Илире Даути, Африм Гаши Фото: Слободен печат

Интерпелацијата, наместо правна, доби етничка димензија

Додека македонскиот политички блок чека нов предлог за претседател на Комисијата, за Европскиот фронт, на кој му припаѓа Даути, но и за владејачката Вреди и за собранискиот спикер, интерпелацијата не значи разрешување. Правните експерти се децидни албанскиот политички блок застанал во заштита не на правото, туку на етникумот.

Албанскиот политички блок во Собранието, на чело со претседателот на парламентот Африм Гаши, ја игнорира изгласаната недоверба кон претседателката на собраниската Комисија за социјална политика Илире Даути. Гаши остана на ставот дека интерпелацијата нема правно дејство и затоа не ја разрешува од функцијата, а требаше да ја извести Комисијата за избори и именување за изгласаната недоверба на Даути за да може пленумот да избере нов претседател.

И додека македонскиот политички блок чека нов предлог за претседател на Комисијата, за Европскиот фронт, на кој му припаѓа Даути, но и за владејачката Вреди и за собранискиот спикер, интерпелацијата не значи разрешување.
И покрај тоа што правните експерти се децидни дека по изгласана недоверба функционерот треба да замине, за жал, и интерпелацијата наместо правна, доби етничка димензија, односно албанскиот политички блок застана во заштита не на правото, туку на етникумот.

Иако се очекуваше по интерпелацијата на Даути, спикерот Гаши да го извести претседателот на Комисијата за избори и именувања Ѓорѓија Сајкоски за тој да свика седница на која Европскиот фронт треба да предложи нов претседател на местото на Даути, тој тоа не го сторил веќе четири дена. Гаши треба да прати известување со заклучокот од пленарната седница за интерпелациите, односно дека со мнозинство гласови е изгласана интерпелацијата.

Африм Гаши Фото: Собрание

– Како претседател на Собранието, мојата главна одговорност е да го почитувам и да го спроведувам Деловникот и процедурите на Собранието. Во овој контекст, интерпелацијата до претседателот на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, г-ѓа Илире Даути, беше спроведена во целосна согласност со Деловникот, законите и Уставот. Важно е да се напомене дека интерпелацијата, по својата природа, не носи правни последици или ефекти. Мојата улога како претседател заврши по завршувањето на процесот на интерпелација, како што се случи во случајот со интерпелацијата поднесена против мене пред неколку месеци. Прашањата какви што се разрешувања или оставки се процедури на Комисијата за прашања на избори и именувања, пратеничките групи или пратениците. До денес, не сум добил официјално известување за оставка од ниту еден претседател на Комисија. Од процедурална гледна точка, ова прашање е решено. Секое друго толкување освен ова е едноставно политичка реторика за дневна употреба и нема никаква правна основа, во која јас како претседател на Собранието нема да учествувам – изјави Гаши.

Македонскиот блок партии единствен

ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЗНАМ и Левица остануваат на ставот дека на Даути ѝ е изгласана недоверба и чекаат нов кандидат за претседател на работното тело.

– Не е важно кој поднел интерпелација и која била причината, важно е дали е прекршен Деловникот за работа на Собранието. Пратениците со гласање донесоа одлука дека е прекршен Деловникот. Од тој момент повеќе претседателката нема морален кредибилитет да ја води Комисијата. Никој не го оспорува правото на опозициската коалиција, предводена од ДУИ, да предложи нов претседател и сигурни сме дека коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица ќе го поддржат новиот предлог како што честопати ја координираат опозициската активност во Собранието – рече Миле Левков од ВМРО-ДПМНЕ.

Фото: Принтскрин

 

Но со ова не се согласува владиниот партнер Вреди. За Вреди, исто како и за Гаши, интерпелацијата нема правно дејство.

И Вреди со ист став како Гаши

– За оваа проблематика се изјасни претседателот на Собранието Гаши и таму беше наведено дека според Деловникот, иако беше изгласана интерпелација за Даути, таа нема да биде разрешена. За разрешување на Даути треба да се води друга постапка. Не дека ние ја штитиме, туку го почитуваме Деловникот. Ако се изгласа интерпелација за кој било функционер, освен за Влада, интерпелацијата не подразбира автоматско разрешување. Ако се отвори постапка за разрешување, тоа е нова ситуација и за тоа сè уште немаме став – вели Дритон Сулејмани, портпарол на Вреди.

Дритон Сулејмани Фото: Принтскрин

Даути претходно со писмен допис веќе извести дека со прифатената интерпелација, таа е разрешена од претседателка на комисијата, односно дека ќе се повлече доколку мора да го спроведе заклучокот на Собранието, односно да закаже седница за законот за бранителите.

– Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од Левица и предложени како Заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила досега, слободно и независно. Секој граѓанин треба да биде таков, без разлика на различноста што ја имаме – вели Даути во писмената изјава.

Таа во гостување на телевизијата Алсат навести дека сака да ја стави на тест поддршката за неа од опонентот Вреди, кои не гласаа ниту за интерпелацијата, ниту за заклучокот од интерпелацијата. Според неа, ако Гаши и Вреди се искрени во поддршката, тогаш претседателот на Собранието треба да покрене иницијатива за поништување на заклучокот.

– Да ја тестираме Вреди дали се искрени во поддршката и бараат Илире Даути да биде претседател на Комисијата? Подготвена сум, но ако Африм Гаши свика пленарна седница и пратениците да гласаат за укинување заклучокот – вели Даути.

Илире Даути Фото: Принтскрин

Од подносителите на интерпелацијата Левица велат дека до крајот на неделата ќе чекаат Даути сама да се повлече, во спротивно до Комисијата за избори и именувања ќе достават предлог за нејзино разрешување.
За правниците нема дилема дека интерпелацијата на избрани и именувани функционери значи разрешување од функцијата. Како што веќе објавивме и експретседателот на Собранието Тито Петковски е дециден дека „интерпелацијата е инструмент на политичка контрола врз работата на Владата и на носителите на јавни функции кои одговараат пред Собранието и точка“. Петковски потенцира дека „ако се забошоти интерпелацијата на Даути, пратениците може да побараат интерпелација за претседателот на Собранието кој не може да ја префрла работата на некој друг. Тоа не е само неодговорно вршење на функцијата, туку и злоупотреба на функцијата“.

И професорката Мирјана Најчевска преку Фејсбук прашува дали во Собранието има правници.

„Како тоа интерпелацијата нема правно влијание? Собранието веќе не е највисокото законодавно тело? Некој друг ги бира претседателите на комисиите во Собранието освен Собранието? Тој што бира, тој и разрешува. Правото е логично. А ова е најелементарна логика. Ве молам, немој да тресете зелени за недоречености во Уставот и Деловникот.
Единствено недоречено што јас можам да го видам тоа е интелигенцијата на баграта која зазема раководни позиции“, напиша Најчевска.

Ќе го спаси ли Даути спикерот Гаши од нова интерпелација?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот