„Интек системи“ си ги зедоа принтерите од градските бараки, од Град Скопје тврдат дека си имаат свои

Фото: Слободен печат

Град Скопје остана без принтерите кои во изминативе две и пол години ги изнајмуваше од „Интек системи“. Денеска вработени од фирмата ги зедоа печатачите од градските бараки, ги натоварија во камион и ги однесоа, откако Градот предвреме го раскинал договорот за изнајмување. Така сега, според неофицијални информации, градската администрација функционира само со неколку принтери, кои се малку за службите непречено да си ја вршат својата работа.

Договорот за изнајмување и одржување на принтерите беше склучен во октомври 2019 година  со важност од три години, значи до октомври годинава. Во меѓувреме, на 6 мај, заврши рокот за поднесување понуди за новиот јавен повик, со малку изменети услови, во кој се предвидува новиот договор да биде склучен на 24 месеци. Кога тоа ќе се случи не се знае, со оглед на фактот дека во моментов тече евалуација на пристигнатите понуди, по што ќе следат и останатите законски рокови за жалби.

Град Скопје за непречено функционирање во работата има потреба од изнајмување на опрема за обезбедување на услуги за печатење, копирање и скенирање во период од 24 месеци со плаќање на месечен фиксен и варијабилен надоместок врз основа на извештај согласно бројот на отпечатени-копирани страни за дадениот месецсе вели во техничката спецификација на тендерот во кој е наведено и тоа дека уредите кои ќе се понудат треба да бидат нови, неупотребувани, при што нивното прво отпакување од амбалажата од производителот треба да биде во просториите на Град Скопје каде ќе бидат и инсталирани.

Градот бара за изнајмување 34 печатачи од неколку типови, за кои изнајмувањето ќе се плати од средства кои се обезбедени во Буџетот на Град Скопје, а проценетата вредност на предметната набавка изнесува 4.200.000 денари без ДДВ, односно 4.956.000 денари со вклучен ДДВ. Како што е наведено, договорниот орган, односно Град Скопје „има право да го исполни договорот и пред истекот на неговото времетраење, со исцрпување на проценетата вредност на набавката“.

Од Град Скопје остро ги демантираат информациите во јавноста тврдејќи дека станува збор за лажни вести за манипулација на јавноста.

Град Скопје поседува печатарска опрема во своја сопственост која активно се користи од страна на администрацијата. Од друга страна постои договор за изнајмено печатење за поголеми количини на материјал за кој поради недомаќинското работење на претходното рaководство во јавната набавка склучена во 2019 година исплаќани се повисоки средства во вредност од 30 отсто од проценета врeдност. Договорот е спогодбено раскинат од причина што финансиските средства се истрошени пред истекот на рокот на важноста на договорот. Новата јавна набавка за таков тип на печатење е во завршна фаза – велат од Град Скопје.

За денешното случување, во објава на Фејсбук се пошегува и ексградоначалникот Петре Шилегов .

 Ги тргнале принтерите од велосипедска..- напиша Шилегов.

Сепак, останува нејасно зошто ваква институција како што е Град Скопје, со години наназад не набавила принтери колку што има потреба, туку троши буџетски пари за нивно измајмување.

Видео на денот