изборите?

Жалосно е за луѓе кои сакаат да бидат власт, особено локална, да не знаат дека во Ѓорче Петров има 20 ДУП кои се според ГУП, а тврдат дека треба да се донесат нови 25. Нивните функционери биле и членови на Советот на Општина Ѓорче Петров. Не можам да сфатам како на ваков начин можат да ја замајуваат јавноста. Со деталните урбанистички планови не се решаваат само инвестициите и приходите во општината, се решаваат и најгорливите имотно-правни односи кои ги имаат граѓаните во своите парцели. Ќе се овозможи изградба на нова инфраструктура, како и градби од јавен интерес, паркови и друго. Без тие ДУП-ови ќе остават нерешени имотно-правни наследени проблеми на нивните деца или внуци. Некој што не мислел со години, сега критикува, а истите тие функционери поднесуваат барања за зголемување на нивните градби.

Изминатиов период дел од граѓаните протестираа против урбано „дивеење“ во Ѓорче Петров и против изградба на висококатници во Јурија, во Хром, кај пазарот. Сметате ли дека во Ѓорче Петров постои урбанистички хаос и потребна ли е изградба на толку многу нови згради?

Формулацијата на ова прашање на одреден начин имплицира дека во општина Ѓорче Петров се донесуваат нови урбанистички планови заради „изградба на нови згради“, што апсолутно не е точно. Целта на новите урбанистички планови е претходно споменатото. Сите урбанистички планови се изработуваат согласно стратешките определби на општината, каде граѓаните се пред сѐ останато. Нудат плански развој на начин со кој се запазува хуманото живеење и се обезбедуваат соодветни простори како општо добро – паркови, зеленило, инфраструктура за опслужување на сите постојни и планирани содржини, но и нови училишта, градинки… Сите урбанистички планови се донесуваат со комплетно почитување на законски пропишаните постапки, со јавни анкети и со обезбедување мислења и согласности од сите релевантни институции.

Колку сте Вие задоволен од она што го сработивте во изминативе три и пол години? Можеше ли повеќе?

– Апсолутно. Задоволен сум, затоа што динамиката на работа веќе ни ја препознаваат, оставаме капитални проекти за сите генерации и не изоставивме ниту една сфера. Но, секогаш може подобро. Ова не е клише. Јас сум упорен во намерите и во приватниот и во професионалниот живот и она што сум го ветил ќе го остварам. Нормално е дека не може 100-процентно сѐ да се реализира, но задоволен сум што визијата за модерно и урбано Ѓорче што ја замисливме на претходните локални избори веќе е реалност. Се надевам дека ќе се најде начин политичките суети да се тргнат на страна да се донесе новиот закон за клиничкиот центар што треба да се гради во Веле Поле во Ѓорче Петров. Овој капитален проект многу ќе влијае врз идниот локален развој на општината.

Дали Ѓорче Петров во моментов е општина во каква што сакате да живеете? Што е она што најмногу ѝ недостасува?

– Со оглед на тоа какво Ѓорче затекнав, безидејност, ниту еден готов проект или проект во најава, празна каса, долгови и разочараност кај граѓаните, Ѓорче денес е сосема поинаква слика. Од општина којашто имам чувство дека беше запоставена во смисла на она што претставува урбано и некако често нѐ заобиколуваа, со гордост можам да кажам дека прераснавме во препознатлива и посакувана средина за живеење, благодарност на Советот и мојот тим. Со помош на централната власт реализирани се многу проекти. Ѓорче се урбанизираше и сега сме општина што потврдува дека е дел од метропола. Имаме уште работа. Имаме недовршени проекти кои сме ги ветиле, а дел од нив се веќе почнати. Во Ѓорче Петров следува нов бран на урбанизација и модернизација, напредок и реализација. Замислете, во општина во 21 век до пред неполни четири години во многу населени места жителите беа оставени без канализација, улично осветлување и се „давеа“ во кал по улиците. Да не зборуваме за капитални проекти. Воопшто немаше ниту најава. Во сегашноста, сликата е поинаква, позитивна и тоа се чувствува меѓу моите сограѓани. Јас сум роден ѓорчепетровец, ова е моето место за живеење и тука ми е сѐ. Како граѓанин, имам чувство дека општината е веќе на едно достојно ниво. Како градоначалник, ги уверувам граѓаните дека и натаму ќе се заложувам Ѓорче Петров да го унапредува модернистичкиот дух. Намерата е да ги задржиме граѓаните тука, а истовремено да привлечеме нови жители.

Ќе се кандидирате ли за втор мандат?

– Сите проекти што ги спроведовме во изминативе три години резултираа со засилен развој на сите населени места во општината. Убеден сум дека тоа е препознаено од нашите ѓорчепетровци и токму тоа е мојот најголем мотив да продолжам да работам посветено за Ѓорче и во следните четири години.

Во 2013 година се нафатив да бидам кандидат за да сменам нешто, а 2017 година дојде последователно на мојата претходна заложба да оставам белег како млад човек преку мојата општествена работа. Исто како и претходните години, принципот во СДСМ во правец на избор на кандидати е преку сондажи и анкети. Заради тоа, Ѓорче Петров ќе одлучи дали ќе бидам повторно кандидат. Функцијата градоначалник не ја доживувам како политичка привилегија и надменост, единствено како моја лична борба за поубаво Ѓорче. Целото мое семејство се има вложено во државата, моето воспитување е секогаш да помогнам на било кој. Печат на функцијата која ја носам се капиталните развојни проекти кои со мојот тим ги оставаме зад нас, а ќе бидат трајни вредности за Ѓорче и Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот