Интелектуалците денес: Махери за манипулација или совест на општеството?

данило коцевски

Жестоко е времето во кое што живееме денес. Интелектуалната клима во многу нешта е изменета и постојано се менува, со голема брзина и непредвидливост. Односот помеѓу политиката и интелектуалците секогаш бил барометар за состојбите во општеството. Така е и денес, можеби повеќе од кога било досега.

Пред неколку години направив една серија написи на оваа тема. Тогаш една од главните теми ми беше манипулираните интелектуалци, и кој е виновен за тоа. Политиката, главно партиите, ги манипулираа и привлекуваа интелектуалците кои и самите беа подложни на манипулација. И тие не ѝ остануваа должни на политиката, бидејќи односите помеѓу власта и интелигенцијата секогаш биле игра помеѓу мачката и глушецот.

Заседнаа на доминантните позиции

Денес, ситуацијата како да се измени за 360 степени, во една општа релативизација на вредностите и моралот (иако ниту тогаш ситуацијата не беше розова), еден голем дел од интелектуалците уште повеќе како да се засилија во обидот да завладеат со политичките процеси. Ризикувајќи го често својот морален интегритет. И не само тоа, наместо сосема да се искоренат, напротив, се продлабочуваа процесите на корупција и богатење. Наместо „јадни, невини и изманипулирани“, интелектуалците сѐ повеќе стануваа махери за манипулации, непочитувајќи ги ниту правото ниту институциите. Тоа е факт, и во голема мера одлика на денешните состојби, кои не се само од денес. Пливајќи како риби во вода во раслоените норми и форсирарањето на сомнителните вредности, тие заседнаа на доминантните позиции и од манипулирани и неснаодливи, станаа главни манипулатори на кои никој ништо не им може.

Но една подлабока социолошка и политичка анализа би покажала дека се изврши смена на еден тивок и само навидум безболен начин: квазиинтелектуалците кои, главно, ја користат политичката моќ и институциите, ги „заменија“ интелектуалците кои се повлекоа, станаа потивки и незабележителни. Затоа не е ни чудно што рекетот се јавува во ваква форма. Општиот релативизам и непочитување на вредностите и духовниот хаос кој владее, придонесоа да се изврши таквата нивелација, всушност го форсираше создавањето на една благо речено „симулакрум-интелегенција“ која прави што ќе посака и урива сѐ пред себе.

Се разбира, ваквите размислувања не се аподиктични и не пледираат на апсолутна вистина, туку се обид за анализа на состојбите во светот во кој живееме. И денес постои едно јадро интелектуалци кои сесрдно и искрено се залагаат да укажат на реалните состојби и менување на нештата. Но тука повторно се јавува еден проблем: нивниот глас е сѐ потивок, како да ја губи силата, и како да ја нема некогашната моќ. Се наметнуваат некои други негативни процеси. За среќа, постои една нова генерација од млади сили, кои со своите ставови често се присутни на интелектуалната сцена, но чиј глас допрва треба да ја добие неопходната моќ за духовни промени и ренесанса.

Да веруваме во иднината на таа ренесанса: некогашните луцидни и, главно, независни умови (иако политичките конотации се неизбежни), треба да го вратат влијанието и моќта на својот глас, а младите да освојуваат нови простори, свесни за опасностите од бројните симулакруми и идоли кои демнат. Колку и да сакаме да ја избегнеме иронијата, таа, сепак, е присутна: познатата синтагма дека интелектуалците се „совест на општеството“, денес, за жал, звучи толку многу далечно, па дури и смешно. Многу нејаснотии произлегуваат од постојниот хаос на вредностите.

Договор со ѓаволот

Приказната за власта и интелектуалците, за корупцијата и богатењето, дволичноста и непринципиелноста, уште еднаш нѐ потсетува на генијалната приказна за Петар Шлемил од Аделберт Шамисо, од првата половина на 19. век. Петар Шлемил ја изгубил својата сенка, својот идентитет заради парите. Всушност, ја продал за пари. Тој е човекот кој останал без својата сопствена сенка, изложен на презир и потсмев, но затоа го добил волшебното ќесе од кое можел постојано да црпе златници. Зошто му е сенката, зошто му е сопственото јас, зошто му е правдата и идентитетот, моралот и почитувањето, ако лесно и неочекувано може да стане богат? Петар Шлемил наскоро ќе се покае за својот договор со ѓаволот и продавањето на сопствената сенка, но враќањето назад е невозможно. Девизата на Петар Шлемил, кој ја продал својата сенка, гласи: „Кој не е сопственик барем на еден милион, тој е, простете ми на изразот, никаквец“.

Најмалку милион, во замена за чесноста и самопочитта, зашто мирисот на парите и златото неодоливо опива: „Започнав да извлекувам злато од ќесето, злато и злато, и постојано ново злато, го истурав по подот, газев по него, уживав во неговиот звук, хранејќи го своето сирото срце со неговиот блесок“.

Петар Шлемил ќе се покае, но веќе е доцна. Потрагата по загубената сенка е попуста. „Но ти пријателу мој, ако сакаш да живееш меѓу луѓето, научи се да ја цениш сопствената сенка, повеќе отколку парите“. Но нашите интелектуалци-шлемиловци, не размислуваат така, ниту им е важна сопствената сенка.

Точно е дека постмодерната епоха во која што живееме доведе до општа релативизација на разните концепти, погледи и сфаќања за светот. Тери Иглтон во својата книга „Постмодернизам“ (1997) укажува на опасноста од сеопштиот релативизам, Ѓани Ватимо во „Крајот на модерната“ (1985) зборува дека новото не е веќе идеал и вредност самото по себе, Деридината деконструкција ја поткопува стабилноста на знакот и вистината како метафизички концепт (1966), Волфган Велш во „Нашата постмодерна модерна“ (1993) зборува за постмодерната како радикален плуралитет и диверзитет, а за Манфред Франк револуцијата е еден вид – инволуција. Сепак, општата релативизација на вредностите и принципите имаат разни извори, и тие сигурно влијаат врз состојбите на духот. Но не треба директно да се поврзуваат со манипулациите, малверзациите на интелектуалните, квазиинтелектуалните и политичките елити. Со конјуктурата, корупцијата и рекетот кои сѐ повеќе земаат замав.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот