Институтот за македонска литература при УКИМ со научна конференција одбележа два јубилеи

Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со дводневна меѓународна научна конференција што се одржа на 29 и 30 јуни на тема „Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура“ одбележа 40 години од своето основање и 100 години од раѓањето на Блаже Конески.

На пригодната свеченост во Куршумли-ан на 29 јуни присуствуваа видни гости, меѓу кои беа претседателот Стево Пендаровски, Ректорот на УКИМ – Никола Јанкуловски, заменик-министерот при МОН, Арафат Шабани, амбасадорот на Република Словачка Н.Е. Хенрик Маркуш, раководители и претставници на повеќе научни и културни установи, како и вработените и студентите на Институтот. Во своето поздравно обраќање претседателот Пендаровски ги акцентираше двата јубилеи – 40 години од основањето на Институтот и 100 години од раѓањето на Блаже Конески, додека преку богатата програма на конференцијата го посочи значењето и местото на Институтот за македонска литература во нашето општество.

– Да се има грижа кон книжевното културно наследство, да се негува меморијата за континуитетот на мислењето обликувано низ книжевните форми и записи, значи да се архивира секоја социо-културна специфика на едно национално милје, но, пред сѐ, значи да се има посебен однос кон сопствените корени. Многу одамна е јасно дека културите, нивната повеќезначност и слоевитост се рефлектираат низ наративите на книжевните записи кои остануваат релевантни за сите времиња. Богатството на културните идентитети најдобро може да се согледа низ мноштвото книжевни артикулации во светот, а низ тие артикулации се отсликува и развојот на јазичното богатство и наследство. Токму затоа не смееме ниту да помислиме да запреме со одговорното архивирање, но и со постојаното научно, креативно и критичко промислување на контекстите во кои е создавано книжевното културно наследство. Ако тој процес запре, бездруго ќе запре и идејата за творење како културен и општествен процес иманентен на луѓето – истакна претседателот Пендаровски.

Вработените во Институтот за македонска литература достоинствено го прославија двојниот јубилеј

Присутните гости ги поздрави директорката Маја Јакимовска-Тошиќ, која рече дека обемната програма на научната конференција е круна на активностите на Институтот. Дел од свеченоста беше и промоцијата на монографијата „Етичките и аксиолошките аспекти на литературата и културата на 20 и 21 век“, која беше претставена од Ана Мартиноска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 87, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 3-4 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот