Интернационален проект „Патиштата на хероите“: Уметнички пристап кон социјалните и еколошките проблеми

Македонскиот народен театар како координатор ќе биде дел од интернационалниот проект „Патиштата на хероите“, во кој ќе бидат вклучени седум организации-партнери од шест држави. Заедничката идеја на партнерите во проектот „Патиштата на хероите“ е преку уметнички пристап да трагаат по одговори за проблемите со социјалната апатија и отсуството на делување, да понудат начини за справување со нив, притоа фокусирајќи се на најзагрижувачкото прашање за кое е потребно дејствување и тоа веднаш, а тоа е околината. Постојат голем број поединци кои веќе дејствуваат за доброто на заедницата, но не се доволно видливи. Проектот ќе им придаде поголемо значење и ќе ги сподели нивните приказни со цел да се инспирираат самите заедници да трагаат по сопствените „патишта на хероите“.

– Инспирирани од драмата „Народен непријател“ на Ибзен, којашто го истражува влијанието на поединецот врз заедницата и обратно, нашиот главен интерес е да ги доближиме приказните на овие таинствени херои до меѓународната публика. За таа цел ќе ги искористиме добро познатите медиуми за комуникација: театар, видеа, претстави на отворено, изложби, илустрирани книги за деца и онлајн кампањи. Преку оддавање признание на сите таинствени херои што ги градат нашите заедници, се надеваме дека „Патиштата на хероите“ ќе предизвикаат чувство на припадност, отсекогаш многу битно за идентитетот на личноста. Преку воспоставување креативен екосистем во кој сите активности имаат влијание една врз друга, а разликите помеѓу уметничките дисциплини се нејасни/минимални, проектот ќе вклучи најразновидни изразни средства. Преведувањето на темите од еден во друг медиум ќе придонесе за формирање на нивоа и многу нови аспекти за сегашното перципирање на нашата планета – истакнуваат од МНТ.

Движечка сила на проектот ќе претставуваат примерите на добри еколошки практики – интервјуа со граѓани агенти од сите шест земји партнери. Овие приказни од реалниот живот ќе бидат реинтерпретирани преку претстава на отворено, продукција на Ибзеновиот „Народен непријател“, илустрирана книга за деца, работилница за креирање уметнички заедници и изложба. Одржливоста и влијанието врз животната средина на овие активности ќе ги следи експерт за животна средина со цел да предизвика себеотсликување и да инспирира пошироко сфаќање на односот човек-околина меѓу учесниците во проектот.

„Патиштата на хероите“ е проект на седум партнери што доаѓаат од шест земји. Координатор на проектот е Македонски народен театар од Скопје, Северна Македонија, а останатите партнери се: „La Dramaturgie“ од Италија, „Ехо анимато“ од Србија, „Loop“ од Грција, „Студио театар“ од Босна и Херцеговина, издавачката куќа „Гаврош“ од Северна Македонија и Студио за истражување на актерската уметност од Словенија, известија од Македонскиот народен театар.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 65, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 23-24 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот