Интернационалното графичко триенале е отворено во Офицерскиот дом во Битола

Гран-при награда за графичкиот уметник Леонардо Готлиб

Во Свечената сала на Офицерскиот дом – КИЦ Битола на 9 октомври беше отворено 11. Интернационално графичко триенале Битола, на кое беа пријавени над 800 дела на автори од целиот свет.

Триеналето свечено го отвори градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, а говореа и Амбасадорот на Република Аргентина, Н.Е. Алехандро Мажер, на кој му беше доделено специјално признание за придонесот во графичкото творештво на неговата земја, како и константното и издржано присуство на авторите од Аргентина на самото триенале.

Специјално признание за Република Аргентина му беше врачено на Н.Е. Алехандро Мажер

Свое обраќање имаше и истакнатиот графичар Леонардо Готлиб, кој покрај освоеното Гран-при има и своја самостојна изложба во Битола.

Свое учество на самата манифестација пријавија 145 држави и околу 800 уметници, со што во европски и светски размери, ова ликовно случување станува значајно и уникатно во придонесот на светската графичка мисла.

Раководителот и организатор на Графичкото триенале, Владо Ѓорески, повеќе од триесет години ја концепира, организира и оформува оваа значајна светска манифестација. За 11-то триенале, тој до уметниците достави и своевиден манифест за нејзиното понатамошно постоење. Во самиот манифест како повик за спас и ново пресоздавање, особено на ликовната уметност, Ѓорески истакнува неколку суштински констатации.

Уметнички директор на триеналето е Владо Ѓорески

– Опстанокот не е во манифестациите, туку она што тие го носат – како дар и светлост за човечкото спасување пред големиот потоп. Овој идеал и надеж, наречен 11-то триенале – создаде еден вид на бројни мостови кон сите континенти. Не за потенцирање и истакнување на одбрани и „привилегирани“ дела и центри, туку за присуство на автори од секаде во светот. Овој панорамски паноптикум докажува, покажува, потврдува, дека светот не е еднообразна насекаде иста баналност. Светот е бескрај на суштини, барање на смисла, разновидност, задлабочување во душевноста, емотивноста, мислата.

Човекот мора да се ослободи од сопствените замки, особено технички и глобалистички. Неговата хармонија е Љубов – заемна љубов со природата, со севкупноста низ кој се простира душата. Илјадници години човекот само зема сè што може од неговото опкружување – безмилосно уништување со вулгарно материјалистички опседнатости. Единствено, преку вистинската, искрената уметност и љубов, успева да даде некој дел од себе, да се даде затоа што сме овде не за да исчезнуваме во бесмислата што си ја создаваме, туку да сме дел од огромниот космички разум и љубов.

Ни претстојат не апокалиптични, туку потполни и целосни пустински исчезнувања. Создавањето, чувствувањето, ослушнувањето на крикот на душата, се последните делчиња што останаа од нас, некогаш опално проѕирни. Ќе не биде или не, не заради војни или самоуништувања, туку заради потполното оддалечување и отфрлање на сè од што сме составени, а тоа не е вештачката интелигенција или бесмислената конформистичка бесчувствителност заробена во студените лавиринти на апсурдните метрополи.

Да се создава уметност денес не е само донкихотство, тоа е храброст, да се биде, да се живее, да се постои во другите сфери. Наградите што ги доделуваме не се признанија на одбраните, туку прегратки за самооткажаните, за трагите што остануваат како небесни проблесоци, за вербата дека сè уште можеме да се вратиме од каде што сме дошле – истакнува Ѓорески.

Воедно, во тек е собирање видеозаписи од сите автори и создавање документарен филм со наслов „Графичарите на светот“.

Дел од триеналето, од декември до март идната година, ќе биде претставено во истакнати галерии на шест градови во Кина. Подготвен е и каталог со над 900 страници, којшто во електронска форма ќе биде дистрибуиран до учесниците, истакнати институции и центри во светот, како и неколку платформи за книги и каталози.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот