Институциите тајно „ровареле“ во затворот ама не откриле кој копа тунел за бегство

Затворот во Идризово, Фото: МИА

Основното јавно обвинителство и полицијата истражуваат кои затвореници го копале тунелот во затворот „Идризово“ што беше откриен вчера, дали некој од затворската полиција или однадвор им помагал во плановите за бегство, колку време траела активноста за ископување на земјата и останатите детаљи што ќе доведат до расчистување на случајот и одговор на  сите прашања што се наметнуваат во врска со планираното спектакуларно бегство од најголемиот затвор во Македонија. Институциите не откриваат ништо повеќе од она што веќе беше соопштено во врска со пронајдениот тунел со образложение дека се води истрага, а детаљи за јавноста најавуваат откако истажната постапка ќе заврши.

– Дежурен јавен обвинител вчера направи увид на местото во затворот „Идризово“ и од страна на Основното јавно обвинителство се преземаат сите потребни дејствија за да се откријат сторителите, по што јавноста ќе биде известена – велат за „Слободен печат“ од ОЈО.

Слично денеска информираат и од Управата за извршување на санкции и од Министерството за внатрешни работи. Според полицијата, ископот во затворот е нов, копано е повеќе месеци, а ископаната земја се изнесувала со кофи.

– Полицијата заедно со Обвинителството работи на откривање на сторителите – вели портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

По откривањето на тунелот Владата го разреши директорот на затворот Шпенд Тахири, кој доаѓа од редовите на Алтернатива, која од скоро е во опозиција, а на неговото место го постави полицискиот генерал-мајор Зоран Јовановски.

 

Според она што досега беше изнесено како индиција или информација, тунелот го копале група затвореници, осуденици на високи затворски казни од над 10 години, до доживотен затвор. Работеле на смени, а за сопствена заштита од урушување на тунелот користеле греди и тули со кои ги потпирале страните на тунелот. Земјата ја изнесувале во кофи, а имале и електрично осветление, извлечено со кабел. Тунелот почнувал од место кое затворениците го користеле за шетање, а ископот речиси стигнал до заштитниот ѕид на затворот. Тунелот е долг околу 40 метри, широк околу 80 сантиметри.

Нејасно е како една ваква обемна и организирана активност со повеќе вклучени лица останала незабележана од затворската полиција и како успевале затворениците да излезат од своите келии и да копаат со часови, а нивното отсуство да не биде забележано од чуварите.

Уште повеќе се наметнува прашањето, ако полицијата и други безбедносни институции одреден период претходно вршеле засилени проверки на наводите дека се подготвува групно бегство од затворот, како тогаш го открија само тунелот, а не и кој го ископал.

Интересно, овој случај не е прв во Македонија од ваков вид. Поранешниот разузнувач Александар Диневски на „Фејсбук“ синоќа напиша дека сличен бид, ама успешен, имало пред половина век.

– Група затвореници, доброволно ангажирани во драмската секција во затворот, ископале тунел кој почнувал под бината во салата во која вежбале драма и излегле надвор преку високите ѕидини на затворот. Избеганите робијаши никогаш не биле пронајдени! – напиша Динев.

Под неговата објава поранешни затвореници од „Идризово“, пак, изнесоа сомнежи дека не се работи за ископан тунел за бегство, туку за дупка од распадната инфраструктура, од некоја стара цевка и дека веројатно некој се пикнал да види до каде оди дупката и се направила драма. Според поранешните затвореници, не е можно на посоченото место некој да копа, а никој да не види и да не ги пријави копачите, а особено е неможно некој таму да копа четири или пет месеци, како што се вели.

Портпаролот на МВР Тони Ангеловски вчера информираше дека МВР, Бирото за јавна безбедност во координација со Агенцијата за национална безбедност спречиле организирано бегство од „Идризово“.

– МВР по добиени криминалистички сознанија дека група од најмалку осум  осудени лица кои издржуваат казна затвор во КПД Идризово, осудени за сериозни кривични дела со определени казни од 10 години до доживотен затвор, подготвуваат бегство од затворот со копање на тунел, спроведе криминалистичко оперативни активности на проверка на информациите, по што ги сподели со Управата за извршување на санкциите. По доставувањето на сознанијата до Управата, од нивна страна се извршени проверки на местото кое беше посочено како потенцијален тунел, при што беше утврдено постоење на ископан тунел во должина од околу 40 метри, лоциран до објект кој се користел за одлагање на јаглен во правец на заштитната ограда позади која се наоѓа женското одделение, а во непосредна близина на зградата на затвореното одделение на затворот, на длабочина од околу еден метар, во дијаметар од околу 80 сантиметри, соодветно обезбеден со попречни греди и тули. Во тунелот се пронајдени повеќе пластични корпи на кои се врзани јажиња, а со кои се извлекувала ископаната земја и електричен кабел со сијалица која им служела за осветлување на тунелот – соопшти полицијата.

Верзијата на Управата за извршување на санкции е малку поинаква и според нивното соопштение во последните два месеци будно следеле што се случува во затворот.

– Управата во координација со КПД Идризово и со безбедносните органи, а врз основа на прибрани информации за безбедносната состојба во „Идризово“, кои индицираа сомнение дека осудени лица превземаат недозволени активности за да создадат услови за организирано бегство, во изминатиот период од два месеци го подигна степенот на безбедност со цел да се дојде до подетални информации и да се провери нивната веродостојност. Како резултат на овие активности, во кругот на затвореното одделение е детектирано потенцијалното место од каде би можело осудените лица да ги реализираат ваквите планови и таму беше дополнително зајакнато обезбедувањето. Од причина што се работи за стари објекти од тврда градба кои се вон употреба, по спроведена постапка за јавна набавка избрана е фирма со соодветна дејност за рушење на наведените објекти. Откако е постигната согласност со МВР да обезбеди асистенција при реализацијата, на ден 21.03.2023 година во 7 часот е пристапено кон рушење на детектираните објекти. Воедно се направени и повеќе ископи во кругот на одделението, при што е пронајден подземен недовршен тунел на потегот од објектите кои се рушат кон оградниот ѕид – соопшто меѓудругото Управата.

Од партијата Алтернатива, пак, денеска реагираа дека сменетиот директор, Тахири, кој е нивен кадар, е тој што го открил планот за бегство.

– Вчерашната акција во затворот „Идризово“, што резултираше со откривање на тунел кој бил копан долго време за бегство на затворениците, е токму резултат на ангажманот на директорот на затворот кој е од Алтернатива, Шпенд Тахири. Да се каже дека директорот е сменет како казна не само што е недолично, туку е и неблагодарно кон човекот кој до последниот ден на својата работа работел без ниту една афера. Токму благодарение на совесното менаџирање на затворската институција од страна на Тахири беа откриени, фатени и санкционирани безброј обиди за бегства и внесување на наркотични средства во затворскиот круг – велат меѓудругото од Алтернатива, без да споменат дека за време на директорувањето на нивниот директор во јануари се спектакуларното бегство на Беким Мемети при транспорт со затворско комбе, кога рани еден затворски чувар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот